1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп: САД сами ќе се справат со Северна Кореја

БГ
3 април 2017

Американскиот претседател Доналд Трамп не ја исклучи можноста од користење на трговијата како услов за кинеска соработка против Северна Кореја и најави дека Вашингтон би можел и сам да се справи со Пјонгјанг

https://p.dw.com/p/2aX7w
USA Präsident Trump unterzeichnet Dekrete zu Handelsabkommen
Фотографија: Getty Images/Pool/O. Douliery

Коментарите на Трамп извлечени од интервју за „Фајненшл Тајмс“ делуваат како притисок врз кинескиот претседател Ши Џинпинг во пресрет на неговата посета на САД неделава.
„Кина има големо влијание врз Северна Кореја. И Кина или ќе одлучи да ни помогне со Северна Кореја, или нема. Доколку помогнат тоа ќе биде добро за Кина, а ако не, тоа нема да биде добро за никого“, изјави Трамп. Запрашан што ќе им понудат САД на Кина, Трамп одговори: „Трговијата е поттик. Таа е најважна“.

Прашан дали размислува за „голема зделка“ во која Кина би извршила притисок врз Пјонгјанг во замена за повлекување на американските трупи од Корејскиот полуостров, Трамп вели: „Доколку Кина не го реши проблемот со Северна Кореја, ние ќе го сториме тоа. Тоа е сѐ што можам да ви кажам“.

Засега е нејасно дали коментарите на Трамп ќе ја поттикнат Кина, која веќе презеде чекори за зголемување на економскиот притисок врз Пјонгјанг, но не сака да стори ништо што би можело да го дестабилизира Северот и да ѝ донесе милиони бегалци преку границата.

Нејасно е што можат да сторат и САД за да ја одвратат Северна Кореја од експанзија на нејзините нуклеарни потенцијали и развојот на проектили со уште поголем дострел кои имаат капацитет да носат атомски боеви глави. 

Северна Кореја ќе има 20 нуклеарки до крајот на годинава

Советниците за безбедност на Трамп изработија листа од можности, со кои треба да се запре нуклеарната програма на Северна Кореја, која вклучува економски и воени мерки, но повеќе се потпира на санкции и зголемен притисок врз Пекинг кој треба да изврши влијание врз својот сосед.

Иако опцијата за превентивни воени напади останува актуелна, плановите сепак вклучуваат помалку рискантни чекори и, засега, отфрлаат директна воена акција. Белата Куќа досега одбиваше да ги коментира предлозите на експертите, а не е потврдено ниту дали тие стигнале до Трамп.

САД немаат прецизни податоци за капацитетот на севернокорејската нуклеарна програма, ниту за дострелот на нејзините проектили. Заменикот советник за национална безбедност на Трамп, К.Т. Мекфарланд смета дека постои можност Северна Кореја да биде во можност да ги погоди САД со проектил со нуклеарна боева глава до крајот на четиригодишниот мандат на Трамп. Неговите прогнози се далеку попесимистички од оние на експертите, кои сметаат дека на Пјонгјанг ќе му бидат потребни уште најмалку пет години за развој на такви проектили.