Трамп победува во трговската војна со Кина | Економија | DW | 19.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Трамп победува во трговската војна со Кина

Тарифниот судир меѓу Кина и САД достигна ниво кое беше незамисливо до пред само една година. Но Кина полека останува без муниција, а глобалниот трговски режим е пред голема промена, смета Тимоти Рукс

Кога Вашингтон најави тарифи од 25 проценти на кинеска стока во вредност од 50 милијарди долари на почетокот на годинава, Кина возврати со иста мерка. Сега, САД залепија дополнителни давачки за кинески производи вредни 200 милијарди долари, и Кина веднаш најави дека ќе преземе контрамерки. Севкупно, околу половината од кинескиот извоз во САД сега е погоден од казнени мерки. Зборуваме за двете најголеми светски економии; доколку ова не е трговска војна, тогаш што е?
Но тарифните конфликти можат да одат дотука. Иако Кинезите ја намалија зависноста од евтин извоз, тие се уште повеќе извезуваат во САД одошто купуваат. Тоа става ограничена рамка врз способноста на Кина да возвраќа, но постојат многу други начини за да се создаде хаос- од блокирање на идната соработка со Северна Кореја до поморска интервенција во Јужното Кинеско Море. Кина исто така поседува повеќе од еден трилион долари (илјада милијарди) од американските резерви, и како една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН може да стави вето на секоја резолуција.

Никој не попушта

Слободната трговија не е право, но секако е нешто кон што треба да се стремиме. Во секој случај, САД и Кина треба да имаат пријателски политички и економски односи за доброто на светот. Но овојпат ескалацијата е толку голема и толку отворена, што ни Кинезите, ниту Американците не можат да попуштат.

Deutsche Welle Timothy Rooks Kommentarbild (DW/B. Geilert)

Тимоти Рукс


Иако владини претставници се сретнаа повеќе пати, нивните разговори завршуваа со разочарување. Сега веќе нема ни говор за мерки за спасување на образот. На површината, нештата изгледаат лошо, но подетална анализа покажува поголема претпазливост и внимателност, отколку на прв поглед.
Последните царини воведени од САД ќе започнат следната недела со тарифа од 10 проценти, а ќе се зголемат на 25 проценти на 1. јануари, по завршувањето на важната Божикна сезона. Доналд Трамп не сака да им го расипе празникот на своите сонародници, или да ја загуби контролата врз Конгресот на изборите во ноември со непријатен удар врз џебот на неговите гласачи.
Во исто време, гласачите се нестабилни и имаат кусо паметење. Само кога просечната цена на галон бензин во САД ќе порасне од сегашните 2,8 долари на 6 долари, гласачите ќе забележат. Дотогаш, шоуто на Трамп е едноставно премногу хаотично за да знаеме каде да гледаме или на што да се концентрираме. Но бизнисот, од друга страна, внимателно следи.

Од загубата на Кина профитира Европа

Производителите во Германија и во САД беа најголеми противници на зголемените тарифи. Тие тврдат дека трошоците ќе пораснат и ќе ги погодат потрошувачите. Но, новите пресметки на германскиот ИФО институт упатуваат на Кина како можен губитник и очекуваат дека новите тарифи ќе го погодат нејзиниот економски раст за 0,1 или 0,2 отсто. А доколку Кина биде принудена да направи големи отстапки, тоа ќе ја зајакне трговската позиција и на Европа.
Иако САД имаат проблематична историја со тарифите, Трамп би можел да ја поттурне економијата на САД уште повисоко. Но ќе биде грешка да се мисли дека ваквите груби методи се вистинскиот пат напред.
Америка не е центарот на планетата; Индија и Кина имаат милијарди население повеќе од САД, а со растот на земји како Индонезија, Пакистан и Нигерија, потребен е нов, поврзан светски поредок. Тоа може да се направи само преку разговори и вистински преговори на еднаква нога.

Новото усогласување на глобалната трговија не може да им се остави на насилни милијардери и не може да се направи преку ноќ. Непредвидливите последици ќе бидат преголеми и тешки. Сепак, моќниците како Трамп, Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган и Виктор Орбан сега ги живеат своите ѕвездени мигови. Гласачите многу полесно разбираат глумење одошто компликувани детали за трговскиот режим.
На крајот, Трамп нема да победи во оваа трговска војна со Кина затоа што е во право за трговскиот дефицит или затоа што е подобар преговарач. Тој воопшто и не преговара. Тој ќе победи едноставно затоа што САД купуваат повеќе од Кина одошто обратно и се чини дека не му е гајле за колатералната штета- дома или во странство.

DW.COM

Реклама