1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: На мета се и новинари на ДВ

Даниел Белут | Синем Ездемир
9 јули 2019

Во актуелна студија на турската фондација СЕТА јавно се дискредитираат новинари на странски медиуми како ДВ и Би-Би-Си. Дојче веле и новинарските здруженија реагираат со осуда.

https://p.dw.com/p/3Ll2G
Symbolbild Pressefreiheit
Фотографија: Imago Images/blickwinkel

„Фондацијата за политички, економски и социјални истражувања", накратко СЕТА, има главно седиште во турскиот главен град Анкара. Тинк-тенкот важи за близок до владеачките структури. СЕТА сега објави нова студија. Насловот е: „Ширењето на меѓународни медиумски организации во Турција". Наводно треба да покаже каква слика за Турција се креира во странските медиуми. Особен акцент е ставен на известувањето за Турција од страна на турската програма на ДВ, како и од странскиот медиум Би-Би-Си на турски јазик, „ВОА“, Спутник Турција и Јуроњус. Анализата го критикува начинот на известување на овие медиуми за одредени настани во земјата во изминатите години. Тука се вбројуваат обидот за пуч во 2016, борбата против Курдската работничка партија ПКК, изградбата на новиот аеродром во Истанбул, економската криза и офанзивата на турската армија во Северна Сирија. Само на ДВ се посветени околу 30 страници од студијата, која повеќе наликува на обвинение.

На мета се и новинари на ДВ

Авторите на студијата притоа на мета ги ставаат лично и вработените на анализираните медиуми, со укажување на нивните биографии и со помош на делумно грешни или измислени податоци, односно информации кои очигледно без да ги проверат ги собрале од интернет. Меѓу нападнатите се и 15 уредници на ДВ. Меѓу другото се посочува и на Твитер-објавите на наведените новинари. Еден единствен твит на еден новинар кој отсликува став на опозицијата е за авторите на студијата доказ дека тие се под иста капа. Оној кој интервјуира новинар или политичар во турски затвор е обвинет дека е негов обожувач. Ако некој напише текст за влошувањето на економската состојба во Турција, му се префрла дека единствена цел му е да ја претстави турската влада во лошо светло. Фактите не се важат.

Christoph Jumpelt
Кристоф Јумпелт, ДВ: Тоа што се крие зад фасадата на научна студија е обид да се дискредитираат нашите новинари Фотографија: DW/M.Müller

Поранешните активности и објави на Твитер покажувале која „идеолошка ориентација ја застапуваат тие новинари", гласи обвинувањето. Еден од главните заклучоци во студијата е дека новинарите на наведените пет странски медиуми известувале еднострано и заземајќи страна против турската влада. Ним им се префрла блискост со прокурдската ХДП. Произволна клевета, со оглед на тоа дека партијата особено во исламско-конзервативни кругови, се смета за продолжена рака на забранетата курдска ПКК.

Портпаролот на ДВ, Кристоф Јумпелт, е огорчен и вели: „Секако дека меѓународна медиумска куќа како ДВ мора да прима и критика. Но, тоа што овде се крие зад фасадата на научна студија е обид да се дискредитираат нашите новинари и да се стават на мета. Тоа е неприфатливо. Ги отфрламе наведените обвинувања. ДВ секако и натаму ќе известува за развојот на ситуацијата во Турција објективно и базирано на факти.“

Новинарските здруженија се огорчени

Со огроченост на студијата на СЕТА реагираа и турските новинарски здруженија. Особено алармантно било што студијата со намера го става фокусот на поединечни новинари и ги етикетира.

„Шпионскиот извештај е црна дамка во нашата историја", ја оценува студијата новинарското здружение "Чагдаш газетецилер дернеги". „Ако на кој било од овие новинари нешто му се случи, сета одговорност е на СЕТА", се вели од Синдикатот на новинари ДИСК.

USA Ismail Caglar in Washinton
Директорот на СЕТА, Исмаил Чаглар, ја брани студијатаФотографија: picture-alliance/AA/S. Corum

И невладината организација „Репортери без граници" ја оцени студијата на сличен начин. „На СЕТА мора да им биде јасно дека тие сносат одговорност доколку бидат нападнати колегите кои се споменати во извештајот. Ние сме солидарни со нашите колеги кои во извештајот се ставени како мети.“

Дури и конзервативниот дневен весник блисок до власта „Јени Шафак“ реагираше за извештајот на СЕТА. Уредникот на онлајн изданието, Ерсин Челик, него го оцени како „вознемирувачки". Вели дека треба да биде повлечена студијата и дека треба да следи извинување.

Директорот на СЕТА, Исмаил Чаглар, застана во одбрана. „Ако студијата беше погрешна, ќе се извиневме, но бидејќи критиката на студијата е чисто идеолошки мотивирана, може да ни биде сеедно што нѐ критикуваат." Студијата била во ред, бидејќи се базирала на јавно достапни информации и објави, вели директорот на СЕТА.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема