Трамп најави „даночна револуција“ | Свет | DW | 09.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп најави „даночна револуција“

Претседателскиот кандидат на американските републиканци Доналд Трамп ја претстави неговата економско-политичка програма. Но отпорот против него во Републиканската партија расте, па дури се бара да биде заменет.

Републиканскиот кандидат за претседател на САД вети најголема даночна реформа во САД од 80-те години на минатиот век наваму. Доналд Трамп ги преработи неговите планови за даночни промени претставени на предизборите и вчера претстави нов план за оданочување во САД. Во говор во Детроит посветен на економската политика тој вети дека во случај на изборна победа во ноември и дека ниту еден бизнис нема да плаќа повеќе од 15 насто данок на приход. Тој, исто така, повика на привремен мораториум на сојузната регулатива. Во говорот во Економскиот клуб во Детроит, Трамп исто така им предложи на родителите да ги пресметаат просечните трошоци за одгледување на деца од нивниот оданочен приход. Моменталниот данок за нега на деца и оние на кои им е потребна туѓа помош е лимитиран на 35 отсто или на 3.000 долари по лице или 6.000 долари за две или повеќе лица. Високиот советник во предизборниот штаб на Трамп изјави оти предлогот ќе има за цел да им помогне на семејствата од работничките и средните класи и дека ќе вклучува лимити на приходи, иако одби да каже колку ќе изнесува лимитот. Тој бараше да остане анонимен бидејќи не сакаше да зборува за деталите на предлогот пред говорот на Трамп.

Се бара замена на Трамп

Во меѓувреме група американски конзервативци упати петиција до Републиканскиот национален комитет (РНЦ) за посебен состанок, на кој би нашле замена за републиканскиот претседателки кандидат Доналд Трамп. Организаторите, меѓу кои се републиканци кои се обидоа да ја спречат номинацијата на Трамп, се плашат, како што е наведено, од катастрофа на денот на претседателските избори, па последните неколку дена апелираат до членовите на РНЦ ширум САД да интервенираат.

Најмалку 26 члена од РНЦ од 16 американски држави мораат да потпишат барање до организаторите на состанокот. „Очајни времиња бараат очајнички мерки“, наведе во имејлот до членовите на РНЦ извршната директорка на политичкиот комитет Проект за одговорност на Републиканската партија, Реџина Томсон. Таа додаде дека Доналд Трамп е „катастрофа“ и во мејлот прикачи копија од петицијата.

Агенцијата АП наведува оти однесувањето на Трамп и низата негови контроверзности и конфликти загрижи многу високи членови на Републиканската партија.

Во меѓувреме, група од 50 републикански стручњаци за државна безбедност предупредија во отворено писмо оти Доналд Трамп би бил „најбескрупулозниот претседател“

Меѓу потписниците е и некогашниот директор на американската безбедносна служба ЦИА, Мајк Хајден.

Во писмото се наведува дека на Трамп му „недостасуваат карактер, вредности и искуство“ за да биде претседател. Одговарајќи на писмото на групата републикански стручњаци за безбедност, Доналд Трамп рече дека се тие дел од „пропаднатата Вашингтонска елита“ која сака да одржи на власт.

DW.COM

Реклама