Требит соба, требит кајче - синоним за туризмот во Охрид | Македонија | DW | 06.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Требит соба, требит кајче - синоним за туризмот во Охрид

Пред 90 години, на почетокот на мај, се случила првата групна посета на Охрид. Со тоа започнува организираниот туризам во градот и во Македонија. Каде е охридскиот туризам девет децении потоа?

Без многу помпа и прослави во ова време-невреме за Македонија, овој датум допре до нас преку една стара фотографија објавена на социјалните мрежи во групата наречена „Охрид слики од минатото“, на која е прикажана првата организирана група туристи во Охрид.

За овој настан од пред 90 години во архивските документи стои: „Во 1927 година како студент и секретар на Академското потпорно друштво при тогашниот Филозофски факултет во Скопје, Ѓорѓи Шоптрајанов по повод Први мај ја организирал првата групна посета на древниот Охрид. Така започнува да се развива организираниот туризам во Охрид и Македонија и да се формира свеста за односот кон културното наследство.“ Подоцна Шоптрајанов станува познат македонски филолог, универзитетски професор, еден од најголемите македонски франкофони и научник од светско реноме.

Го контактиравме и Климент Наумов, претседател на охридското Здружение на туристички водичи „Кеј“.

„Во учебниците кои произлегуваат од една плејада професори од ФТУ од Охрид спомнато е првото документирано, организирано туристичко патување на 1 мај 1927 година на студенти од Филозофскиот факултет во Скопје, предводени од Шоптрајанов. Тогаш биле исполнети неколку фактори: превоз, сместување и вонпансионска понуда со посета на сакралните објекти и природните убавини во Охрид и околината. За жал тоа е паушално претставено и не го има вниманието коешто го заслужува. Бидејќи станува збор за почетоците на туризмот во Охрид, би требало час поскоро истражувачите од ова поле, па и јас како докторант на ФТУ да копаме, како што се вели зад насловот и од тоа заслужува да произлезе и докторска дисертација“, вели Наумов.

Mazedonien Tourismus - Start der neuen touristische Saison in Ohrid (DW/Milco Jovanoski)

Климент Наумов, претседател на охридското Здружение на туристички водичи „Кеј“

Туризмот пред и по Втората светска војна

Потоа сѐ е поинаку. Бројот на туристите расте. Се појавуваат повеќе мали градски хотели од кои најпознатиот „Српски краљ“, лоциран на плоштадот во Охрид во сопственост на семејството Радиќ, е урнат по Втората светска војна. Многу стари охриѓани и денес се сеќаваат на првите издадени соби на туристи во старата рибарска населба Канео и во Варош, на првата линија до езерото. За прва градба во социјализмот во туризмот во Охрид се смета синдикалното одморалиште „Орце Николов“, а кон крајот на педесеттите започнува со работа хотелот „Палас“, кој сега е нем сведок на едно туристички подем на  Охрид. Зјае празен над деценија. Повремено се пушта по некој глас дека ќе проработи и повторно - молк. За златно време на охридскиот туризам се смета периодот од седумдесеттите до крајот на осумдесеттите години на минатиот век. Тогаш се зголемија капацитетите, се градеа хотели, одморалишта и странците навалуваа не само во лето, туку и пред и по него. Транзицијата од деведесттите години наваму памети дека бројот на гостите варира, дека нема градба на нови, туку реконструкција и незначајна доградба на старите објекти и сѐ поголема иницијатива во мали приватни хотели и апартмани. Така Охрид дојде до поголема понуда од побарувачка. Но никој не стои со скрстени раце, напротив.

Последните сезони под политички стрес и криза

„Лани бегалската криза, предминатата случајот во Куманово, негативно влијаеја врз бројот на туристите. Токму пред сезона сѐ нешто негативно се случува во Македонија. Ако имаме уште една слична криза како последнава со упадот во Собранието на РМ, можеме да заборавиме на туризмот ова лето“, вели Крсте Блажески од Асоцијацијата на хотелиери ХОТАМ. За првомајските празници процентот на откажани резервации бил минимален: „Се надеваме дека ќе се стабилизира политичката ситуација и дека ќе почне да функционира Владата. Време е да се испрати една позитивна порака дека туристите се безбедни кај нас“, уверен е Блажески.

Тој, одговарајќи на критиките во јавноста дека аранжманите се со смешно ниски цени, додава: „Во регионов Холаѓаните се присутни од 2011 година и нормални се осцилации, подобри и полоши години. Цените во хотелите се закуп со гаранција. Ова важи за хотелите од пет, четири и три ѕвезди. Ако некој закупи сместување од мај до октомври во глобала значи дека македонските цени се исти како и оние кои важат и во нашето окружување.“

Сензитивноста е присутна, но, според резервациите, нѐ чека одлична сезона, вели Атанас Николоски, менаџер за продажба на хотелите „Метропол – Белви“.

„Во мигов најактуелен е конференцискиот туризам и групите од Далечниот Исток. Во мај почнуваат и чартер летовите, најмногу ги има од Холандија и од Белгија, во јуни ќе имаме гости и од Полска, чартери и автобуси и гости од Израел, помалку од пред неколку години, но доволно да ја зголемат посетеноста во нашите објекти. Во контакти сме со Скандинавија и Русија, на пример. Уште нема ништо конкретно, но има надеж и потенцијал. Убеден сум дека како држава и како приватни лица сме во ќар. Гостите трошат и надвор и резултатот е позитивен“, вели Николоски. Тие имаат вкупно 380 соби и апартмани и сѐ уште го држат приматот на најголем комплекс во Македонија и два од нив се со четири ѕвезди.    

Bildergalerie Frühling in Ohrid, Mazedonien (DW/M. Jovanoski )

Наумов вели дека туризмот треба да се насочи кон луѓето кои го сакаат Охрид како културен и религиозен центар и кои се вљубеници во природата

Да се зачува она што е квалитет во Охрид заедно со езерото

Охрид е на пат целосно да се комерцијализира, како да ја губи душата, згаснува романтиката која останува „заробена“ во првата филмска македонска комедија „Мирно лето“ од Димитрие Османли.

„Самите прво треба да си го сакаме, а потоа и на туристите да им дозволиме да го сакаат градот. Охрид не треба да се шири и да се пренатрупува со нови објекти, треба да се прогласи мораториум за градба. Во светот не се тренд одморалиштата со голем капацитет. Наспроти масовниот, треба да го развиваме алтернативен туризам. Ќе дојде клиентела која ќе биде подготвена да потроши за доживеаното. Охрид не е само капалиште, треба да се насочиме кон луѓето кои го сакаат како културен и религиозен центар и кои се вљубеници во природата“, заклучува Наумов, претседателот на охридските туристички водичи.

До првата стотка има време многу нешта да се средат во охридскиот туризам, но со надеж дека ќе остане она што е типично охридско. На пример: „Кога дојдовте и кога ќе си сјојте?“

DW.COM

Реклама