Турскиот ризик во Сирија | Свет | DW | 21.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Турскиот ризик во Сирија

Турција се обидува да ги спроведе своите интереси во Сирија по секоја цена. Ваквата политика е ризична.

Дека ќе се случи турско-сириска конфронтација беше видливо со денови. Сега судирот е стварност. Режимот на Асад, како што најави, испрати т.н. „народни единици“ во Африн. Само што стигнаа пред градот, оган врз нив отвори турската армија. Турската државна новинска агенција Анадолу уверуваше дека се пукало само за да се даде предупредување. Сириската државна агенција Сана, пак, јави: борците на народните единици се решени да го бранат градот по секоја цена.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во понеделникот предупреди дека нема да дозволи сириската влада да им дава поддршка на курдските милиции на ИПГ. Турција ги нарекува „терористи“. Чавушоглу не го интересира што сириската влада оперира исклучиво на национална територија.

Очигледно охрабрено од досегашните успеси на интервенцијата, во чиј тек турската армија веќе освои сириска територија долж границата, военото раководство продолжува со напади.

„Ние сме таму за да обезбедиме сигурна територија“, го објаснуваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нападот врз соседната земја. Таму требало да се создаде сигурен простор за враќање на сириските бегалци, вели тој. Но, тие не избегаа од Курдите, туку во најголем дел од безобѕирното насилство на режимот на Асад и од теророт на џихадистичките групи, како што е „Исламска држава“. Сето ова не најде место во говорот на Ердоган.

Syrien Free Syrian Army Kämpfer in nahe Afrin (Reuters/K. Ashawi)

Подготвени за акција: Милициите на Слободната сириска армија се сојузник на Турција

„Зелено светло од Русија“

Курдите во регионот сметаат дека за преминувањето на границата од страна на Турција вина има и руската влада. „Имаме доверлива информација дека Русија ѝ дала зелено светло на Турција да уништи сѐ во Африн“, рече вчера Сулајман Џафар, член на локалниот совет на регионот Африн.

Зошто Москва би дала согласност за турскиот напад е предмет на шпекулации. Москва очигледно смета дека Анкара може поефикасно да се бори против џихадистите отколку што тоа го прави сириската армија, се вели во анализата на интернет-магазинот „Ал Монитор“. Исто така можно е и Русите да сакаат да направат раздор меѓу двете НАТО-членки: Турција и САД.

Повеќе:

Сирија: Сто цивили убиени во еден ден во Гута

Курдите во Сирија се здружуваат со Асад

Ескалација меѓу Израел од една и Сирија и Иран од друга страна

Политичката аналитичарка Јана Џабур од Парискиот институт за политика укажува и на еден друг аспект. Постои значителна разлика меѓу политичката реторика во Анкара и реалноста на лице место. „Таму турската армија има значителни тешкотии да напредува“, вели Џабур. Реториката со која се служи Ердогн има пред сѐ за цел да го врзе турското население за владата.

Дали сметката на крајот ќе излезе како што треба е прашање. Турција се одлучи за ризичен пат „на истоштувачка војна, која лесно може да се прошири и на други делови од Сирија“, оценува весникот „Раи ал-јум“, кој излегува во Лондон. Освен тоа, Анкара ризикува сојузот меѓу сириските Курди и владата во Дамаск да станува сѐ поцврст.

Дали можеби Москва очекува токму таков развој на настаните? Турскиот политиколог кој предава на државниот универзитет во Москва, Керим Хас, не исклучува ваква можност. Турската армија би можела да претрпи значајни загуби на бојното поле против сириските Курди, објасни тој за Би-Би-Си. Тоа Москва би можела потоа да го искористи за да ја врзе Турција поцврсто за себе.

Претседателот Ердоган е веројатно свесен за ваквиот ризик и ќе направи сѐ за да го минимизира. Со оглед на тоа што во 2019 година претстојат претседателски избори, тој не може да си дозволи воен и пропагандистички пораз. Соодветно остро постапуваат и неговите трупи во Сирија.

Пропагандистичка валкана војна

Борбите се проследени и со пропагандистички судири. Турција ја обвинува сириската влада за големо кршење на човековите права во Источна Гута. Режимот на Асад, пак, ја обвинува Турција за смртта на голем број цивили во Африн.

Во пропагандистичката војна се вмеша и Иран, најблискиот партнер на режимот на Асад. Иранската државна телевизија ја обвини турската армија дека употребила боен отров во Африн. Турција се спротивстави на ваквите тврдења и го обвини Техеран дека во Сирија води политика заснована на конфесионален фанатизам.

Сето ова покажува дека војната во Сирија оди во нова рунда. Странските актери досега барем имаа малку чувство за срам, па како Русија и Иран тврдеа дека нивниот ангажман се должи на молбата на сириската влада за помош. Во тоа име потоа ги ловеа сите кои ги опишуваа како „терористи“.

Турција сега се откажува од ваквата легитимација. Таа маршира во соседната земја врз основа на сопствена одлука и со тоа го проширува кругот на меѓународни актери чии жртви се Сиријците, а деновиве особено - сириските Курди.

DW.COM

Реклама