Тројката од ЕП ќе го топи мразот во македонскиот парламент | Северна Македонија | DW | 26.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Тројката од ЕП ќе го топи мразот во македонскиот парламент

Европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн денеска ќе учествуваат на дебати во Собранието, а ќе имаат и нов обид за поттикнување на дијалогот и за враќање на опозицијата во парламентот

Македонскиот парламент денеска ќе биде домаќин на пратеници од европскиот парламент, но и од од парламентите на земјите кандидати за членство во ЕУ. За домашната јавност најпознати меѓу гостите се тројцата европратеници - Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои помагнаа во олеснувањето на политичките преговори во Пржино. Тие денеска во македонскиот парламент ќе учествуваат на 13. Конференција на парламентарните комисии за европски прашања на државите од ЈИЕ кои се опфатени со процесот за стабилизација и асоцијација (КОСАП). На првата сесија ќе се дебатира за „Европските перспективи на Западен Балкан“, каде покрај Флекенштајн, Кукан и Кристијан Вигенин, претседател на Комисијата за европски прашања и контрола на европските фондови, свое обраќање ќе има и амбасадор на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

На втората за „Западен Балкан владеен од правото“, ќе говорат Вајгл, амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли и министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Билен Салији. Денеска во Собранието ќе се одржи и интерпарламентарна Конференција на тема „Моќта на касата: Буџетски овластувања и процедури на европскиот парламент“ на која ќе говорат претставници на Европскиот парламент, како и пратеници од парламентите на земјите кандидати за членство во ЕУ.

Mazedonien Besuch der Europaabgeordneten Kukan Vajgl und Howitt (MIA)

Европарламентарците Вајгел (лево) и Кукан (десно) на една од нивните претходни посети на Македонија заедно со британскиот европарламентарец Ховит, чие месро во тројката го презема германскиот европратеник Флекенштајн

Дијалог во куќата на Моне

Но, тројката Вајгл-Кукан-Флекенштајн е во Скопје и за нов обид за поттикнување на иницијативата „Жан Моне“ во близина на Париз, со цел да се врати дијалогот меѓу партиите. Се очекува тие денеска да се сретнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска и со претседателот на Собранието од редовите на ДУИ, Талат Џафери. Пред доаѓањето во Македонија, Вајгл во интервју за МРТ изјави дека позитивниот развој во Македонија треба да се зачува и со конструктивно партнерство меѓу владината коалиција и опозицијата.

„Позитивниот развој кој го забележавме по последните избори со новата Влада е граден врз достигнувањата од претходните периоди, и не треба да се создава впечаток дека се почна вчера. Тоа што е исклучително важно е Собранието во Македонија да создаде атмосфера на нормална демократска соработка и натпревар на идеи, но се треба да биде поврзано со интересот на државата. Не е можно да се замисли работата на Парламентот да биде ефикасна и прифатена од ЕУ, ако опозицијата ја бојкотира работата. Секогаш ја истакнувам одговорноста на владејачката коалиција дека треба да и даде признание и чувство на конструктивен партнер на опозицијата, особено ако е толку многу силна, како што е силна во Македонија. Според ова одговорноста за конструктивната работа во Парламентот ја имаат двете страни“, потенцираше Вајгл.

Повеќе:

-Куќата на Моне засега без „резервации“ од Македонија

-СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: Тајно усогласување за јавно добро

-Вилатa „Водно“ како куќата на Моне

Процесот „Жан Моне“ беше инициран кон крајот на минатата година, а првата сесија беше планирана кон крајот на јануари. Но, поради повеќе причини дијалогот беше одложен, а како нов термин се спомнува крајот на март. Неодамна, пратеници од сите пратенички групи беа гости на Институтот „Вилтон Парк“ во Лондон, каде разговараа за поефикасен и понезависен парламент. Европратеничката тројка доаѓа во почетокот на жешка недела во парламентот, бидејќи се очекува во наредните денови повторно да се гласа за Законот за употреба на јазиците, за кој претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша указот за негово стапување во сила. Потоа опозициската ВМРО-ДПМНЕ достави рекордни 35.569 амандамани, кои ако се разгледуваат поединечно, ќе ја блокираат работата на парламентот најмалку шест месеци. Засега нема јасен одговор како ќе се одвива расправата. Не е исклучено европратениците во разговорите со партиските раководства да го стават акцентот и на ова прашање, а наредниве денови решението да се бара и на меѓупартиски средби.

Ќе расте парламентарното мнозинство?

Со цел да се обезбеди поефикасна работа парламентот, опозицијата ги добива законските проекти на разгледување уште пред да влезат во собраниска процедура. За таа цел веќе функционираат работни групи посветени на усогласување на ставовите за предлог-законските решнија. На очекувањата од работата на тие групи, вчера се осврна и премиерот Заев.

„Работните групи се направени со чувство и потреба сите да бидат вклучени од самиот почеток на изготвувањето на законските решенија. И сега е почетокот на изготвувањето на законските решенија за кои е потребно двотретинско мнозинство. Но, ние разговараме и за законски решенија за кои е потребно просто мнозинство. Би сакале да добиеме поддршка од опозицијата и за тие закони. Работните групи имаат за цел да помогнат во реформите, преку еден консензус на критичен осврт на опозицијата и под будното око на опозицијата, како што личи во сите демократски држави, за да може да добиеме поквалитетни решенија. Нивната вклученост би била и соодветна гаранција и за имплементацијата“, рече премиерот.

Knut Fleckenstein, SPD-Abgeordneter aus Hamburg im EU-Parlament (Christiane Rogge)

Германскиот европарламентарец, Кнут Флекенштајн

Но, покрај градењето ваква соработка со опозицијата, деновиве стигнуваат и сигнали за можно проширување на парламентарното мнозинство. Премиерот потврди дека има разговори во таа насока.

„Разговараме со опозициските партии за да го прошириме мнозинството. Разговараме со сите партии кои би сакале да ги поддржат процесите кои што се започнати со една засилена тенденција, поради тоа што доаѓа пролет, а таа е многу важна и поради оперативните теренски активности - реализацијата на крупните капитални проекти во државата, но и политичките аспекти како што е  интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ. Сериозни прашања се исправени пред Македонија. Нема да биде на одмет да тоа парламентарно мнозинство биде постабилно, посериозно, а секако со присуство на опозицијата, да се носат сите одлуки во законодавниот дом“, изјави Заев.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама