Трите „р“ на Прибе: Рокови, работа и реформи! | Македонија | DW | 08.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Трите „р“ на Прибе: Рокови, работа и реформи!

Препораките што пред две години ги даде експертската група предводена од Рајнхард Прибе, до денес имаат „нула“ реализација, а настаните од 27-ми април сведочат дека Македонија бележи и драматичен „минус“.

Прибе се враќа во Македонија. Оваа вест што вчера ја соопшти еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, ги реактуелизираше заложбите и ветувања за реформи. Рајнхард Прибе, пензионираниот директор на Директоратот за Западен Балкан во Европската Комисија, кој беше ангажиран од ЕК да ги скенира состојбите во повеќе области во Македонија, пред две години остави Извештај од 30-тина страници, во кој се идентификувани „значајни недостатоци“ во пет сфери: контролата на комуникациите, судството и обвинителството, надворешниот надзор од независни тела, начинот на спроведување на изборите и состојбата во медиумите. Во тимот на Прибе беа поранешен државен обвинител на Ирска, поранешен шеф на одделот за борба против мафијата на Италија и други експерти со професионално искуство во сфери поврзани со владеењето на правото, упатени во состојбите во земјата врз основа на нивни претходни ангажмани од ЕК, Советот на Европа и други организации. Нивните забелешки беа вградени и во Итните реформски приоритети (ИРП), чие спроведување стана обврска од Договорот од Пржино.

EU - Erweiterungskommissar Johannes Hahn (DW/A. Feilcke)

Еврокомесарот Јоханес Хан го најави доаѓањето на експертската група

Реформи и „реформатори“

Сè уште не се знае точниот термин кога тимот на Прибе доаѓа во Македонија, но познато е дека поминаа две години откако еврокомесарот Јоханес Хан на 17-ти јуни 2015 година во Брисел му го предаде експертскиот Извештај на тогашниот вицепремиер Фатмир Бесими. Оттогаш до денес има „нула“ реализација во препораките што ги остави експертскиот тим, па она со што ќе се соочи Прибе при претстојната посета, покрај недостиг на резултати, е и „црн хумор“. Имено, лани во октомври, техничкиот премиер, Емил Димитриев, врз основа на препораките на Прибе најави почеток на реализација на националниот проект „Консолидација на безбедносниот систем во Република Македонија“. Го најави како „систем кој треба да функционира независно од тоа кои лица управуваат со безбедносните институции“, а за координатор на проектот го назаначи директорот на БЈБ, Митко Чавков. Настаните во Собранието од 27-ми април 2017 година и улогата на Чавков во нив, покажаа дека Македонија не само што не доби таков систем во еден сегмент (МВР), туку дека тој е претворен во безбедносен антисистем. И покрај тоа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вчерашната средба во Брисел со комесарот Јоханес Хан, изјавил дека „ВМРО-ДПМНЕ и Владата што ја предводела партијата, направиле крупни реформи“.

„Направивме многу реформи во минатото, во сите сфери и сектори. Нови реформи секогаш ќе има. Тоа било и така ќе остане за секоја земја, и во членките на ЕУ и во земјите што се надвор од ЕУ, но не може постојано тоа да биде изговорот зошто не се отвораат преговорите за членство“, изјавил Груевски.

Веројатно заради евидентноста од ретроградни процеси, Хан најави дека „експертската група која наскоро ќе дојде, ќе се надоврзе на претходните наоди и ќе обезбеди препораки како да се одговори на проблемите поврзaни со системското владеење на правото, каде имаше назадување во изминатите неколку години“. Според еврокомесарот, одлуката за повторно испраќање на експертскиот тим е израз на „подготвеноста на Европската унија да работи заедно и да ја поддржи новата Влада во нејзините реформски напори“.

Symbolbild Tatendrang (imago/bonn-sequenz)

И тимот на Прибе и новата Влада ќе имаат многу работа

„Во групата ќе бидат вклучени истите искусни експерти кои го подготвија Извештајот со препораките, поврзани со пресретнатите комуникации во 2015 година“, најави Хан.

Тој потенцира дека експертите ќе ја советуваат новата Влада за теми поврзани со владеењето на правото.

„Побарав од шефот на Делегацијата на Европската унија да разговара со новата Влада пошироко за реформските приоритети поврзани со ЕУ, со конкретни рокови, и за тоа како ЕУ може да обезбеди помош и совет за тие реформи. Ние сме посветени да работиме со новата Влада, како и со опозицијата, на враќањето на земјата на патот на интеграциите во ЕУ, што граѓаните го посакуваат и го заслужуваат“, нагласува Хан.

Незапочната работа

Она што е извесно - е дека и тимот на Прибе и новата Влада ќе имаат многу работа. Во областа „следење на комуникациите“ досега не е ништо променето, а една од главните препораки што ги даде експертската група гласеше: „УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал, односно, т.н. тhe proprietary switches (сопственички прекинувачи) треба да бидат преместени во просториите на телекомуникациските оператори. Операторите треба да ги активираат и пренасочуваат сигналите до надлежните органи (полицијата, Царинската управа и Финансиската полиција) или до безбедносните органи (УБК, Агеницијата за разузнавање и одделот за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана) само по добивањето на релевантна судска наредба и само за целите на законското прислушување. Под кои било околности УБК не треба да има практична можност за директно пресретнување на комуникациите“.

Ни Акцискиот план на Владата во оваа насока, воопшто не се прослави со резултати. Графите под наслов „степен на реализација“ останаа главно празни или со запишани тековни активности - обуки, координации и слично. За многу активности не беше утврден ни рок за реализација. Таков е примерот со реформите за „Функционален судски и собраниски надзор на следењето на комуникациите“. Не беше одреден рок за реализација на препораките „Да се отстрани посредничката функција на УБК како 'чувар' за активностите на следење од страна на органите за спроведување на законот (полиција, царина, финансиска полиција)“ ниту за „Отстранување на практичните и техничките можности на УБК за директно следење на комуникациите“. Одговорот за степенот на реализација на овие препораки во Акцискиот план остана идентичен: „Оваа активност ќе се реализира со донесувањето на новиот Закон за следење на комуникациите“.

Експерите кои го следеа спроведување на овие активности, уште лани предупредија дека салдото на реализација не само што е „нула“, туку оди во „минус“.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама