Три сценарија во игра - ќе се вратат ли децата во училишните клупи? | Северна Македонија | DW | 28.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Три сценарија во игра - ќе се вратат ли децата во училишните клупи?

Враќање во училишните клупи, да се продолжи со хибридниот модел, или пак ротација на учениците на една недела - се трите опции кои ги предлага МОН

Три сценарија се во игра за стартот на учебната година од 1 септември – враќање во училишните клупи, да се продолжи со хибридниот модел воведен за време на пандемијата, или пак ротација на учениците на една недела. Од Министерството за образование и наука велат дека се подготвени за спроведување на сите три сценарија, но дека очекуваат годината да започне со првото сценарио – односно учениците наесен да се вратат на училиште, по паузата од година и половина од почетокот на пандемијата со Ковид-19.  

-повеќе на темата: Пандемија: Онлајн наставата како летен распуст

„Сите во Владата сме согласни дека најдобро е сите ученици од први септември да се вратат во училишните клупи под протоколите за заштита од Ковид-19. Ова е првото и најпосакуваното сценарио, но сепак неговата примена ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заразни болести”, вели министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Normazedonien | Mila Carovska | Bildungsministerin

Најдобро е сите ученици од први септември да се вратат во училишните клупи, вели министерката Мила Царовска.

Второто сценарио е да се оди со досегашниот хибриден модел, каде со физичко присуство настава следеа учениците од прво до четврто одделение, додека останатите ученици наставата ја следеа на далечина. Во игра е и трето сценарио кое предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи со ротација на присуството на учениците на една недела.

Протоколи

Царовска вели дека Министерството за образование и наука за сите три сценарија ќе биде подготвено од 1 септември. Одлуката ќе ја донесе Комисијата за заразни болести согласно епидемиолошката состојба. На оваа тема денеска се дискутираше и на Главниот координативен штаб.

Минатата учебна година започна на 1 октомври, и тоа со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение, како и некои стручни училишта или училишта низ земјава кои ги исполнуваа условите согласно ковид протоколите. Другите ученици посетуваа онлајн настава.

-повеќе на темата: УНИЦЕФ алармира: 168 милиони деца не одат на училиште поради короната

Здравствените власти сметаат дека учениците можат да се вратат во училиштата од септември, а забрзано се подготвуваат и протоколите за новата учебна година. Професорот Драган Даниловски деновиве во емисијата „25 минути“ на 24ТВ го изнесе својот став дека учебната година треба да започне навреме. „Масовна вакцинацијата е единствен спас од новата мутација – индискиот сој на коронавирус, познат како Делта, кој многу брзо може да дојде и да се рашири и кај нас. Младите се најголем ризичен фактор за пренесување и тие треба да се вакцинираат бидејќи преку дружење може да го шират вирусот кој е многу позаразен и тешко се распознава зашто личи на потешка настинка. Учебната година мора да започне навреме, со сите протоколи за децата настава со физичко присуство за да се искористи топлото време бидејќи не знаеме што не чека од октомври“, вели тој.

Symbolbild Schülerin & Hausaufgaben

Здравствените власти сметаат дека учениците можат да се вратат во училиштата од септември.

Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека протоколите за учебната година се речиси готови. „Планирано е да присуствуваат сите деца, 100 проценти од вкупниот број во класовите. Така се подготвуваат и протоколите. Мерките се: дезинфекција, често проветрување на училниците, немешање на различни класови. Протоколите ќе бидат целосно завршени за две недели“, изјави деновиве Филипче. По пристигнувањето на големото количество вакцини викендов, се планира и имунизација на сите наставници.