Трамп-шоуто гостува во Брисел | Свет | DW | 24.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп-шоуто гостува во Брисел

За американскиот претседател веќе е послан црвен тепих во Брисел. Доналд Трамп го очекуваат демонстранти со волнени капи и шефовите на држави или влади на НАТО-членките.

Како претседателси кандидат, Доналд Трамп немаше добро мислење за Брисел. Во градот бил пред 20 години. „Многу убав град, но сега таму е како да живееш во дувло,“ изјави Трамп во телевизиско интервју во јануари 2016 година. Ксенофобичниот популист на овој начин сакаше да ги опише опасностите кои, според негово мислење, произлегуваат од бројните муслимани.

По исламистичкиот терористички напад во март 2016 година, сегашниот претседател „досоли“ уште еднаш. За телевизискиот канал ЕнБиСи на 23 март изјави: „Белгија веќе не е Белгија, туку хорор-шоу! Сето тоа се случува зашто не постои асимилација. Тие не ги сакаат законите кои ние ги имаме. Тие сакаат шарија. Во одреден момент, се поставува прашањето - колку уште може да се поднесе?“

Кралот, ЕУ и НАТО на списокот за посети

Сега Доналд Трамп ќе го посети „дувлото“, зашто во Брисел е седиштето на НАТО и на ЕУ. Дали по краткиот престој од 36 часа ќе го смени мислењето, неизвесно е. Поради екстремните безбедносни мерки, од Брисел тој и онака нема многу да види. За разлика од неговиот претходник Барак Обама, Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија нема да преноќеваат во бриселски хотел, туку во американската амбасада. Таа е оддалечена само неколку стотици метри од Кралската белгиска палата и од седиштето на ЕУ, каде Трамп ќе има 30-минутен разговор со претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер. Целиот реон се наоѓа во безбедносна опсада. Самитот со 27-те сојузнички држави од НАТО ќе се одржи во новиот главен штаб, а околу него исто така владеат невидени безбедносни ограничувања, со оглед што терористички напад никогаш не се исклучува. Не е предвиден јавен настап на Трамп, иако Обама пред него одржа говор во еден театар. Новиот американски претседател ќе биде прилично затворен и кон новинарите, не е планирана вистинска прес-конференцијана која на пример, би можеле да бидат поставени прашања за неговите внатрешнополитички проблеми околу отказот на директорот на ФБИ, Џејмс Коми.

U.S. Präsident Trump und NATO-Generalsekretär bei der Pressekonferenz am Weißen Haus (Reuters/J. Ernst)

Јенс Столтенберг и Доналд Трамп во Вашингтон

Судир на спротивности

ЕУ-дипломатите се малку нервозни пред средбата со непредвидливиот гостин. Како ќе реагира тој, на пример, на прекумерно срдечниот стил на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, кој има обичај да ги прегрнува соговорниците и да се шегува со нив? Политички, Трамп и Јункер не можат да бидат поразлични. Националистот Трамп против паневропеецот Јункер. Изолационизам наспроти слободна трговија, илеберализам контра либерализам. Европејците сакаат да разговараат со Трамп за слободната трговија. Трамп пак од европските НАТО-сојузници сака да добие јасни финансиски ветувања и поголем ангажман во заедничката борба против терористичката организација Исламска држава.

Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, веќе го посети Трамп во Вашингтон и ја подготви средбата на 28-те членки на Алијансата во Брисел. Столтенберг е задоволен што Трамп, по стапувањето на функцијата, редовно изразува верност кон НАТО, иако се чувствува финансиски преоптоварен во однос на другите.

На самитот на НАТО не се очекуваат далекусежни одлуки. Повод за средбата всушност е отворањето на новото седиште на Алијансата, по седум години изградба. Можеби градежниот инвеститор Трамп ќе го интересира зошто било потребно пролонгирање на градежните активности, зголемување на трошоците за 300 милиони евра и проблемите со комуникациската техника во огромниот комплекс за 4.000 вработени.

НАТО претпазливо, наместо формулацијата самит, го употребува изразот „специјална средба“ на шефовите на држави или влади. Доналд Трамп ќе има и разговор во четири очи со новиот француски претседател, Емануел Макрон.

Belgien Trump Brüssel Proteste | Pussy heads (DW/M. Christoph)

Розеви капи - женски отпор против Доналд Трамп. Тања Голерт

Најавени демонстрации

За денеска во Брисел е најавена демонстрација против Доналд Трамп, на која организаторите очекуваат околу 20.000 учесници. Меѓу нив е и Тања Голерт, која заедно со други женски активисти вредно плетеше розеви волнени капи, препознатливиот знак на женскиот отпор во САД против претседателствувањето на Трамп и неговите женомразечки и ксенофобични изјави. „Не станува збор само за женските права, туку ќе се придружат и хомосексуалците, екологистите, сите луѓе кои сакаат да покажат несогласување со насоката на политиката која се води во моментов. Во прашање е нашата иднина, политичарите не можат едноставно да игнорираат десетици илјади луѓе“, вели Тања.

 

DW.COM

Реклама