Турција: Лирата и берзите на удолница | Економија | DW | 22.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Турција: Лирата и берзите на удолница

По обидот за пуч во Турција и т.н. чистење од страна на претседателот Ердоган, се‘ поголем број инвеститори се повлекува од земјата, а националната валута забележа голем пад на вредноста.

По обидот за пуч во Турција, се‘ поголем број инвеститори се повлекуваат од земјата, а националната валута забележа голем пад на вредноста.

Турција долго важеше за земја во економски бум. Но, надежниот ЕУ-кандидат од Босфорот, во меѓувреме стана проблематично дете, се надоврзаа терористички напади, обид за пуч и сега т.н. чистења од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Отпуштени се десетици илјади државни службеници, воведена е вонредна состојба. Како реакција на политичката несигурност, инвесторите почнуваат да бегаат од Турција. Курсевите на берзата во Истанбул јасно покажуваат - само обидот за пуч предизвика пад на индексот од 7 проценти. Во текот на неделата падот продолжи и од петокот досега достигна 13 проценти минус. И турската валута, лирата, драматично губи на вредност. Доларот достигна историска највисока вредност кон лирата од 3,096 лири Притоа, на Турција и‘ е итно потребен странски капитал. Земјата купува четири проценти повеќе стоки отколку што самата продава во странство. Тоа значи, постојано е потребен свеж капитал заради плаќање на сметките, на пример за увезената енергија.

Некои од експертите засега не гледаат проблеми. На пример Селва Демиралп, професор по економија на Универзитетот Коч:

„Овој ужасен настан, пучот, се случи во момент во кој финансискиот свет плива во ликвидност. Европската централна банка одлучи да ја задржи својата ултра лабава монетарна политика, исто така и Јапонската централна банка. При толку пари на пазарот, на Турција ќе и‘ биде лесно да го финансира својот дефицит.“

Но, кој инвеститор сега би и‘ позајмил пари на Турција? Рејтинг-агенцијата Стандар енд Пурс веќе ја намали оценката за кредитоспособноста. А не е потребен само краткорочен капитал, туку и долгорочни инвестиции, на пример фабрики.

Турција долго правеше напори да се приближи кон Европа. Последните политички настани меѓутоа одат во спротивен правец.

Реклама