Трамп ѝ испрати гневна порака на Тереза Меј | Свет | DW | 30.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп ѝ испрати гневна порака на Тереза Меј

Американскиот претседател Доналд Трамп пожнеа критики поради ретвитнувањето исламофобски видеа, меѓу другите и од Тереза Меј. Но, тој не ѝ остана должен и ја нападна со лута порака.

Откако британската премиерка го критикуваше поради споделувањето антимуслимански видеа преку Твитер, американскиот претседател Доналд Трамп остро ѝ одговори: Тереза Меј не треба да се концентрира на него, туку на „уништувачкиот радикален исламски тероризам“ во Велика Британија, напиша тој на Твитер.

Портпарол на Меј вчера, револтиран што Трамп без коментари сподели три исламофобски видеа, постирани од Џејда Франсен, заменик-шеф на десничарско-екстремистичката група „Британија на прво место“, реагираше дека „постапката на американскиот претседател е погрешна.“ „‘Британија на прво место‘ сака да го подели општеството со својот говор на омраза, ширејќи лаги и тензија. Британскиот народ ја отфрлува оваа реторика“, порача портпаролот на Меј.

Видеата веќе подолго време се на интернет. Во едно од видеата наводно се гледа како група муслимани туркаат момче од покрив. Друго видео посочува дека еден муслиман крши статуа на девица Марија, а во трето, муслимански емигрант, наводно, удира момче во Холандија. Веродостојноста на последното видео веднаш беше оспорена, бидејќи холандската полиција и медиумите никогаш не сугерирале дека напаѓачот е муслиман.

Џејда Франсен пак му се заблагодари на Трамп: „Бог да Ве чува, Трамп! Бог да ја чува Америка“. Франсен е позната по своите антимуслимански ставови и е осудувана за напад врз муслиманка.

Белата куќа се обиде да го оправда ретвитнувањето од страна на Трамп: „Постои реална закана и тоа е она што претседателот сакаше да го истакне,“ изјави портпаролката на Трамп.

 

Реклама