1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба ли на Куба да и‘ се укинат санкциите?

Геро Шлис / Д. Ристова8 декември 2014

Треба ли по 50 години да се укинат американските санкции во Куба? „Њујорк Тајмс“ предлага претседателот Обама да го стори тоа. Сепак, отпорот во САД и натаму е голем.

https://p.dw.com/p/1E0wE
Фотографија: Reuters

„Не им верувам на тие типови“, вели Рафаел Хернандез, зборувајќи за Фидел Кастро и неговиот брат Раул. Како и многу други Кубанци во егзил и Хернандез во 1960. година побегнал во Мајами, непосредно откако дошле на власт Кастро и неговата Комунистичка партија.

Хернандез седи зад воланот на своето такси и се гледа колку му е тешко да се воздржи. „Ако ме прашувате мене, Кастро би требало да умре“, вели. А на прашањето дали САД треба да го укине ембаргото против Куба, кое пред 50 години го воведе тогашниот претседател Џон Ф. Кенеди. и за што овие денови поттикнат Њујорк тајмс се расправа, Хернандез одговара: „Тоа би било добро за луѓето“. Тогаш додава реченица која ја отсликува целата дилема поттикната деновиве од „Њујорк Тајмс“: ако се укинат санкциите, тоа, додуша, ќе им го донесе на луѓето она што им е неопходно за преживување - „доволно храна и пиење, но не и слобода“.

Професор Хаиме Сушлики од Институтот за Куба и Кубанско-американски студии на универзитетот Мајами, смета дека Кубанците прво мораат да го пуштат на слобода Алан Грос, американскиот хуманитарец кој веќе пет години е во кубански затвор. „Освен тоа, би требало да отворат интернет, за сите Кубанци да добијат пристап до информации. Би требало да го отворат интернетот за сите Кубанци да имаат пристап до информации. Би морало да ја отворат економијата, да дозволат работа на политички партии, да ги почитуваат човечките права и да допуштат слобода на мислење“, вели професор Сушлики. Овој угледен политиколог со кубанско потекло не гледа причина за промена на американската политика додека не се исполнат тие услови.

Нема промени со санкции

Ариан Родригез работи во геј бар на плажа во Мајами. Пред шест години заедно со својата мајка се доселил од Куба: „На своја кожа ги почувствувавме санкциите и поради тоа си отидовме“. Остатокот од фамилијата останал со очувот, кој како борец за човекови права поминал пет години во затвор. Семејството на своја кожа го чувствувало потиснувањето од страна на режимот на Кастро. Сепак, Ариан вели: „Единствените кои страдаат поради санкциите се Кубанците. Санкциите постојат веќе толку многу години, тие не донесоа промени, па тогаш - која е нивната цел?“ Браќата Кастро се се’ уште на власт.

USA Arian Rodriguez
Ариан РодригезФотографија: DW/G. Schließ

Според мислењето на Ариан, постои уште една причина за укинување на санкциите: „Кубанската влада тогаш веќе не би имала изговор за лошата економска ситуација“. Тој истакнува дека повеќето млади Кубанци го делат неговото мислење, додека постарите се главно за задржување на санкциите. Последните анкети ги потврдуваат Ариановите проценки - меѓу Американците, а во меѓувреме и Кубанците во егзил, расте поддршката за укинување на ембаргото.

„Јас сум Американка“

Недалеку од барот на Ариан, собарките Мими Франко и Мери Коста се на пауза за пушење. Тие немаат поим за најновата расправа. Мими не знае многу за татковината на своите предци: „Јас ништо не знам за Куба. Јас сум Американка, овде сум родена и порасната“. Мери потекнува од Мексико, но, нејзиното момче е Кубанец, од пред две години во САД. „Кога доаѓаат овде, веќе не сакаат ништо да слушнат за Куба“, вели Мери. Вели дека тој и’ рекол оти на Куба има одредени промени, дека приватното сопствеништво сега е дозволено и дека е полесно да се патува во странство. „Сепак, луѓето не веруваат во промени, не веруваат во Фидел и Раул Кастро“.

Kuba
Фотографија: DW/Wulf Wilde

Ана Кинтана од конзервативната фондација Херитиџ од Вашингтон го дели тоа мислење. Таа смета дека промените на Куба се само козметика и дека се должат пред се’ на санкциите и ниските цени на нафтата, што на Венецуела, единствениот сојузник на Куба, се’ повеќе и’ отежнува да го снабдува островот со евтина нафта. Ана Кинтана смета дека американската политика кон Куба и натаму мора „да се ориентира кон човековите права“, под мотото: „Слободна трговија само со слободни луѓе“.

Да се укине ембаргото!

Но, Џон Хемингвеј, внук на познатиот писател Ернест Хемингвеј, кој долги години живееше во Куба, потсетува дека САД тргува и со Кина и со Саудиска Арабија. „По повеќе од 50 години дојде време за укинување на трговското ембарго и прифаќањето на фактот дека и двете земји постојат и своите работи ги уредуваат на различни начини“, истакнува Хемингвеј во разговорот за ДВ. Американскиот претседател Обама, според него, би требало да ја земе работата во свои раце и да ги укине санкциите, ако треба и без согласност на Конгресот. Тој чувствува поврзаност со Куба, која ја посетил пред две години, исто како и 19-годишниот Хавиер Гонзалес, студент од Мајами.

John Hemingway
Џон ХемингвејФотографија: privat

Условите во кои живеат луѓето на Куба се лоши, вели Хавиер: „Немаат доволно простор за живеалишта, немаат храна како ние, водата не е чиста, ја носат од реките. Немаат телевизор или ДВД и многу беа изненадени кога го видоа мојот мобилен“. За разлика од многу свои врсници кои потекнуваат од Куба, Хавиер се’ уште се чувствува како „Кубанец во Америка“. Тој сака да се укинат санкциите, без оглед на тоа што е „тешко да се излезе на крај со браќата Кастро“.

Хавиер работи како волонтер на саемот на книга во Мајами. Заедно со група пријатели од Куба седи во публиката на претставувањето на новата кубанска литература. Својата најнова книга „Историја на револуционерната Куба“ ја претставува и Луис Мартинез-Фернандез.

Нема распродавање на Куба

Мартинез-Фернандез смета дека расправата за укинувањето на санкциите која беше поттикната од „Њујорк Тајмс“ е „прилично површна“. Не е доволно да се каже - Обама би можел тоа да го направи и така себеси да си обезбеди место во историјата, бидејќи и така веќе не може да се кандидира на претседателските избори, вели Мартинез-Фернандез. И додава: „Има многу работи кои би биле поприоритетни, а кои не се толку контроверзни.“

А она што кубанскиот писател во секој случај сака да го спречи е американските инвеститори да ја преплават Куба и „американскиот капитализам на агресивен начин да ја презема кубанскатаекономија“. Најдобро би било, смета Мартинез-Фернандез, кога Раул Кастро и владата на Обама би постигнале договор со кој би се гарантирала и демократијата. Но, најважно е, заклучува писателот, „Куба да не се продава на САД“.