„Турскиот Сорос“ во затвор без обвинение | Свет | DW | 18.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Турскиот Сорос“ во затвор без обвинение

Осман Кавала вложи многу пари во турското општество. Но, претседателот Ердоган го затвори, обвинувајќи го како „пучист“. Пријателите на Кавала, пак, зборуваат за „политички прогон“.

Türkei Geschäftsmann Osman Kavala (Imago/Zumapress)

Осман Кавала беше уапсен пред точно една година, на 18.10.2017 на истанбулскиот аеродром

Турскиот бизнисмен Осман Кавала им дава поддршка на турски и курдски уметници, на ерменско-турски младински симфониски оркестар, на ерменско-турска кино-платформа. Речиси и нема културна иницијатива во Истанбул во која тој не учествува. Тоа на турскиот престедател Ердоган најверојатно не му се допаднало.

На враќање од градот Газиантеп, кој се наоѓа на турско-сириската граница, каде работел на проект заедно со Гете-институтот, Кавала беше уапсен на истанбулскиот аеродром пред точно една година. Оттогаш се наоѓа во истражниот затвор Силиври, во затворениот дел, каде беа и берлинскиот борец за човекови права Петер Штојтнер и новинарот Дениз Јуџел.

Ердоган: Кавала е турски Сорос

Неколку дена пред апсењето на Кавала, турскиот претседател Ердоган на партиски конгрес на АКП зборуваше за него. Тој Кавала го нарече „турски Сорос“, поради тоа што тој, како и американскиот милијардер Џорџ Сорос, финансира организации за човекови права, и го обвини дека стои зад Гези-протестите: „Сега сосема јасно видовме кој стои зад овој човек, Кавала, кој бил толку активен во цивилното општество. На површина излегоа сите негови врски. Не можете ништо да ни раскажувате. Погледнете кој стоел зад движењето Гези, таму може да се најде Кавала. Ако се погледне каде се реализирани какви инвестиции, тогаш таму ќе го најдете него.“

Турските власти му префрлаат на Осман Кавала дека ги организирал кон владата критички насочените протести во истанбулскиот парк Гези во 2013 година и дека учествувал во пропаднатиот обид за пуч од 15 јули 2016 година. Обвинителството, сепак, сѐ уште нема поднесено обвинение.

Türkei Istanbul erneute Proteste am 13. Juli 2013 (Reuters)

Турските власти го обвинуваат Кавала дека стои зад протестите во паркот Гези во 2013 година

Проектите продолжуваат

Кавала, меѓу другото, беше претседател на невладината организација „Анадолу Култур“. Во канцеларијата во Истанбул за проектите за малцинства, бегалци или општествен мир, започнати од Кавала, се грижи координаторката Асена Ѓунал. Според Ѓунал, проектите засега продолжуваат.

„Фактот што Осман Кавала е во затвор е срам за Турција. Се вели дека обвинението ќе биде подготвено за одредено време. Колку е тоа време? Против него се изрекуваат тешки обвиненија, а сѐ уште нема формално напишано обвинение. Осман Кавала се држи во затвор затоа што неговиот ангажман во делот на цивилноото општество не ѝ се допаѓа на владата“, вели Ѓунал за ДВ.

Таа е на мислење дека апсењето на Кавала има за цел да ги заплаши другите невладини организации, уметници и академици.

„Правосуден заложник“

Ајдн Енгин, новинар и близок пријател на Кавала, вели дека апсењето е срам за турското правосудство. „Во иднина случајот Кавала ќе се изучува на правните факултети“, уверен е Енгин.

На прашањето зошто сѐ уште нема формално обвинение, Енгин одговара: „Дури и обвинителите кои ѝ се блиски на владата не се во состојба да го направат, едноставно до причина што нема ниту еден единствен доказ. Кавала е заложник на кој владата сака да му се одмазди.“

Европскиот суд за човекови права во Стразбур го има ставено случајот Кавала меѓу своите приоритети. До јануари 2019 година турскиот Уставен суд мора на Европскиот суд да му даде одговор на обвинието дека апсењето на Кавала е политички мотивирано.

DW.COM

Реклама