Треба ли Германија да ѝ помогне на Турција? | Економија | DW | 21.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Треба ли Германија да ѝ помогне на Турција?

Германија е загрижена за економската стабилност на Турција, но недоволно за да понуди финансиска помош. Но германската поддршка може да биде средство за да се спречи Ердоган да ѝ го заврти грбот на ЕУ, смета Седа Сердар.

Германската канцеларка Ангела Меркел ја отфрли изјавата на лидерката на Социјалдемократската партија на Германија, Андреа Налес, за можна германска финансиска помош за Турција. Без оглед на тоа, клучно е Турција да остане закотвена за Западот и Германија би можела да игра водечка улога во тоа.

Нормализација на односите

Турција не може да си дозволи борба на повеќе фронтови. Американските санкции и царини и политичкиот спор со Вашингтон околу затворениот американски пастор ја принудуваат Анкара да култивира подобри односи со Европа.

Последните ослободувања на германската државјанка и новинарка Мешале Толу и заштитникот на човековите права Танер Килиџ се сигнали дека Турција е подготвена за нормализација на односите со Германија и со Европската унија. Ова, меѓутоа, се бебешки чекори. Турската влада би требало да направи сериозни промени, како економски, така и политички, доколку сака да добие каква било значајна помош од Германија. На пример, би морала да ја осигура независноста на турската централна банка, да докаже дека Турција е подготвена да го врати владеењето на правото и да создаде простор за слободни и независни медиуми.

Seda Serdar Kommentarbild App

Седа Сердар, авторка на коментарот

За да преземе такви чекори, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган мора да биде подготвен да се откаже од значителен дел од моќта која ја приграби на претседателските избори во јуни. Зашто, целта на Ердоган е да ја среди економијата по секоја цена, а сѐ полошата ситуација на домашната економија би можела да изврши притисок врз него.

Меѓутоа, Ердоган исто така би можел да се заврти кон Русија или Кина, а уште една опција е и Катар. Анкара и Доха имаат исти ставови за многу прашања, а Катар веќе објави дека има намера да инвестира 13 милиони евра во Турција во форма на економски проекти и депозити.

Зацврстување на односите

ЕУ, а особено Германија, не смеат да дозволат Турција да се оддалечи од западните вредности, ниту пак да потоне во нестабилност. Тоа не е од полза за никого поради повеќе причини.

Прво, Турција ја има втората по бројност армија во НАТО. Таа е стратешки важна и со својата воздухопловна база Инџирлик игра клучна улога во борбата против таканаречената Исламска држава во Сирија и во Ирак.

Покрај тоа, Турција е тампон-зона меѓу Европа и Блискиот Исток, и нестабилна Турција би можела да предизвика нов миграциски бран. ЕУ и Турција постигнаа договор за бегалците во 2016 година со кој требаше да се запре приливот на мигранти преку Балканската рута на територијата на Унијата.

И конечно, економските врски меѓу Турција и Германија се значителни. Повеќе од 7000 германски фирми работат во Турција, така што и на Берлин и на Анкара им е во интерес да спречат германските инвестиции да избегаат од земјата.

Се разбира, целта на Германија не треба да биде зајакнување на авторитарниот режим преку обезбедување финансиска помош. Но доближувањето на Турција до западните вредности и упатувањето порака до оние Турци кои веруваат во демократијата дека не се напуштени треба да биде важно за германската влада.

Претстојната посета на Ердоган на Берлин би можела да биде важен чекор во унапредувањето на германско-турските односи и во доближувањето на Турција кон Европа.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама