Трамп спушти рампа за патниците од Европа | Свет | DW | 12.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трамп спушти рампа за патниците од Европа

Заради ограничување на пандемијата на коронавирус, САД посегнаа по драстични мерки и го суспендираа влезот на патници од Европа на 30 дена.

Американскиот претседател Доналд Трамп во телевизиско обраќање најави  дека границите за луѓето од Европа ќе бидат затворени од петок на полноќ. Тој ги обвини државите од ЕУ за недоволно брзо реагирање против раширувањето на новиот вирус. Според Трамп, посебно критика заслужува тоа што по избувнувањето на вирусот во Кина, европските граници не беа затворени за патниците од Кина, мерка што ја презедоа САД. Раководителот на Здравствената служба на САД, ЦДЦ, Роберт Редфилд, изјави дека Европа во кризата со коронавирусот претставува „вистинска закана“ за САД. Сепак, во забраната не е вклучена Велика Британија, а Трамп не го објасни исклучокот. Вирусот во меѓувреме се рашири и во Велика Британија, досега таму се потврдени преку 450 инфекции. Затворањето на границите за патници важи за 26 држави од Шенгенскиот простор, во кој Велика Британија не припаѓа.

Оној кој во изминатите 14 дена престојувал во Шенгенскиот простор, не смее да влезе во САД, изземени се само американски државјани и луѓе со постојан престој во земјата.

Мерките се неопходни заради зачувување на здравјето и благосостојбата на американските граѓани, изјави Трамп.

Коронавирусот однеодамна е проширен и во САД. Официјалните информации од Џонс-Хопкинс Универзитетот велат дека кај 1300 луѓе е регистрирана инфекција со Ковид-19, а има околу 40 смртни случаи.

Првично, забуна настана дали најавените ограничувања за влез на луѓето од Европа во САД ќе се однесуваат и за производите од Европа. Претседателот во обраќањето изјави дека ќе биде засегнат огромен протокот на стока. Подоцна, преку Твитер појасни: „Ограничувањата ги запираат луѓето, а не производите.“

Во телевизискиот говор Трамп најави и мерки против економските последици на пандемијата. Предвидено е пролонгирање на роковите за плаќање данок на одредени претпријатја и групи граѓани. На тој начин во американската економија би требало да се впумпаат преку 200 милијарди долари дополнителни ликвидни средства. Трамп апелираше до Конгресот на кризата со коронавирусот да реагира со брзо намалување на данокот на приход.

На азиските берзи најавите на Трамп доведоа до нови падови на индексите, цената на нафтата повторно бележи намалување.

Пандемијата на коронавирусот во меѓувреме и во САД има силни ефекти врз јавниот живот. Натпреварите на Кошаркарската лига НБА привремено се прекинати поради позитивен тест на коронавирус кај кошаркар. Во Њујорк е одложена традиционалната парада за Санкт Патрик која требаше да се одржи во вторник.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама