Триесет години македонска самотија | Северна Македонија | DW | 20.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Триесет години македонска самотија

Кога Македонците ќе го надминат својот  страв, тогаш ќе ја напуштат и својата сопствена, видлива и невидлива македонска самотија. Колумна на Кица Колбе.

Насловот на мојата колумна е само парафраза на прочуеното дело на Маркес. Јасно ми е, Македонија е неспоредлива со Латинска Америка. Но, какво чудо, уште на првата страница од романот „Сто години самотија“ се говори за некој таинствен Македонец! И веднаш сме во срцето на македонскиот проблем: секаде во историјата го има славното име Македонец или Македонија! А тоа, сепак, на обичниот Македонец не му помага да му објасни на странец каде и која е неговата татковина.

Таа малечката земја во последните децении стана позната во светот само со спорот за името. Нејзиниот број на жители само малку го надминува оној на милионскиот германски град Келн. Македонската политичка и културна јавност е уште помала. Тоа го сознавам при секоја посета на Македонија. Секако, овој факт порано можеше да се занемари. Особено во времето кога Македонија беше република во југословенската федерација. Таа констелација беше поволна не само за обликувањето на македонската национална самосвест, туку и за македонската уметност, наука и стопанство. Несомнено е дека тогаш македонските граѓани имаа поголем хоризонт и можност за комуникација во секоја смисла. Пристапни им беа неколку големи југословенски центри, со богат културен живот. Македонските граѓани тогаш можеа да се надградуваат и да се одмеруваат во споредбата со граѓаните од другите југословенски републики. Најважно беше сознанието дека тие припаѓаат на една поголема политичка формација. Гледано од оваа перспектива, и со горчливото искуство на војните по распаѓањето на Југославија, јасно е дека годините во југословенската федерација беа поволни за растежот на македонската национална и културна самосвест. Ретко се согледува овој аспект кога денес некои македонски граѓани се прашуваат: чуму Македонија во ЕУ? За Македонија е од егзистенцијално значење да биде вклучена во еден поширок политички контекст во Европа. Само кога објективно ќе се согледа бедата и очајот, разединетоста и омразата, безнадежноста и безизлезноста во која веќе неколку децении живеат македонските граѓани, може да стане јасно колкаво значење за македонското општество има нејзиното постепено приближување кон ЕУ.

Трагичноста на „македонскиот менталитет“

Констелацијата во која Македонија се најде по еуфоричниот старт како самостојна држава не беше многу среќна. Секако, македонските граѓани тогаш конечно го остварија вековниот сон за сопствена држава. Сепак, не треба да се заборави дека од тој миг Македонија остана самата со себе. Таа тогаш ненадејно се соочи со ненадминатите призраци на балканската историја, за која сите во Југославија верувавме дека е одамна мртва. Тоа важи особено за Македонците и за негирањето на нивната национална самосвест од страна на соседните балкански држави. Секако, неповолната политичка констелација, која настапи  во мигот кога сите очекува дека Македонија ги исполни сите услови на државната, меѓународно признаена самостојност, до ден-денес ги погодува сите македонски граѓани, независно од националноста. Но, сепак, спорот за името и блокадите на Грција на патот кон европската интеграција Македонците секогаш ги чувствуваа како своја лична навреда и стигма.

И токму тогаш, кога тие беа оставени самите со себе, Македонците ги покажаа најтрагичните особини на тоа што се нарекува „македонски менталитет“. На прво место, недостигот на зедничка визија како граѓанско општество. Потем, длабоката македонска разединетост на национална и партиска основа, која врвот го достигнува токму деновиве. Секако, македонскиот менталитет во трите децении македонска самотија се пројави и низ ненадминатите историски искуства. Денес речиси никој не потсетува на тоа дека имаше високи политичари во денешната опозициска партија кои сакаа да го ревидираат Блаже Конески и неговото дело во кодификацијата на македонскиот јазик. А токму во македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет – на македонското национално Себство. Да не беше ненадминатото историско искуство на Македонците, да не беа збрките во главите на некои македонски политичари за тоа кои се, всушност, Македонците, која е нивната национална и културна припадност, тогаш тие триесет години самотија во чекањето на европските интеграции ќе можеа да бидат сфатени како шанса. Тогаш, можеби, македонските граѓани неволјата ќе ја преобразеа во морална доблест. За тоа, пак, секогаш се неопходни личности со морален  интегритет. Такви беа малкумина во првата генарација на политичари по самостојноста. Во тие речиси триесет години преговори за името, поинакви политичари ќе можеа да разработат успешна стратегија за сопствена промоција – национална и културна. На сите македонски влади им недостигаше фантазија за тоа како треба да изгледа успешната презентација на тоа што е македонската самобитност – на тој од сите денес толку цитиран македонски идентитет.

Морничавоста на камените кулиси

Македонското општество многу кусо го држеше еуфоријата на самостојноста. Потоа небаре навистина да завладеа некоја чудна, оловно тешка македонска самотија. Барем јас така, напати, ја доживував  состојбата на духот во Македонија. Најсилно почуствував како мојата таковина да е пропадната во стогодишен сон во едно магливо попладне, пролетта 2008-та, кога со делегацијата која го придружуваше германскиот претседател Хорст Келер слетавме од сончевиот Дубровник во Скопје. Како времето да беше застанало, така ми се пристори мрачната Македонија, споредена со виталноста, блесокот и желбата за напредок што ја доживеавме во Загреб и Дубровник. Хрватска брзо потоа стана членка на ЕУ. Македонија остана да чека, затворена во себе и во својата фиксираност во својата слика за  историјата. Тогаш, додуша, уште не беше јасно што подготвува „псевдо-визионерот“ на новата македонска националност – античко-македонската – премиерот Груевски. Навистина, затвореноста на Македонија во својот имагинарен „македонски круг“ на самотијата кулминираше во времето на „антиквизацијата“. Таа беше симптом на сѐ поголемата цивилизациска затвореност на Македонија. Тогаш химерите и призраците на новата митологија станаа стварност, излеана во камен. При секоја посета на Скопје, на неговиот центар, ја чувствувам морничавоста на тие камени кулиси. Затоа што тие сугерираат мртвост. Тие предизвикуваат чувство на клаустрофобија. Тие се синдромот на македонската триесетгодишна самотија. Во нив срцето на Скопје, на тој витален, живописен, слободен град се преобрази во гигантски музеј. Сликата на Скопје 2014 е грдата, тажна слика за македонската самотија во овие три децении. 

Други колумни од авторката:

„Македонскиот наратив“ и културното паметење на Балканот

Парадоксот на визијата за мир

„Александроманија”– „болеста” на малите балкански народи

Оставеноста на Македонците самите со себе беше најпогубна за политичката реалност. Страшно е сознанието дека таа ментална македонска самотија стана извонредна кулиса за корупцијата и криминалот на политичката и на стопанската елита. Додека се распаѓаа социјалистичките фабрики, додека се распродаваа болниците, додека се девалвираа образовните институции, додека од ден на ден стануваа сѐ посиромашни пензионерите, кои сиот животен век во Југославија го поминаа со чесна работа, додека од очај и безизлез си заминуваа младите кадри, за сето време, во заднината, во невидливата транзициска историја, растеше богатството на новите милионери, на македонските олигарси. За нив трите децении македонска самотија беа станале вистинско елдорадо. Тие се оние кои сега сакаат да сторат сѐ, само и понатаму Македонија да остане затворена во своето гето, далеку од европската перспектива. Тие би ја жртвувале и Македонија, само за да ја спасат сопствената кожа. Тие се оние кои и сега сакаат да  ја избегнат заслужената казна. Затоа тие манипулираат со реалното социјално незадоволство на обичните, просечните граѓани. Тие сакаат да им сугерираат дека за нивниот очај, за нивната беда и безизлез е виновна  ЕУ, Западот и Европа. Тие ги лажат и замајуваат со фантазии дека ним ќе им биде подобро со Русија или со Турција. Тие ги манипулираат со лажни вести и теории на заговор. Ним им се придружила цела гарда на извикани, девалвирани македонски интелектуалци, преполни со омраза за западната култура. Најстрашно во овој миг е тоа што во Македонија дури и интелектуалците шират теории на заговор. Тоа е девалвација на сите интелектуални критериуми. Обичните граѓани имаат чувство на немоќ, на безизлезност, на очај затоа што тие во овие три децении ја загубија вербата и довербата во политичките и во државните институции. Со нивниот очај сега перфидно манипулираат истите политички профитери на транзицијата, особено оние од сегашната опозиција, преобразувајќи го нивниот очај во слепило, фанатизам и омраза. Само затоа просечните граѓани не согледуваат кој е вистинскиот виновник за нивната беда и очај.

