Тргнуваат партиските карвани - едни со желби за промени, други со панцири | Македонија | DW | 21.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тргнуваат партиските карвани - едни со желби за промени, други со панцири

Изборната кампања почнува со потпишан Кодекс за фер и демократски избори, но потписите на хартијата не оставаат оптимизам дека процесот ќе помине без тешка и црна кампања

Денеска официјално почнува изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 11-ти декември и ќе заврши на 9-ти декември, односно 24 часа пред изборите. На изборите ќе учествуваат 11 политички субјекти - пет коалиции и шест партии. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ кампањата денеска традиционално ќе ја започне со митинг во Охрид, СДСМ во Прилеп, ДУИ во Липково, а Коалицијата за промени и правда стартува од Скопје. Охрид е првата дестинација и на Коалицијата „ВМРО за Македонија“ во која се обединети партиите на Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов, но пред охриѓани ќе се обратат еден ден подоцна, на 22-ри ноември.

Фер на хартија

Еден ден пред почетокот на изборната кампања, коалициите и партиите вчера го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, а на чинот присуствуваа и голем број странски дипломати, меѓу кои и амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција, Германија и Холандија. За разлика од нив, на потпишувањето не дојде лидерот на ДУИ, Али Ахмети, па потпис на документот стави потпретседателот на партијата, Изет Меџити. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дојде со задоцнување и не се поздрави со ниту еден од лидерите на другите партии, чин што од присутните беше протолкуван како спротивен и на елементарна лична култура, но и на посакувано фер однесување. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, на новинарско прашање за ваквото однесување, одговори дека верува и се надева оти тоа не е најава за тоа какви ќе бидат изборите.

Гледај видео 04:40

Измешани чувства меѓу граѓаните за изборните листи

„Верувам дека не е нешто такво, што испраќа порака за навестување за нешто што ќе се случи, туку - тоа е стилот на однесување на Никола Груевски. Денеска видов дека така завршува и неговиот мандат“, изјави Заев.

Дел од присутните на потпишувањето на Кодексот, за ДВ тврдат дека „било забележано оти Груевски дошол со панцир“, што според нив, „само по себе зборува како тој лично ги доживува 'успесите' на 'Преродбата'“. 

Ваквите „детали“, однесувањето на некои од потписниците, но пред сѐ минатите искуства, кај присутните не оставаат оптимизам дека потпишаниот документ ќе се почитува.

„Ваков кодекс се потпишува пред секој изборен процес, но факт е дека партиите на власт никогаш не го респектираа тоа што го потпишуваа. Самиот факт што на потпишувањето не беше присутен лидерот на ДУИ, зборува за нивниот однос кон овие прашања“, рече портпаролот на ДПА, Луан Треси.

Тешка и црна кампања

Само еден час по потпишувањето на Кодексот за фер избори, медиуми објавија фотографии од колона двокатни автобуси на Јавното сообраќајно пртетпријатие, од кои се гледаат развиорени албански и партиски знамиња на ДУИ, која вчера попладнето одржа изборна конвенција во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Од ДУИ не беа достапни за коментар дали автобусите на ЈСП биле користени во партиски цели, но и каква порака испраќа партијата ако носителот на листата во Изборната единица 1, Артан Груби, својот говор го започна со скандирање „УЧК, УЧК..!“

Според дел од аналитичарите, тоа е скандалозна и несоодветна реторика за партија која со години тврди дека нејзин приортитет се евроатлантските интеграции на земјата. Но, сите се согласни во едно - дека на повидок ќе биде „многу црна, тешка и грда кампања“. Низ таква атмосфера, граѓаните треба да одлучат на кого ќе му ја дадат довербата. Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, вчера истакна дека само избори кои се фер и демократски, и кои ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење, придонесуваат за демократски развој на општеството.

„Сите учесници во изборите со своите активности го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за градење доверба во изборниот систем на Македонија“, порача Чичаковски.

Право на глас на овие избори имаат вкупно 1.784.524 граѓани. Во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 македонски државјани, во 41 дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија - во Берн, Венеција, Детроит, Њујорк, Мелбурн, Рим, Љубљана, Виена, Торонто, Камбера, Чикаго, Берлин, Бон, Минхен, Париз, Белград, Копенхаген, Брисел, Лондон, Хаг, Стокхолм, Истанбул, Подгорица, Прага, Загреб, Осло, Тирана, Вашингтон, Анкара, Абу Даби, Отава, Приштина, Софија, Будимпешта, Сараево, Доха, Букурешт, Москва, Варшава, Пекинг и Мадрид. Според Изборниот законик, за да биде избран пратеник од дијаспората, тој треба да освои најмалку толкав број гласови колку што ќе добие кандидат за пратеник во Македонија.

Со оглед дека за гласање во Токио, Њу Делхи, Атина, Астана, Каиро, Киев, Талин, Тел Авив и Солун се пријавиле помалку од 10 граѓани, во овие девет дипломатско-конзуларни претставништва гласањето нема да се спроведе.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама