Трамп на мака поради проблематичните врски на Џулијани | Свет | DW | 17.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп на мака поради проблематичните врски на Џулијани

Фаворитот за водечки дипломат во САД, Руди Џулијани долги години работел како советник и лобист за странски влади и компании. Неговите врски со Александар Вучиќ веќе предизвикаа критики

Руди Џулијани, водечкиот кандидат за иден државен секретар на избраниот претседател Доналд Трамп, во минатото советувал странски политички функционери и работел за лобистички и безбедносни фирми чии клиенти имале компликувани односи со американската влада.

Иако лично не бил инволвиран во лобирањето, Џулијани минал години во фирми кои претставувале влади и мултинационални компании, од кои дел имале интереси кои не соодветствувале на интересите на САД. Исто така, Џулијани држел и платени говори во кои барал од Стејт Департментот да отстрани иранска опозициска група од црната листа на терористички организации на САД.

Додека поранешниот градоначалник на Њујорк чека да дознае дали ќе биде новиот државен секретар, долгата консултантска и советничка работа на Џулијани за странски и корпоративни клиенти би можела да го соочи со истите критики кои тој самиот ги упатуваше кон поранешната државна секретарка Хилари Клинтон поради нејзините врски со странски влади и корпорации кои донираа во нејзината семејна НВО, Фондацијата Клинтон.

„Она што го правеше таа со Фондацијата Клинтон и сите услуги кои Стејт Департментот ги направи за стотици милиони долари, за мене, се јасно прекршување на законот за судир на интерес“, изјави Џулијани за СиЕнЕн во август годинава. 

USA Gettysburg Trump mit Rudy Giuliani im Gettysburg National Military Park

Трамп и Џулијани во Гетисбург, во октомври годинава

Партнерите на Милошевиќ

Но, додека Клинтон беше државен секретар, токму таа беше загрижена поради однесувањето на Џулијани откако тој отпатува за Белград и се сретна со лидерите на српска политичка партија која своевремено му беше партнер на Слободан Милошевиќ.

„Ова е нечуено“, напиша Клинтон во имејл во април 2012 година, откако шефицата на нејзиниот кабинет, Черил Милс и испратила копија од извештај на Асосиејтед прес за средба на Џулијани со претставници на Српската напредна партија.

Откако се расчу за посетата на Џулијани, американската амбасада во Белград издаде соопштение во кое наведе дека не зазема страна на изборите во Србија. Лидерот на партијата со кој се сретна Џулијани, Александар Вучиќ денес е премиер на Србија. Веднаш по победата на Трамп на изборите, Вучиќ изјави дека „неговиот пријател Џулијани веројатно ќе стане важен дел од новиот естаблишмент во САД“.

Долгогодишен соработник на Џулијани кој инсистира на анонимност, застана во одбрана на поранешниот градоначалник на Њујорк, изјавувајќи дека тој денес има само еден меѓународен безбедносен договор, со владата на Колумбија. Џулијани одбива да ги коментира наводите.

USA New York Ground Zero Streit um Ahmadinedschad Besuch

Листата на странски држави и корпорации кои ги советувал Џулијани е долга

Од Ердоган до Курдистан

Во поголемиот дел од 2016 година, Џулијани работеше како висок советник и шеф на одделот за сајбер безбедност и кризен менаџмент во лобистичкиот гигант Гринберг Траурир. Во исто време играше и важна улога како поддржувач на Трамп. Во времето на Џулијани, адвокатите на Гринберг Трауриг работеа за многубројни странски клиенти, меѓу нив и за владата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и за една белоруска компанија која е осомничена дека избегнувала плаќање данок. Меѓу останатите клиенти се и земјоделската агенција на Мексико, либиски тинк-тенк, владите на Панама и Источен Тимор и ирачкиот автономен регион Курдистан.

Доколку биде номиниран, Џулијани ќе мора да го објаснува и потеклото на своето богатство, како што тоа еднаш веќе го стори за време на претседателската кампања во 2007 година. Во рамките на таа кампања тој откри дека е мултимилионер со богатство проценето меѓу 18 и 70 милиони американски долари.

Џулијани беше редовен критичар на платените говори на Клинтон за време на кампањата на Трамп. Но самиот тој, од 2005 до 2007 година одржал повеќе од 100 платени говори, во просек по 100 илјади долари поединечно за секој, за нафтени компании, инвестициски банки и фирми од Вол Стрит. За период од 15 месеци во тие години, Џулијани заработил 9,2 милиони долари од одржани говори.

АП

DW.COM

Реклама