Трамп ќе го остави Путин да почека | Свет | DW | 26.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трамп ќе го остави Путин да почека

Американскиот претседател следната средба во четири очи со својот руски колега ја одложи за идната година. Тој ќе почека да стивне „ловот на вештерки“ против Русија.

Следната билатерална средба на двајцата шефови на држави ќе биде одржана на почетокот на 2019. година, соопшти советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон. Минатата недела курсираа информации дека Доналд Трамп и Владимир Путин ќе се сретнат на самит во Вашингтон во периодот меѓу септември и декември. Одлагањето на терминот, советникот Болтон го образложи со желбата на американскиот претседател пред следниот директен разговор со Путин да заврши „ловот на руски вештерки“. Ова претставува алузија на истрагата водена од специјалниот обвинител Роберт Милер во врска со руската вмешаност во американската изборна претседателска кампања во 2016. година и евентуалната координираност меѓу Москва и тогашниот изборен штаб на Трамп. Доналд Трамп редовно истрагата ја оценува за сосема непотребна, нарекувајќи ја „лов на вештерки.“

Повеќе:

Оружје, пари и агентка на Кремљ

Жестока критика на умилкувањата на Трамп кон Путин

Трамп и Путин првпат се сретнаа минатата недела во Хелсинки. Настапот на Трамп притоа предизвика огромен револт кај дел од јавноста во САД, зашто на заедничката прес конференција Трамп избегна да ги осуди руските сајбер- напади врз Демократската партија за време на изборната кампања. Наместо тоа, се создаде впечаток дека Трамп наместо на страната на своите тајни служби и нивните сознанија за руска вмешаност, застана зад тврдењето на Путин - Русија нема никаква врска со хакерските напади. Подоцна, Трамп се коригираше, изјави дека направил лапсус кога на самитот со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки рекол дека не гледа зошто Москва би се мешала во американските претседателски избори во 2016. година. Трамп на новинарите во Белата куќа им рече дека всушност сакал да каже дека не гледа зошто Русија „не би" била одговорна за мешање во тие избори.

 

DW.COM

Реклама