Турција: Загрозена слободата на мислење | Свет | DW | 15.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција: Загрозена слободата на мислење

Последните отпуштања новинари и интелектуалци предизвикаа нов бран дискусии за слободата на мислење во Турција. Пред одржувањето на рефeрендумот во земјата, медиумите се под притисок на власта. Народот е поларизиран.

Türkei Ankara Protest gegen Entlassungen (Getty Images/AFP/A. Altan)

Протести против отпуштањата од работа на универзитетите (Анкара, 11 февруари)

Во период од една недела во Турција може да се случи многу: масовни отпуштања професори и доценти, задушување демонстрации и отказ за двајца новинари. Да се преземаат мерки против оние кои размислуваат поинаку стана речиси дел од секојдневието. Непосредно пред референдумот на 16 април, на кој турскиот народ треба да се изјасни „за“ или „против“ претседателски систем, претседателот Ердоган го поларизира општеството. „Оние кои велат 'не', припаѓаат на категоријата на пучистите“, вели Ердоган.

Се чини и како владата на АКП на само неколку недели пред референдумот засилено да се обидува да ги замолчи своите критичари. Тоа ѝ успева пред сѐ со декрети кои може да ги донесе во услови на вонредна состојба. Од неуспешниот пуч на 15 јули со вакви декрети досега од работа се отпуштени десетици илјади државни службеници. Минатата недела отказ добија 330 членови на Високообразовниот совет ЈОК. Тие се обвинети за поврзаност со движењето на Ѓулен, кое од страна на турската влада пак е обвинето за обидот за пуч. Протестите против отказите беа разбиени со солзавец и апсења.

„Лов на вештерки“ против критичарите

Под лупа на владата постојано се и критичките новинари. Се издаваат наредби за апсење и се делат откази. Со помош на декретите во вонредна состојба досега се затворени голем број телевизии и весници. Меѓу нив се и прокурдската телевизија „ИМЦ ТВ“, новинската агенција „Џихан“ и кон владата критички насочениот весник „Тараф“. „Проблемот е што декретите во услови на вонредна состојба не подлежат на судска проверка и со тоа медиумските куќи не знаат зошто воопшто се затворени“, изјави познат турски уставен судија во разговор за ДВ. Тој сака да остане анонимен поради страв од последици.

Покрај заобиколувањето на правосудството, важен инструмент на турската влада за да ги тргне од патот критичарите е и контролата на медиумите. Така, минатата сабота, отказ добија двајца критичари на референдумот. Поранешниот водител на труската телевизија „Канал Д“, Ирфан Демирџи, минатата недела со „НЕ“ и опширно објаснување се изјасни против референдумот. Причина за отказот е што Демирџи „зазел став за тема која се дискутира во јавноста“, гласи објаснувањето за отпушатењто од работа кое го даде „Канал Д“. Отказ доби и колумнистот на весникот „Поста“, Хакан Челенк. Тој во јануари, во текот на вестите на телевизијата Си-Ен-Ен Турк ги критикуваше владините планови за претседателски систем.

Финансиски притисок врз медиумите

И телевизијата „Канал Д“ и весникот „Поста“ се под капата на медиумската групација „Доган“, која е позната по својата блискост со власта. По отпуштањето на двајцата новинари, турски граѓани на Твитер, под хаштагот #DoganMedyaBoykot, повикаа на бојкот. Хаштагот од саботата е дел од хаштаговите кои се тренд. На социјалните мрежи кружи и саркастичното прашање дали сега ќе биде отпуштен и новинарот Фатих Чекирге, кој јавно се изјасни „ЗА“ референдумот, што исто така претставува политичко позиционирање.

Türkei Logo der Dogan Yayin Medien Holding

Медиумската групација „Доган“ е позната по својата блискост со власта

Медиумската групација „Доган“ е добар пример за начинот на кој владата на АКП ги контролира медиумите, вели Суат Гезгин, професор на факултетот по новинарство на Универзитетот Истанбул. „Штом ќе почне да се известува критички и известувањето нема да ѝ се допадне на АКП, следува даночна контрола со високи казни“, објаснува Гезгин во разговор за ДВ. Критичарите на референдумот добиваат откази и се заплашувани. Неопределените избирачи потоа се под влијание на медиумите кои ѝ даваат поддршка на владата за сепак да се определат за претседателски систем, нагласува професорот.

Притисокот врз новинарите сега се чувствува многу повеќе, раскажува Бариш Пехливан, главен уредник на телевизијата „Ода ТВ“, која е критички настроена кон владата. „До нас сѐ почесто стигнуваат судски пресуди со барање да избришеме определени вести од нашата интернет страница. Ако не го исполниме барањето, веднаш би биле затворени“, вели Пехливан во разговор за ДВ. Главниот уредник беше уапсен во 2011. година и одлежа затворска казна од 19 месеци. „Тогаш имав напишано многу текстови за движењето Ѓулен и за неговите активности во турската држава“, објаснува Пехливан. Во Турција новинарите работат со постојан страв, нагласува 33-годишникот.

„Новите медиуми“ како алтернатива

Токму поради ваквата репресивна медиумска ситуација, веќе извесно време во Турција сѐ поголема улога играат социјалните медиуми и приватните блогови. За да се заобиколат медиумите за масовна комуникација, настанаа нови платформи на интернет, како на пример - „140journos“. Таа, како што нагласуваат нејзините основачи Енгин Ондер и Џем Ајдогду, практикува новинарство на „новите медиуми“. Младиот тим е активен на 16 различни платформи, меѓу другите и на Твитер, Фејсбук, Инстаграм, Снепчет и Перископ. Платформата месечно брои околу 70 милиони интеракции. Блогерите заедно со своите пријатели почнаа да шират вести во 2012. година. „Сосема едноставно, на пример од судските простории каде не беше дозволен пристап за медиуми“, вели 25-годишниот Ондер за ДВ.

Неодамна „140journos“ продуцираше сатирично видео за претстојниот референдум. Насловот гласи: „Реџеп Трамп Ердоган“. Видео кое би требало да ги претстави заедничките работи на двајцата политичари. Меѓу оние кои ја следат „140journos“, како што вели Ондер, има и приврзаници на АКП и опозиционери. „Ние силно се фокусираме на нашите содржини, се позиционираме неутрално кон политичките настани и не известуваме ниту про, ниту контра владата“, вели Ондер. „Ние досега не сме биле цензурирани. Се надеваме дека така и ќе остане“, додава тој.

DW.COM

Реклама