Реална, а не митолошка слика за себеси

Триесетте години македонска самотија беа погубни за македонското општество во целост. Предолгото чекање на евроинтеграцијата беше само една од причините за осаменоста  и немоќта на македонските граѓани. Блокадата на Македонија од страна на  Грција беше погубна за двете општества – и во двете земји во овие три децении од националистичката параноја профитираа само популистичките партии. Двете општества се во колапс – и македонското и грчкото – секое од свои, посебни причини. За Македонија е од суштествено значење таа да ја напушти тридецениската самотија и да пристапи во поголемата европска констелација. Јасно е дека приемот нема да дојде брзо. Но, пристапните преговори ќе ја придвижат застоената, во себе и во своето чувство на жртва затворена  македонска јавност - кон нови видици, кон инспиративни поттици, кон размена на искуства и вредности. Европската перспектива ќе ја разбуди надежта кај македонските граѓани. Европското обединување е значајно за егзистенцијата на малите  земји – такви  како Македонија. Во Македонија најдрагоцени траги во културното наследство оставија оние историски периоди, во кои таа била дел од поголеми политички  формации – како оние во античкото, римското или византиското време.

Секако, македонската самотија го потенцираше „македонскиот менталитет“. Тој менталитет, напати, прави Македонците да го изгубат чувството за реалност. Тој е често причината за нивната неорганизираност, нефункционалност, хаотичност. Тој менталитет прави работите да се прават секогаш во последен момент. Тој е причината за недостигот на реална – а  не митолошка – слика за себеси во светот. Небаре историјата да минува крај Македонците, а тие не ја  забалежуваат. Четврт век  се преговара за разликите во спорот за името на државата, а некои од  нејзините граѓани денес реагираат така, како во сите тие години никогаш да не чуле за што, всушност, се преговара. Како никогаш ниту за миг да не помислиле дека на крајот на тие преговори може да дојде до исправка, додавка или промена на името на државата. Иако сето време во новинските извештаи, барем во странските медиуми, се говореше за преговори за промена на името. Денес човек помислува дека небаре многу во Македонија мислеле дека тие преговори никогаш нема да бидат окончани, за да мора да ги сфатат сериозно. Дека, во духот на македонскиот менталитет, си мислеле дека додека политичарите преговараат, граѓаните ќе си бидат на раат. И дека така ќе биде до бескрај! Паниката и паранојата, стравот и депресијата кои се раширија како виор кај еден дел од македонските граѓани, го тера на размислување секој критички мислечки човек. Ако тие граѓани биле и досега сериозно загрижени, како што се чини сега од нивната жестокост против Договорот со Грција, тогаш зошто тие толку енергија не вложија во сиве овие три децении: против преговорите или за нивниот поинаков исход?

Вековен страв

Но и таа реакција е симптом на трите децении македонска самотија. И стравот на обичните граѓани од исчезнување, со кој перфидно манипулираат профитерите на делбите, омразата и расцепите меѓу Македонците, е разбирлив само за тој што ја знае македонската  историја. Македонската самотија, всушност, е долга, подолга од  три децении. Таа е полна со трауми и загуби, со војни и разделби. Познато е дека  во последните два века Македонците постојано доживувале промена на нивните имиња, на нивниот јазик, во зависност од политичката државна рамка во која се беа нашле: во грчки, српски или бугарски контекст. Некој отстрана ќе помисли дека во македонското генетско паметење се наталожило тоа историско искуство во вид на недостиг на национална самосвест. Јас, пак, мислам дека во македонското историско паметење е наталожен стравот – вековниот страв. Тој страв бил реален во времето кога Македонците немале своја држава. Сега, пак, е крајно време да се надмине стравот. За да може македонските граѓани да станат самосвесни и критички личности. Личности што мислат со своја глава – без фанатизам и без националистичко слепило. Самосвесните, објективни и критички граѓани се основата на европската парламентарна демократија. Кога Македонците ќе го надминат својот страв, тогаш ќе  ја напуштат и својата сопствена, видлива и невидлива македонска самотија.

DW.COM

Реклама