1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп против договорот за трговија ТПП

ЕМФ /дпа/ртр/афп
22 ноември 2016

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја скицираше својата програма за првите сто дена и најави дека веднаш ќе го откаже трансатлантскиот договор за слободна трговија ТПП.

https://p.dw.com/p/2T2qe
USA Donald Trump designierter Präsident
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Reynolds

Доналд Трамп во видео-порака обелодени каде ќе го стави политичкиот фокус во првите сто дена од извршувањето на функцијата, „Мојата програма ќе се заснова на еден едноставен принцип: Америка да дојде на прво место.“

За првиот ден од својот мандат Трамп најави откажување од трансатлантскиот договор за трговија ТПП. Наместо ваков договор, тој бара „фер“ билатерални договори кои ќе ги вратат работните места и индустријата назад во САД. Републиканецот во текот на кампањата оцени дека ТПП-договорот меѓу САД, Австралија, Јапонија, Мексико и осум други држави е „кататрофа“. САД го потпишаа овој договор, но тој сѐ уште не ратификуван од страна на Сенатот. Најавата на Трамп предизвика загриженост од повторно создавање трговски бариери. Јапонскиот премиер Шинзо Абе изјави дека ТПП без САД е безначаен. Кина, која не е дел од ТПП, би можела да го искористи тоа.

Покрај тоа, Трамп во видео-пораката најави и дека ќе ги укине ограничувањата за енергетската бранша. Притоа, тој ги спомна фрекингот и „чистиот јаглен“. На тој начин, според него, ќе се создадат „милиони добро платени работни места“.

Трамп повтори дека сите оние кои во иднина ќе работат за американската влада во период од пет години потоа нема да смеат да работат како лобисти, а во остатокот од животот воопшто нема да можат да работат како лобисти за странска влада. „Тоа се само некои чекори за реформи во Вашингтон и за повторно зајакнување на нашиот среден слој“, рече Трамп.

Во сферата  на националната безбедност Трамп соопшти дека ќе им даде налог на тајните служби да ја зајакнат одбраната од сајбер-напади и „секаков друг вид напади“. Притоа не наведе детали. Што се однесува до прашањето на доселување, тој рече дека од Министерството за труд ќе бара да ги испита сите злоупотреби на визи кои им наштетиле на американските работници.

Доналд Трамп, кој ја презема должноста на 20 јануари, најави нови видео-пораки во наредните денови.