Трамп суптилно се дистанцира од Мохамед бин Салман | Свет | DW | 21.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трамп суптилно се дистанцира од Мохамед бин Салман

Изјавата на американскиот претседател Трамп во врска со односите со Саудиска Арабија може да има непријатни последици за престолонаследникот Мохамед бин Салман, смета Керстен Книп.

Американскиот претседател Доналд Трамп е човек без влакна на јазикот. Но, не е исклучено дека тој владее и со други, посуптилни начини на изразување. Тоа го навестуваат неговите најнови изјави во врска со можните консеквенци за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, со кои се прикажа како мајстор на дипломатскиот говор. Неговиот говор остана учтив, но содржеше јасна порака: престолонаследниот принц Мохамед бин Салман за САД останува неприкосновен, а  партнерството со Саудиска Арабија - нераскинливо.  Друго не можеше ни да се очекува. Но, Трамп не рече дека и принцот престолонаследник Мохамед бин Салман останува перманентен партнер на Америка.

Тој внимателно ја избегна оваа реченица. Со други зборови: Трамп направи голема дистинкција меѓу Кралството Саудиска Арабија и - според актуелната состојба на нештата - идниот крал. Составен дел на фината иронија на Трамповата изјава е што токму таа значително ги намалува кариеристичките шанси на принцот.

Пораката во политички Ријад ќе биде многу јасно примена: Трамп не застана зад принцот. Да, тој застана зад државата, но не и во одбрана на Мохамед бин Салман. Тоа ќе им даде ветар во едрата на оние кои престолонаследникот го сметаат за несоодветен да застане на чело на кралството во иднина. Се чини дека бројот на оние кои се колебаат во однос на Мохамед бин Салман, по претпоставуваното  убиство на Кашоги,  е енормно пораснат. Дури и од причини од видот на политички протокол: не секој странски државник би сакал да се ракува јавно или зад кулиси со принцот.

Промашувањата на принцот

Листата со политички промашувања на престолонаследниот принц е впечатлива. Таа ја содржи  безобѕирната воена интервенција во Јемен,  грубиот бојкот на соседниот Емират Катар, како и привременото „заложништво“ на либанскиот премиер Харири. Во неа се вбројува и дрската рекација на твит на канадскиот министер за надворешни работи Фриланд, кој го критикуваше апсењето на саудиска активистка за човекови права. Во одговор Кралството повлече 16.000 саудиски студенти од Канада, уште еден доказ дека кралското раководство без око да му трепне ги гази и животните планови на своите сопствени граѓани.

Knipp Kersten Kommentarbild App

Керстен Книп

Да се вратиме на изјавите на Трамп. Дали на престолонаследниот принц му бил познат планот за убиство на Кашоги? „Можеби знаел, можеби не“, рече Трамп. Тоа секако не е израз на безгранична солидарност. Трамп веројатно беше свесен дека не може да си ја дозволи таквата солидарност. Очигледно, дури и самиот американски претседател може да си ги изгори прстите на саудискиот престолонаследник.

Гудбај, апсолутизам

Прашање е дали кралот Салман уште може да го спаси својот син преку акции од типот на неговиот настап во понеделникот пред големиот Шура-собор. Тој таму само попатно и алудирачки го спомена случајот Кашоги. Не е исклучено ова да претставува следење на линијата на молк, на која државата се одлучи на почетокот на оваа недела, најавувајќи дека нема да прифати никакви обвинувања против нејзините највисоки великодостојници, и која кралството се обидува да ја промовира како „црвена линија“.

Но, сега воопшто не е потребно експлицитно  подигање обвиненија во случајот Кашоги.  Доволно е да се остави самата да делува чудната, повеќекратно ревидирана аргументирачка линија на кралската куќа за случувањата во истанбулскиот конзулат. Само по себе се наметнува прашањето: на што се должи оваа постојана ревизија на аргументацијата?

Спиралата на молк, јасно е, нема да издржи, во простор висат бројни прашања поврзани со политичката, можеби и човечка компетентност на принцот. Надежта тие да бидат отстранети преку премолчување и закани е во најмала рака храбра. Дури и арапските весници укажуваат на тоа дека ваквиот стил веќе не е адекватен на сегашното време, посебно по Арапската пролет од револуционерната 2011. година. Годините на политички апсолутизам и за Саудиска Арабија се минато, па како и да се вика идниот крал.

 

DW.COM

Реклама