Трамп со отровни забелешки за Северен тек 2 | Економија | DW | 13.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Трамп со отровни забелешки за Северен тек 2

Германија е под „целосна контрола на Русија”, обвини американскиот претседател Трамп на самитот на НАТО во Брисел. Берлин се ставил во позиција да зависи од рускиот гас. На новиот гасовод не му се пишува добро.

Планираниот гасовод со малку грубото име "Nord Stream 2" треба да минува паралелно со еден гасовод поставен пред години и треба да биде поставен среде Балтичкото море, долг преку 1200 километри, од рускиот залив Нарва до германското место Лубмин во близина на Грајфсвалд. Проектот се финансира од приватни средства и ќе чини околу 10 милијарди евра. Половината од трошокот е на товар на германските концерни BASF-Wintershall и Uniper, на францускиот Engie, на австриската компанија OMV и на британската Shell. Другата половина е инвестиција на квази државниот енергетски гигант од Русија, Гаспром.

Во Брисел на самитот на НАТО, канцеларката Ангела Меркел ладно ги коментираше обвинувањата на американскиот претседател со зборовите дека Германија можела „да носи самостојни одлуки“. Но, Доналд Трамп не е единствениот кој има големи критики за проектот. Европскиот парламент бараше запирање на изградбата на гасоводот затоа што според нив Европа така станува премногу зависна од само еден лиферант, односно од Русија и од нејзиниот тежок политички врв. Европската комисија досега се обидува правно и политички безуспешно да обезбеди можност за контрола на работата на гасоводот.

Закана со американски санкции

Додека во ЕУ се расправа за предностите и  слабостите на енергетската соработка со Русија, САД веќе кренаа ѕид од закани против Северен тек 2. Од август 2017 е на сила т.н. „CAATSA (Countering America's Adversaries Through Sanctions Act)“, односно пакет закони со кои им се закануваат санкции на сите компании кои имаат бизниси со непријателите на САД, меѓу нив и Русија. Посебен дел од пакетот, односно поглавјето 232, се занимава исклучиво со гасоводите. Оттогаш над проектот Северен тек 2 се надвиснува заканата за можни американски санкции.

Повеќе:

-Рускиот гасовод во срцето на Европа

-Во што се разијдуваат Германија и САД?

-Северен тек 2: Руско политичко оружје?

Американскиот Стејт департмент во меѓувреме го појасни законот за санкции: „Инвестициите и договорите за финансирање кои биле склучени пред 2. август 2017 “, не потпаѓаат под одредбите за санкции. Портпаролот на Северен тек 2 смета дека нема причина за загриженост: „Американската влада постави препораки според кои нашиот проект не би требало да биде погоден од можните санкции“, вели Јенс Милер за ДВ. Министерството за економија на Германија е повоздржано што се однесува до толкувањето на препораките. На наше прашање портпаролката одговори дека „актуелно има обиди да се добијат попрецизни информации“.

Infografik Karte Gaspipelines Europa Nord Stream DEU

Трасата на Северен тек и на Северен тек 2

Американците имаат свои интереси во енергетиката

Сега се вклучи и американскиот претседател Доналд Трамп од самитот на НАТО. Не е првпат неговата критика за  Северен тек 2 да ја поврзува со германскиот буџет за одбрана. Минатата недела во Монтана, Трамп во поглед на гасоводот изјави: „Тие сакаат да бидат заштитени од Русија, а сепак префрлаат милијарди во таа држава. А, ние сме глупите кои плаќаат за сето тоа“. Трамп смета дека европските сојузници, а пред сѐ Германија, се привилегирани и одамна бара да одвојуваат повеќе средства за одбрана. Германско-рускиот проект се најде среде таквите дебати, иако според познавачи на пазарот и политичари, САД во целата приказна всушност имаат своја економска агенда. Американската индустрија се обидува својот течен гас да го внесе на европскиот пазар. „Дали ќе земаме прескап гас од САД само за да им направиме услуга? Или пак сакаме за разумни цени сигурно снабдување? Тоа е прашањето за кое станува збор тука, и тоа е чисто економско прашање", изјави поранешниот германски канцелар Герхард Шредер во декември минатата година.

Германската влада се труди да ја ограничи штетата

Шредер е лобист, а во Северен тек фигурира како претседател на Надзорниот одбор. За политичар од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) како Шредер, германско-руската соработка во енергетскиот сектор се поврзува со далекусежни планови за нова политика кон Истокот. Неговиот сопартиец, пратеник во Бундестагот и специјалист за енергетика Бернд Вестфал вели: „Течниот гас на европскиот пазар не е конкурентен и еколошки не може да добие предност во однос на рускиот гас“. Таквата е проценката и на мнозинството во Германија.

Но, во источна Европа, а пред сѐ во Полска и во трите балтички држави политичарите и експертите нагласуваат и друг, геополитички и стратешки аспект, имено дека со Северен тек 2 се заобиколува Украина. Досега Украина беше најважна транзитна земја за рускиот гас наменет за Западна Европа. На земјата и се заканува нова дестабилизација, ако наскоро секнат и приходите од транзитот на гасот. Германската влада се обидува да го згасне барем тој пожар со тоа што следната недела во Берлин ќе се сретнат претставници од Украина, Русија и на Европската комисија.

Тројката сака да разговара околу улогата која може да ја игра украинскиот транспортен систем во иднина кога ќе се гради Северен тек 2, и покрај отпорот од Брисел, заканите со санкции од САД и испадите на претседателот Трамп.

 

DW.COM