„Трамп не знае што прави″ | Свет | DW | 08.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Трамп не знае што прави"

Американскиот претседател го призна Ерусалим како главен град на Израел. Прекршување на меѓународното право кое може да има последици, вели Кристијан Томушат во интервју за ДВ.

ДВ: Г-дине Томушат, дали Трамп со признавањето на Ерусалим како главен град на Израел го прекршува меѓународното право?

Томушат: Да, меѓународно правно погледнато, тоа е прекршување на обврзувачка резолуција на Советот за безбедност при Обединетите нации. Во неа се вели дека анексијата на источен Ерусалим од страна на Израел е неспоива со постоечкиот статус на Ерусалим како дел од палестинска територија. Од страна на САД тоа би било прекршување на заклучок кој и самите го донеле. На крајот на краиштата, се работеше за насилна анексија и обврзувачко правило на меѓународното право е дека трети земји такво нешто не смеат да признаат.

ДВ: Има ли разлика меѓу признавањето на Ерусалим како главен град и преместувањето на амбасадата во градот?

Тоа само би било практичното спроведување на она што САД го одлучиле како појдовен чекор. Алокацијата на амбасадата би била само логична последица. Првиот чекор е одлучувачки:  определбата на САД дека Ерусалим е главниот град.  Преместувањето на амбасадата е само потврда. 

Völkerrechtler Christian Tomuschat (picture-alliance/dpa/S. di Nolfi)

Кристијан Томушат, поранешен претседател на Комисијата за човекови права на ООН

ДВ: Дали за граѓаните на Ерусалим нешто формално-правно се менува?

Правно останува сѐ исто. Интеграцијата на Ерусалим во израелска територија е веќе фактички спроведена. Досега Израелците го почитуваа присуството на Палестинците во источниот дел од градот. Но, Израел може да ја искористи приликата за натамошно да им го ускрати правото на престој и живеење на Палестинците во Источен Ерусалим. Стравувам дека тоа може да биде последицата. Веќе во изминатите години повеќепати имало обиди да се избркаат Палестинците од Источен Ерусалим со тоа што правото на место на живеење им било одземано веќе по кратко отсуство и со тоа што не им се издавале дозволи за градба. 

ДВ: Како ги оценувате политичките последици од одлуката на Трамп?

Не знам што САД си мислеле притоа. Секако дека ова води кон нереди и веројатно кон терористички напади. Се создадоа факти кои за догледно време го прават малку веројатен успехот во преговорите. Тоа ќе остане рана и вечно ќе биде извор на безредија со многу насилни последици. Ние не знаеме ни како ќе реагира остатокот од арапскиот свет. Нафтено ембарго и други драстични последици не се исклучени. 
Трамп не знае што прави.

ДВ: Мирно решение на блискоисточната криза значи се одложува во недоглед?

Тоа секако го прави решението за две држави, кое всушност беше заговарано, помалку веројатно. Израелската влада секогаш беше многу воздржана, но тоа сега изгледа сосем небитно. Палестинците пак нема да се откажат од Ерусалим со оглед на религиозните симболи кои се наоѓаат таму.

Професор д-р и почесен доктор Кристијан Томушат е член на Правниот факултет на Универзитетот Хумболд во Берлин, поранешен член на Советот на ООН за човекови права и претседател на Комисијата за човекови права на ООН.

DW.COM

Реклама