„Тунелот на спасот“ на опколено Сараево | Информации и анализи за Балкан | DW | 04.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

„Тунелот на спасот“ на опколено Сараево

Тие 800 метри под аеродромот беа единствениот излез за жителите на опколено Сараево. Пред 25 години беше пробиен тунелот, кој ги спојуваше населбите Добриња и Бутмир. Тоа влијаеше и врз текот на војната во БиХ.

„Тешко е да се опише чувството, кога од бутмирската страна на тунелот чувме удари, а потоа и гласови...Почна да расте возбудата. Одеднаш во висина на очите беше пробиена дупка и видовме рака од другата страна“, се присетува Нусрет Халибашиќ, градежен инженер кој случајно се погодил во смена во ископот токму во последните часови на 30 јули 1993 година, кога беше пробиен тунелот под пистата на сараевскиот аеродром, наречен „Тунел на спасот“. 

„Имаше плач, вресоци, а потоа сѐ се урна и ние се изгушкавме, двете групи. Копавме ист тунел, а не знаевме едни за други“, вели Халилбашиќ. Се сеќава дека на некој свој познаник во Бутмир, преградие на Сараево кое не беше под опсада, буквално од рака му го зел сендвичот, бидејќи бил гладен. Вели дека го фасцинирале малите, импровизирани продавници во подрумите на бутмирските куќи, во кои се нуделе прехранбени производи, кои не ги беше имал видено две години, како јајца, компир, младо сирење или месо.

Bosnien und Herzegowina 25. Jahrestag des Tunnels D-B (DW/Z. Ljubas)

Нусрет Халилбашиќ

Тогаш 20-годишната Факета од Сараево, повремено работела во една таква продавница. Набргу по изградбата на „Тунелот на спасот“, излегла од опколениот град, отишла кај стрикото и некое време работела во неговата мала продавница во Бутмир. Неколкупати минувала низ тунелот. „И денес се сеќавам дека беше тесно и влажно, честопати и калливо и лизгаво. Честопати удирав со главата бидеќи беше ниско, а еднаш за малку и ќе се онесвестев“, вели Факета.

Потешко било, се присетува Факета, враќањето од Бутмир преку тунелот, бидејќи се претоварувала со храна за семејството. Секогаш, вели, стравувала од гранати кога излегувала од тунелот, но во сеќавањето ѝ се врежало ранувањето на сестра ѝ непосредно до тунелот и пистата на сараевскиот аеродром.

Опсадата на Сараево

Главниот град на Босна и Херцеговина, бисер на испреплетени култури и обичаи, се најде во вртлогот на војната на почетокот на 1992 година. Никој не можел да го предвиди страшното сценарио, но хоророт започнал веќе во април истата година, кога силите на босанските Срби, со помош на Југословенската народна армија (ЈНА) го опкружија градот и започнаа да го гранатираат.

Ситуацијата ги затекна неподготвени и светските сили, кои не реагираа на време, па опсадата на Сараево не беше прекината и со повеќе од 1400 денови се вбројува меѓу најдолгите опсади во историјата на модерното војување, со 11 илјади жртви, меѓу нив и 1600 деца. ОН се обидоа да воспостават воздушен хуманитарен мост, но српските сили ретко ја гарантираа безбедноста на меѓународните хуманитарни летови, па помош слабо пристигнуваше во опколениот град. Истовремено, меѓународната заедница ѝ воведе ембарго на БиХ за увоз на оружје, дополнително отежнувајќи ја и онака очајната состојба. Низ тунелот дневно поминуваа 3.000 луѓе.

Кратењето на струјата, водата и гасот, покрај секојдневното гранатирање на сите делови на градот, беа основна тактика на силите на Караџиќ и Младиќ во обидот да го покорат Сараево. Во таквата безизлезна ситуација се родила идејата за изградба на тунелот, кој градот го спои со приградската населба Бутмир, слободна територија во подножјето на планината Игман.

Стратешкото значење на тунелот Д-Б

„На почетокот на 1993 година нѐ посетија Неџад Бранковиќ и Бакир Изетбеговиќ (денес претседавач со Претседателството на БиХ) и го прашаа татко ми да им ја даде куќата за потребите за изградба на 'нешто', вели Едис Колар, под чија семејна куќа во Бутмир беше влезот во тунелот. 

Иако од почеток целиот план беше строга тајна, Колар вели дека веднаш знаеле за што станува збор, само што никој не го изговарал зборот „тунел“.

Неџад Бранковиќ, еден од носителите на идејата за „Тунелот на спасот“ се присетува дека било фасцинантно да се организираат луѓето од двете страни, добрињската и бутмирската, да работат 24 часа, за да го пробијат тунелот. Работата започнала во јануари 1993 година. важноста на тунелот, вели Бранковиќ за ДВ, не била само во доставувањето на неопходните нешта во градот - како храна, лекови, медицински материјал, а потоа и струја, нафта и телекомуникации, како и вооружување, туку тој имал и стратешко значење за одбраната на земјата. Тунелот имено, служел и за премин на државните службеници, односно нивните заминувања на бројни мировни преговори, како и за префрлање на ранетите. 

„Факт е дека ова беше важен инфраструктурен објект и за извршување на политичките функции на БиХ и поквалитетна преговарачка позиција за постигнување на мировен договор, а потполно поинаков беше и односот на воените сили откако единиците на 1. Корпус на Армијата на БиХ од оваа и од другата страна можеа да се поврзат во една единица. Објективно, оттогаш текот на војната тргна во друга насока“, смета Бранковиќ.

Трнот во окото на Младиќ- туристичка атракција

Тунелот Д-Б беше трн во окото на командантот на силите на босанските Срби, Ратко Младиќ, осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, но и за гранатирањето и теророт врз граѓаните на Сараево. Младиќ од ОН барал да го затвори тунелот, а кога тоа не му појде од рака, тој со сите сили се трудеше да го уништи, непрекинато го гранатираше, а се обиде и да го потопи.

„Ние, копачите, не знаевме тогаш за тоа. Подоцна дознавме. Многу лесно сето можеше да се потопи. За среќа, тоа не се случи“, вели Нусрет Халилбашиќ.

Bosnien Herzegowina Museum Tunnel des Überlebens in Sarajewo der Eingang zum Tunnel (DW/Jasmina Rose)

Влезот во тунелот кој минувал под подрумот на куќата на Коларови

Тунелот Д-Б (Добриња-Бутмир), истакнува Неџад Бранковиќ, не смее да се заборави. „Тоа е важен дел од нашата историја“.

Семејството Колар, кое својата куќа ја дало за под неа да се прави влезот во тунелот по војната самата вложила напори да се сочува сеќавањето на него. На крајот на 1996 година, по затворањето на тунелот, тие го зачуваа влезот во него и самите уредија музеј во рамките на куќата за кој самите се грижеа, одолевајќи на сите обиди на локалните власти да им го одземат тоа. Дури во 2012 година грижата за Меморијалниот комплекс ја презема Фондот за сеќавање на кантонот Сараево.

Најголем дел од тунелот Д-Б познат под името „Тунел на спасот“ е урнат, освен 25 метри на влезот на куќата Колар. Едис Колар вели дека ќе настојува да ги сочува и заштити тие автентични 25 метри од тунелот, а за туристите, до крајот на годинава, би требало повторно да бидат пробиени урнатите 130 метри од тунелот во насока на аеродромот, кои би требало да го доловат чувството на преминување низ единствениот излез од тогаш опколениот град.

 

DW.COM

Реклама