Турција: Масовен процес против осомничени пучисти | Свет | DW | 22.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција: Масовен процес против осомничени пучисти

Во Турција денеска започна нов масовен судски процес против повеќе од 200 лица осомничени за вклученост во пропаднатиот државен удар на 15 јули 2016 година.

221 обвинети, меѓу кои има и 26 генерали, се товарат за „убиство на 250 луѓе“, „членство во терористичка организација“ и „повреда на Уставот“. Од обвинетите 200 се во истражен затвор, девет се на условна слобода, а 12 се во бегство, меѓу нив и исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, кого властите во Анкара го сметаат за одговорен за пучот.

Мамутскиот процес ќе се одвива во високо обезбедениот затвор Синџан во близина на Анкара, каде е изградена специјална судница за процесите поврзани со неуспешниот обид за државен удар.  

Во меѓувреме организацијата за заштита на човекови права „Амнести интернешенал“ (АИ) ја обвини денеска Турција оти „произволно, неоправдано и политички мотивирано“ ги отпушта вработените по пропаднатиот воен удар од минатото лето. Над 100.000 луѓе се отпуштени од работното место врз основа на декрет кој е на сила од воведувањето на вонредна состојба, се наведува во извештајот на АИ. Турција по пропаднатиот воен удар на 15 јули започна чистка во војската, каде речиси половина од генералите се сменети, како и во правосудството, медиумите, во образованието, дури и во сопствената партија.

Во извештајот АИ, осудува дека оние кои се сменети не добиле објаснување и затоа што колективните отпуштања се спроведени „произволно“, поради „нејасни и генерализирани мотиви“, а поради поврзаност со терористичка организација. „Надлежните власти не понудија ниту едно одделно образложение за одлуките за отпуштањата, а оние кои се отпуштени, не биле во можност да го добијат“, се наведува во извештајот. 

Покрај тоа, оваа невладина организација ги осудува мерките кои ги погодуваат и членовите на синдикати, политички активисти и новинари.

Турските власти негираат дека спроведуваат „лов на вештерки“ тврдејќи оти се потребни вонредни мерки за да се исчистат институциите од партиски елементи.

Според АИ, 33.000 наставници и вработени во министерството за образование се отпуштени, потоа 24.000 полицајци и вработени во министерството за внатрешни работи, 8.000 припадници на војската, 5.000 универзитетски работници и околу 4.000 судии, обвинители и останати припадници на министерството за правда.

Подготвувајќи го извештајот, АИ интервјуирал 61 лице, вклучувајќи и 33 отпуштени службеници, адвокати, како и претставници од турската власт.

Турција воведе вонредна состојба за да ја разбие мрежата поврзана со проповедникот Фетула Ѓулен кого власта во Анкара го смета за одговорен за организирање на воениот удар. Ѓулен, кој во моментов се наоѓа во егзил во САД, ги отфрла обвинувањата.

DW.COM

Реклама