Трамп се пофали со делумен договор во трговскиот спор со Кина | Економија | DW | 12.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Трамп се пофали со делумен договор во трговскиот спор со Кина

Американскиот претседател, по средбата со кинескиот вицепремиер Лиу Хе, објави прелиминарен договор во трговскиот спор со Кина. Со него треба да се надминат постојните економски тензии.

Двете страни се согласиле со парцијален договор, кој меѓу другото ги опфаќа темите интелектуална сопственост, монетарни прашања и финансиски услуги, појасни Трамп по средбата со кинескиот вицепремиер Лиу Хе во Белата куќа во Вашингтон. Кина ветила освен тоа и купување земјоделски стоки од САД во вредност од 40 до 50 милијарди американски долари.

Според зборовите на претседателот Трамп, согласноста претставува „прва фаза“ во предвидениот сеопфатен договор. Веднаш штом ќе биде потпишана спогодбата од „првата фаза“, ќе започнат преговори за „втората фаза“. „Тоа ќе биде исклучително добро за двете земји“, тврди Трамп. Во наредната фаза ќе се разговара и околу кинескиот телекомуникациски гигант Хуавеи, кој е ставен на црна листа во САД и се смета за една од клучните точки во  трговскиот конфликт меѓу двете земји.

Американскиот министер за финансии Стивен Мнухин соопшти дека со ова отпаѓаат за во вторник планираните зголемувања на казнените царини за кинески производи. Според досегашните планови, увозните давачки за производи во вредност од 50 милијарди долари, требаше да се зголемат од 25 на 30 проценти.

Шефот на кинескиот преговарачки тим Лиу Хе потврди дека во преговорите дошло до „супстанцијален напредок на повеќе полиња". „Ние сме многу задоволни поради тоа“, изјави кинескиот вицепремиер.

Двете најголеми светски економски сили од пред 15 месеци  се натпреваруваат во воведување меѓусебни царини.  Тоа придонесе во голема мерка за  кочење на растот на светската економија , страда и германскиот извоз.

Повод за трговскиот конфликт беше незадоволството на Трамп што Кина извезува многу повеќе во САД отколку што САД извезуваат во Кина. Пред почетокот на новата преговарачка рунда во четвртокот, очекувањата беа воздржани. Кинескиот „Утрински весник на Јужна Кина“ објави дека нема придвижување во централните точки.  Кинеската страна на пример не прифаќала разговор околу принудниот трансфер на технологии.

DW.COM

Реклама