Суд во Турција денеска им изрече казни доживотен затвор на 27 лица за неуспешниот обид за државен удар во 2016 година. Тие се осудени за делата „обид за уривање на државниот поредок", потоа „обид за убиство на претседателот" и извршени убиства. Во главниот судски процес за обидот за соборување на владата на Реџеп Таип Ердоган беа опфатени вкупно 475 обвинети.
Мнозинство од 27-те денеска осудени на доживотен затвор се офицери и пилоти, кои од воздух бомбардирале повеќе објекти во Анкара. Офицерите пак се обвинети за спроведување на пучот од воената база Акинчи. Се очекува наскоро да бидат соопштени и пресудите за останатите преку 400 обвинети лица.
Во обидот за државен преврат во јули 2016 година , според официјални турски наводи, биле убиени повеќе од 250 луѓе. Турската влада тврди дека двигател на обидот за пуч било движењето на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен. Тој од 1999 година живее во егзил во САД и категорично ги демантира обвинувањата.
По неуспешниот обид за државен удар турската влада драстично го заостри односот кон опозицијата. Ширум земјата се поведени стотици судски постапки, уапсени се десетици ијади луѓе, отпуштени се десетици илјади вработени од државната администрација.
Бранот апсења трае до денешен ден, иако темпото по пет години од обидот за пуч е забавено. Досега се изречени пресуди за 4154 осомничени, околу 2500 од нив според официјални податоци добија доживотни затворски казни.
-
Патот на Турција кон авторитарност
Јули 2007: Абдула Ѓул станува прв исламистички претседател
По повеќегодишни реформи на пазарната економија, транзицијата на Турција полека почнува да оди наназад. Кандидатурата на исламистот Абдула Ѓул за претседател во 2007 сигнализира напуштање на секуларистичката политика и ги затегнува односите меѓу АКП и армијата. Сепак, со широка поддршка на исламистите и либералите, Ѓул е избран за претседател, а АКП победува на парламентарните избори.
-
Патот на Турција кон авторитарност
Септември 2010: Уставни реформи
Тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган предлага уставни измени за зголемена контрола над правосудството и армијата, овозможувајќи и на владата да бира судии и високи воени офицери. Амандманот, комбиниран со мерки за заштита на децата и засилување на правото на жалба, е одобрен со големо мнозинство на референдум.
-
Патот на Турција кон авторитарност
Мај 2013: Ерупција на незадоволство во Гези Парк
Насобраниот гнев на младите луѓе кон Ердоган, Ѓул и исламистичката АКП достигнува точка на вриење во мај 2013. Насилното полициско расчистување на мал собир за заштита на Гези Парк предизвикува масовни анти-владини протести. Најмалку 11 луѓе загинаа, а повеќе од 8.000 се повредени, пред демонстрациите да згаснат еден месец подоцна.
-
Патот на Турција кон авторитарност
Јули 2015: Офанзива против Курдите
Нестабилното примирје меѓу турската влада и курдската бунтовничка ПКК се распаѓа поради тензиите кои ги создава војната во Сирија. Воените сили ги продолжуваат операциите во југоисточниот дел на Турција против Курдите. На почетокот на 2016, групација на ПКК ја презема одговорноста за два бомбашки напади во Анкара во кои гинат речиси 80 луѓе.
-
Патот на Турција кон авторитарност
Јули 2016: Неуспешен воен пуч
Воен удар против владата до темел ја потресува Турција и накусо ја претвора земјата во воена зона. Околу 260 цивили ги загубија животите во ноќните судири со армијата во пет големи градови. Ердоган ги повикува своите поддржувачи на отпор, и веќе следното утро војници се во заседа на илјадници цивили на мостот Босфор, каде и се предаваат.
-
Патот на Турција кон авторитарност
Јули 2016: Ердоган воведува вонредна состојба
По неуспехот на пучот, Ердоган воведува вонредна состојба. Се апсат десетици илјади луѓе осомничени за учество во пучот, но и политички противници. Меѓу уапсените се воени и судски функционери и избрани претставници на про-курдската ХДП партија. Чистчката подоцна опфаќа и јавни службеници, универзитетски професори и учители.
-
Патот на Турција кон авторитарност
2016: Задушување на медиумите
Како дел од пресметката на Ердоган со наводните „поддржувачи на тероризмот“, Турција станува една од водечките земји во светот по бројот на уапсени новинари.Владата затвора околу 110 медиуми по пучот и затвора повеќе од 100 новинари, меѓу нив и Германецот со турско потекло Денис Јуџел.
-
Патот на Турција кон авторитарност
Април 2017: Ердоган победува на референдум
Ердоган тесно успева да победи на референдумот на кој се гласа за проширување на неговата моќ. Турскиот парламентарен систем практично се напушта во корист на силна егзекутивна власт. Ердоган добива можност да владее до 2029 година. Меѓународните набљудувачи велат дека на гласањето имало неправилности, а медиумската кампања во целост била во корист на кампањата на Ердоган.
-
Патот на Турција кон авторитарност
Јуни 2018: Нова изборна победа на Ердоган
Ердоган си обезбедува нов петгодишен мандат и огромни извршни надлежности откако убедливо победува на изборите на 24 јуни. Неговата АКП и нивните националистички партнери добиваат убедливо мнозинство во парламентот. Меѓународните набљудувачи го критикуваат гласањето, со оценка дека медиумското покривање и вонредната состојба му дале огромна предност на Ердоган.