Турција: Истрага со половина сила во случајот Кашоги? | Свет | DW | 19.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Турција: Истрага со половина сила во случајот Кашоги?

Сакаат ли турските власти навистина најбрзо можно да го разјаснат случајот со саудискиот новинар исчезнат во конзулатото во Истанбул? Или пак играат на време поради политички причини?

Што точно се случи на 2 октомври во саудискиот Генерален конзулат во Истанбул? Турските политичари рано објавија дека претпоставуваат дека таму бил убиен новинарот и дисидент Џамал Кашоги. Сепак, сè уште не се обезбедени докази за поддршка на ваквата претпоставка. И верзиите објавени во Турција за можниот тек на злосторството се менуваат речиси секојдневно. Најпрвин беше кажано дека по двочасовното испрашување, тој бил убиен од атентаторска единица, која специјално долетала од Саудиска Арабија. Потоа, пак, беше кажано, дека целиот процес на убивање траел само 15 минути. Според турските безбедносни власти, на Кашоги дури му биле отсечени екстремитети додека сѐ уште бил жив. Првично беше кажано дека турските разузнавачки агенции, наводно, имале видео снимка на која се гледа убиството на Кашоги. Во меѓувреме, се споменува само аудио материјал. Во оваа снимка, генералниот конзул на Саудиска Арабија Мохамед ал-Утаиби  наводно се слуша како ги изговара: „Направете го ова надвор, ќе ми предизвикате проблеми". Тогаш еден човек му одговора: „Ако сакаш да живееш, кога ќе се вратиш во Саудиска Арабија, молчи."

Во потрагата по докази, саудиските и турски истражители дури две недели по инцидентот извршиле претрес во конзулатот - а исто така и домот на Ал Утаиби. Саудискиот генерален конзул ја напуштил земјата уште во вторникот вечерта, без да биде испрашуван од страна на полицијата. Претседателот на АКП, Омер Челик, го образложи ова со дипломатскиот имунитет на Ал-Утаиби, поради што не можело да се спречи неговото заминување од Турција.

„Од правна гледна точка- проблематично“

Дурмуш Тецкан од Истанбулскиот блискоисточен универзитет се сомнева во ова. Иако експертот за меѓународно право укажува на „Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година" според која постои право на личен имунитет, сепак според него, случајот е толку сериозен што не е сигурен дали и натаму важи ваквиот имунитет. Риза Турмен, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права, исто така потсетува дека според меѓународниот закон, турските власти имаат моќ да ги уапсат и испрашуваат странските конзуларни претставници во Истанбул ако постои силно сомневање дека се вклучени во тежок криминал.

Повеќе на темата:

-Вашингтон пост објави текст на Кашоги

-Протекоа грозоморни детали од убиството на Кашоги

-Турција поседува снимки од убиството на Кашоги?

„Со оглед на ваквите овластувања се поставува прашањето, зошто толку касно се влегло во конзулатото и се спровела истрага таму. Тоа покажува дека случајот е третиран на политичко ниво и на него не се гледа како на чисто правен случај“, велу Турмен.

„Турција игра на време“

„ Турската влада не сакаше натамошно да ги влоши нејзините односи со Саудиска Арабија , па не го предаде предметот целосно на обвинителот", рече Турмен. Политичкиот научник Бурак Билгеан Озпетек од Универзитетот ТОББ во Анкара потсетува дека Турција е позната по своите блиски односи со Муслиманското братство, кое Саудиска Арабија го смета за закана. „Турција не сака да ги интензивира тензиите со Саудиска Арабија за прашањето на Муслиманското братство", вели Озпетек. Кашоги исто така беше познат по неговата блискост со Муслиманското братство.

Озпетек укажува на тоа дека Турција во голема мерка зависи од Саудиска Арабија, а САД играат голема улога во сето тоа. „Турција има долгорочен проблем со САД и со Саудиска Арабија, и е фокусирана на подобрување на тие односи,  поради што Анкара во случајот Кашоги игра на време", рече Озпетек.