Турција и Венецуела - нова алијанса? | Свет | DW | 31.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Турција и Венецуела - нова алијанса?

По избивањето на кризата во Каракас се забележува приближување помеѓу Турција и Венецуела. Економски аспекти, како трговијата со злато, играат важна улога. Што се крие зад сето тоа?

Откако минатата недела Хуан Гуаидо во Каракас се самопрогласи за преоден претседател, Реџеп Таип Ердоган беше еден од малкутемина претседатели кои телефонски му искажаа поддршка на Николас Мадуро. На некој начин Ердоган така се реваншираше за тоа што Мадуро по неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 во Турција покажа солидарност со Ердоган.

„Брате, остани цврст“, наводно му рекол Ердоган на Мадуро. Но, поддршката која Мадуро ја добил од Турција не е само од претседателот. Многу корисници на социјални мрежи од цел свет се приклучија преку хаштагот #WeAreMaduro, но најбројни беа оние од Турција. На темата Мадуро повеќето левичари, како и приврзаниците на Ердоган, делат ист став. Не зачудува ни фактот што првото интервју Мадуро го даде за турска телевизија.

Политички и економски интереси

Серкан Бајрам е претседавач на парламентарната турско-венецуелска група за пријателство и пратеник на АКП. Според него, зад интензивирањето на односите има политички, како и економски причини. „Турција реагира на тоа дека претседател избран со поддршка од 68 проценти од населението треба да биде симнат од власт со недемократски средства“, појаснува Бајрам. Гуаидо, кој самиот се прогласи за преоден претседател, за него е човек кој бил „донесен од страна на глобалните сили“.

Повеќе: 

Мадуро сака да разговара со опозицијата

САД сакаат режимот на Мадуро да „искрвари“

Какви се интересите на Русија во Венецуела

Брзорастечка трговија со злато

Турција, вели Бајрам, работи на тоа да ја прошири својата трговска размена не само со Венецуела, туку на поширок план. Според информации на Турскиот институт за статистика, во 2018 година биле увезени благородни метали во вредност од 900 милиони долари. Во 2017 година Турција не увезувала благородни метали од Венецуела. Минатата година венецуелската влада се изјасни дека обработените благородни метали веќе не сакала да ги доработува во Швајцарија, туку во Турција за да избегне евентуални меѓународни санкции.

За приближувањето на двете држави доказ се и зачестените меѓусебни посети. По првата посета на Мадуро во Турција во октомври 2016 година, двајцата претседатели повеќекратно се состануваа сѐ до декември 2018. Кога Ердоган неодамна, на враќање од Самитот на Г-20 кој се одржуваше во Аргентина, направи пауза во Каракас, јавно ги критикуваше САД и меѓународните санкции врз Венецуела.

 Venezuela | Recep Tayyip Erdogan zu Besuch (picture-alliance/dpa/AA)

Ердоган во Каракас (3.12.2018)

Ердоган сака да си го подобри имиџот“

Новинарот Метин Јеген оценува дека зад интересите на Ердоган во однос на Мадуро не се кријат економски причини. Според него, турскиот претседател има две цели. Прво, „Ердоган пред некое време проба да да игра американски антагонист на Истокот. Тој сега сака овој имиџ да го зајакне и понатаму, за пред сѐ да им покаже на своите поддржувачи дека е на страната на репресираните.“

Ерса Акгемичи е експертка за Латинска Америка на Универзитетот Селџук. Таа смета дека поддршката на Мадуро од страна на Ердоган е пред сѐ реторичка. Ердоган сака да ја засили неговата слика како „жртва на пуч“, вели Акгемичи. „Мислам дека Ердоган пред сѐ сака да го поддржи Мадуро бидејќи мисли дека тоа ќе му ја зајакне сопствената позиција. Доколку утре се промени политичката рамнотежа, тоа би можело да влијае и врз поддршката на Турција за Венецуела“, вели Агкемичи.

И покрај идеолошките разлики меѓу двете земји, експертката за Латинска Америка гледа и сличности помеѓу Ердоган и Мадуро: „Двајцата државници се автократи. Тие се 'соло-борци'. Притоа двете земји имаат слични економски проблеми и се критички настроени кон САД.“

Мотивите на Мадуро

Асли Пелит, новинар и исто така експерт за Латинска Америка, објаснува дека главниот мотив на Мадуро да ја има Турција на своја страна е лошата хуманитарна ситуација во земјата, предизвикана од финансиската криза. Хумантарната помош од Турција е многу важна за Венецуела, вели Пелит. Мадуро се обидува да изгради такви односи со Турција како што на времето ги имаше Чавез со иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

И покрај сите сличности меѓу двајцата, новинарот Метин Јеген е сигурен: ако Мадуро живееше во Турција на Ердоган, немаше да биде среќен. „Мадуро е комунист. Да живееше во Турција, веројатно ќе беше во затвор.“

DW.COM

Реклама