Турците дозволија пристап до Јуџел | Свет | DW | 03.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турците дозволија пристап до Јуџел

Дописникот на „Велт“, Дениз Јуџел, уапсен во Турција пред 7 недели, ќе биде посетен од германски дипломати. Анкара конечно даде дозвола за посета.

Новинарот на весникот „Велт“, Дениз Јуџел, е во затворот Силиври кај Истанбул. Претходно, две недели беше во полициски притвор. Турските власти, како што информираше денеска германското Министерство за надворешни работи, дале дозвола за посета на германски дипломати на Јуџел. Според агенцијата ДПА, во посета најверојатно ќе отиде Генералниот конзул на Германија во Турција, Георг Биргелен.

Јуџел од страна на турските власти се товари за хушкање на народите и терористичка пропаганда во полза на забранетата Курдска работничка партија (ПКК) и на движењето на Ѓулен, за кое Анкара тврди дека стои зад обидот за пуч од јули минатата година. 

Главниот уредник на „ВелтН24“, Улф Пошарт, ѝ се заблагодари на германската влада за нејзината „непопустливост и решителност“. Потегот на турските власти сега би требало да биде само прв чекор во насока на надминување на проблемот. Обвинувањата против Јуџел се без основа, и тој „мора да биде ослободен најбрзо што е можно“, изјави Пошарт.

На ваквото барање се приклучи и првиот човек на Германскиот сојуз на новинари, Франк Иберал. „Негово единствено 'злосторство' е критичкото и независно новинарство“, рече Иберал.

Autokros für inhaftierten Journalisten Deniz Yücel (picture-alliance/dpa/P.Zinken)

Во Германија имаше и протести со барање за ослбоодување на Дениз Јуџел

Турскиот премиер Бинали Јилдирим, според наводи на германското Министерство за надворешни работи, добил барање за пристап до Јуџел од германската влада уште на почетокот на март, но тоа досега не беше дозволено. Турција, инаку, не е обврзана да даде дозвола за конзуларска грижа, со оглед на тоа што Јуџел не е само германски, туку е и турски државјанин.

Новинарот сам се пријави во полиција во Истанбул, затоа што беше распишана потерница по него. Неговите адвокати во меѓувреме поднесоа жалба пред Уставниот суд во Анкара против налогот за апсење. Тоа е и последната национална судска инстанца пред која може да се поднесе жалба.

Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел за време на викендот изјави дека односот на Турција кон Јуџел е „правно и политички неприфатлив“. Тој за „Шпигел“ оцени дека речиси може да се смета оти „Јуџел на турското раководство му служи како политичка топка во валкана кампања“.

Во меѓувреме, кампањата во Турција пред референдумот закажан за 16 април, станува сѐ пожестока. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика турските гласачи во Европа да им пркосат на „внуците на нацизмот“ и да дадат поддршка за промена на Уставот. Ердоган, зборувајќи на предизборен собир во Ризе, на Црното Море, рече и дека ќе ја стави смртната казна на референдум доколку тоа биде неопходно. Турција ја укина смртната казна пред повеќе од една декада во својот обид да стане дел од ЕУ. Од Унијата се вели дека доколку Анкара ја врати смртната казна, тоа ќе значи крај на процесот на приклучување.

DW.COM

Реклама