Турција бара преку 2000 години затвор за Ѓулен | Свет | DW | 17.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција бара преку 2000 години затвор за Ѓулен

Сѐ уште исламскиот свештеник се наоѓа во САД, за можната екстрадиција во Турција уште не е одлучено. Но обвинителниот акт против наводниот организатор на пропаднатиот пуч во земјата е готов.

Во документот од 2527 страници, турското јавно обвинителство го товари исламскиот свештеник Фетула Ѓулен за „обид за насилно уништување на уставниот поредок“ како и за „создавање и водење на вооружена терористичка група“. Обвинителите бараат две доживотни казни затвор и натамошни 1900 години затворска казна.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го смета неговиот поранешен сојузник и денешен ривал за организатор на неуспешниот воен удар на 15 јули, во кој загинаа 238 а повредени беа преку 2000 луѓе. Ердоган поради тоа врши постојан притисок врз САД за израчување на Ѓулен на Турција. Тој живее во егзил во САД од 1999 година.

Телефонски разговор на министрите за надворешни работи

САД имаат намера позитивно да одговорат на барањето само ако Анкара презентира конкретни докази. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, според нааводите од неговиот кабинет, во телефонски разговор му го објаснил случајот на неговиот американски колега Џон Кери.

Движењето на Ѓулен, кое од турското обвинителство е означено како Фетулова терористичка организација (Фето), располага со широка мрежа на училишта, фондации, претпријатија осигурителни компании и масовни медиуми. Според истражувањата на обвинителите, движењето вршело финансиски трансакции преку различни земји од регионот, но и од Германија и од Јужноафриканската Република.

Истрага за тоа, јавното обвинителство започнало уште во септември 2015 година во градот Усак во западна Турција.

Рации во претпријатија

Од неуспешниот обид за пуч наваму, турската влада постапува жестоко против осомничените приврзеници на Ѓулен во сите делови на општеството. Повеќе од 35 илјади луѓе се уапсени досега. Десетици илјади ги загубија своите работни места. По војската, правосудството, државната управа и образовниот систем во моментов посебно во фокусот на властите се наоѓа бизнис светот. Во Истанбул полицијата веќе пребара 44 претпријатија и уапси 50 лица.

DW.COM

Реклама