Трамп: Потпалување на стравовите од имиграцијата | Свет | DW | 31.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трамп: Потпалување на стравовите од имиграцијата

Во клучните делови од неговиот прв говор за состојбата на нацијата, претседателот Трамп се врати кон мрачниот тон од неговата претседателска кампања, смета Михаел Книге.

Во неговиот прв говор за состојбата на нацијата претседателот Трамп не навреди никого по име. Не ја нападна Хилари Клинтон ниту медиумите - неговите две најдраги цели. Не го продлабочи јазот меѓу републиканците и демократите -  всушност декларативно се заложи за бипартизмот, повикувајќи ги пратениците  во законодавниот дом на САД да соработуваат за доброто на американскиот народ. Толку за добрите вести од обраќањето на Трамп.

И додека почетокот, а во одредена мерка и крајот на неговиот многу долг говор, би можеле да се окарактеризираат како позитивен осврт со фокус на економијата и на гордоста на американската нација, тонот во средината на обраќањето стануваше сѐ помрачен и позаканувачки.

Повеќе на темата:

-Говор на Трамп: Помалку разединувач, повеќе помирувач?

-Трамп отвора шанса за „сонувачите“

-Топли поздрави за Трамп од „по...те земји“

Посебно во деловите посветени на имиграцијата претседателот претстави слика на Америка која наводно е жртва како на легалната така и на илегалната имиграција. Трамповото претставување на имигрантите како ужасна закана за обичните Американци достигна најниско ниво кога тој ја злоупотреби болката за политички цели. Исто како и во претседателската кампања, тој го сврте вниманието кон родителите во публиката, чии деца биле убиени од припадници на банди, кои исто така се доселеници без валидни документи.

Фокус на имиграцијата

Занимливо е дека делот за имиграцијата во говорот беше и најдетален дел од обраќањето, кое инаку беше многу неконкретно. Трамп ги повтори како што ги нарекува четирите столба на реформата на доселувањето: патот до државјанство за таканаречените „сонувачи“, ѕидот на границата со Мексико, како и ставањето крај на лотаријата за зелена карта и драстичното намалување на семејната миграција.

Michael Knigge Kommentarbild App

Михаел Книге, автор на коментарот

Исто така важно, но и страшно е тоа што Трамп не само што нелегалната имиграција ја поврза со насилството на бандите во САД, туку двата клучни дела на легалното доселување - лотаријата и семејната миграција - ги поврза со тероризмот.

И додека претседателот се послужи со зборот „компромис“ за да ја објасни неговота понуда за пат кон државјанство на „сонувачите“ , неговата претстава на Америка како нација под закана од имиграцијата остава малку простор за компромис со демократите за тоа прашање.

Она што е впечатливо е тоа што Трамп фокусот го стави на заштитата на американските домаќинства од претпоставената закана од каков било вид имиграција, како и на претставувањето на САД како земја под економска опсада од странски држави кои применуваат трговски мерки кои не се фер и се штетни за благосостојбата на американските работници. 

Тоа функционираше во кампањата за окрупнување на неговата избирачка база, а веројатно сѐ уште функционира и денес.

Анатема на САД како нација на мигранти

Исто толку впечатливо е и она што тој го минимизираше. На пример Русија -  која поради наводно мешање во американските претседателски избори и можни врски со кампањата на Трамп е предмет на неколку истраги - беше спомената еднаш, Кина трипати, а светската „демократија“ ниту еден единствен пат.  

И додека првото обраќање на Трамп за состојбата на нацијата со сигурност ќе биде примено добро од неговата политичка база и ќе најде одек и во добар дел од Републиканската партија, неговиот длабоко нативистички тон е анатема за секој кој ги смета САД за нација на мигранти и верува во нивното мото E Pluribus Unum „Од многумина, еден“

Така погледнато, говорот навистина има најмалку еден корисен ефект. Имено, тој конечно ќе им стави крај на сите бесполезни дискусии за Трамп како потенцијален „обединувач“ и за потенцијалното ресетирање на претседателството на Трамп.

DW.COM

Реклама