Турција ги остварува целите во Сирија | Свет | DW | 25.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Турција ги остварува целите во Сирија

Турските воени сили навлегоа на сириска територија во обид да ја преземат контролата над градот Џараблуш од борците на ИД - и со тоа да ги спречат сириско-курдските сили да ја освојат контролата над градот.

За првпат од почетокот на граѓанската војна во Сирија, турските сили поддржани од САД ја преминаа сириската граница и отворено интервенираа против силите на Исламска држава (ИД). Вчера, во раните утрински часови, Турција започна жестоки артилериски напади врз градот Џараблуш, кој беше контролиран од ИД, а се наоѓа во близина на турско-сириската граница, на брегот на реката Еуфрат.

Следеа напади на турските воени авиони Ф-16 врз позициите ИД, додека специјалните сили се упатија во освојување на градот. Во нападот се вклучија и турските воени тенкови следени од 1.500 сириски борци поддржани од турската армија. САД потврдија дека ќе обезбедуваат воздушна поддршка за турските сили. Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ја отпочна операцијата „против терористичките групи кои постојано ѝ се закануваат на земјата“, мислејќи притоа и на ИД и на сириско-курдските борци кои Анкара ги смета за терористи.

Пред започнувањето на операцијата, сириско-курдските сили кои се поврзуваат со Курдистанската работничка партија веќе освојуваа делови од Џараблуш. Ова следеше по нивната победа над ИД во Манбиџ.

Турски изговор?

Сириско-курдските сили велат дека воената операција која Турција ја именуваше „Штит за Еуфрат“ е мотивирана од желбата на Турција да се сопре нивното напредувањето над силите на ИД, а не поради анти ИД расположенито на Турција.

За време на операцијата, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу ги предупреди курдските сили да стојат понастрана од Џараблуш. „Доколку сириско-курдските борци не се повлечат источно од Еуфрат, Турција ќе го направи она што е неопходно“, изјави Чавушоглу.

Сириските демократски сили (СДФ), го обвинија турското воено разузнување за убиството на командантот на курдските сили во Џараблуш, Абдулсетар Ал-Кадири, непосредно пред отпочнувањето на воената операција.

Водачот на сириско-курдските сили, Салих Муслим, пред почетокот на операцијата тврдеше дека Турција ги поддржува џихадистите во Сирија. „Турција истотака, се обидува да активира терористички групи во Сирија, како Ал Каеда, кои ги слават обезглавувањата на децата во Алепо“, изјави Муслим.

Според еден западен аналитичар за разузнување лоциран во Газиантеп, кој сакаше да остане анонимен, има повеќе нејаснотии околу формирањето на групата 1.500 војници поддржани од Турција.

„Постојат одредени докази дека силите се составени од борци на Ахрар ал-Шам, а во последно време се зборува и за можно спојување на Ахрар ал-Шам, Нур ад-Дин аз-Зинки и Џабхат Фата ал-Шам“ изјави аналитичарот за ДВ.

Борците на Лива Шукур ал-Џебал, што претставува сириска милиција поддржана од САД, се смета дека се дел од групата која е поддржана од Турција.

Промена во турската стратегија

Турската интервенција укажува на поместување на ставовите на Турската влада кон граѓанската војна, вели Селим Сазак, аналитичар за надворешна политика во фондацијата Сентјури.

„Првичната доктрина на Турција, за време на владеењето на премиерот Давутоглу, беше да се издејствува промена на режимот во Сирија,“ изјави Сазак за ДВ.„Турција потоа се соочи со можноста дека Курдистанската работничка партија ќе најде прибежиште во северна Сирија, па сега се чини дека Анкара целосно го игнорира режимот, а се фокусира кон запирање на сириско-курдските борци и уништување на прибежиштето на Курдистанската работничка партија во северна Сирија“.

Сазак потенцира дека во последната година Турција се соочува со напади од Исламската држава и бунт од Курдистанската работничка партија во своите граници.

„Турција едноставно ја пренесе борбата во нивниот двор откако го сменија Давутоглу со попрагматичниот премиер Јилдирим, кој ги смири односите со Русија, а очигледно нема веќе надеж дека САД може да ги контролира сириско-курдските бунтовници.“

Селим Кору, аналитичар од Турската фондација за истражување на економските политики вели дека најизненадувачко околу операцијата во Џараблус е тоа што на Турција ѝ требаше долго време интервенира.

„Турција повикуваше на безбедна зона долго време и повторуваше дека нема да дозволи формирање на држава на партијата на Курдската демократска унија на јужната граница“, изјави Кору. „Офанзивата над Манбиџ и напредувањето на сириско-курдските борци го стави тоа во прв план“.

Несакани последици

Кору смета дека има показатели дека турската влада сакала да интервенира во Сирија и порано, но се соочила со потешкотии поради отпор во турската армија. Но, по прочистувањето на турската војска кое што следеше по обидот за пуч, владата има поголема слобода.

„Стратегиски гледано, на владата ќе и беше подобро ако интервенираше порано. Но, претходно таа немаше доверба во институциите и затоа тоа беше невозможно. Сега се чини дека има доверба па затоа ја спроведува операцијата“, вели Кору.

Кору додава дека борбата на Турција против ИД во Сирија може да го зголеми ризикот од напади на ИД во Турција. Тој вели дека „влегувањето во Сирија ќе ја зголеми предноста на Турција над ИД, но ќе се зголеми веројатноста за напади“.

„Секако, мораме да претпоставиме дека и покрај проблемите во лидерството, ИД има голема мрежа во Турција. Доколку војната помеѓу ИД и Турција ескалира, би имало смисла ИД да напаѓа цивилни цели во Турција“, завршува Кору.

Реклама