Трамп и неонацистите | Свет | DW | 21.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп и неонацистите

Не игра никаква улога дали новоизбраниот претседател на САД е расист или не. Доналд Трамп сноси одговорност за поттикнување нетрпеливост, смета Инес Пол.

За време на целата изборна кампања организациите за заштита на човекови права, како и групите кои се залагаат за правата на нерегистрираните доселеници, предупредуваа на тоа дека говорите на омраза на Доналд Трамп можат да ја доведат земјата на раб на граѓанска војна. И сега Трамп навистина и победи. Некои негови следбеници ја слават победата на својот идол на социјалните мрежи со „Хајл Хитлер“ или отворено повикуваат на етничко чистење. Групациите како „National Policy Institute" (НПИ) само неколку блока од Белата куќа победнички ги повикуваат медиумите на конференции за печат каде без задршка ја шират својата идеологија.

Говорниците на овие прес-конференции имаат фризури кои потсетуваат на онаа на лидерот на т.н. Трет рајх- Адолф Хитлер. Со широка насмевка на лицето објаснуваат како белиот човек конечно го зема назад она што му припаѓа. А тоа е водството над сопствената земја, САД, кои на крајот на краиштата и ги основале Европејци. Отворено зборуваат за тоа како белиот идентитет е загрозен од страна на мулти-културното општество. Тврдат дека политичката коректност и медиумите кои лажат се виновни за тоа што малцинствата имаат повеќе права од белата раса. Гласно бараат сите муслимани во земјата да се стават под надзор и да се воведат подрачја во САД на кои ќе им биде дозволен живот само на белци.

DW Mitarbeiterin Ines Pohl

Инес Пол

Напливот на социјалните медиуми е огромен, бројот на посети достигнува рекордни вредности. Толпата е како „пуштена од ланец“. И тоа е многу опасно за социјалниот мир во земјата. Низ политичките инстанци се шири страв дека, досега мирољубивите протести, би можеле да ескалираат во улични конфликти. Многумина се подготвени да се борат за својата иднина.

Одговорноста за ваквата состојба ја сноси Доналд Трамп. Во минатото тој демонизираше цели етнички и верски групи  само за со разбудените стравови да ѝ даде поттик за неговата кампања. И само што беше избран, го поведе со себе во Белата куќа токму Стивен Бенон. Новиот стратешки советник на Трамп е јунак од десно-националистичката сцена. Идниот претседател и неговата екипа досега не се дистанцираа од Бенон.Основачот на НПИ, Ричард Спенсер, зборува како Трамп и неговите следбеници се тело, а тој и неговата идеологија мозок на новото движење. Мозок кој досега недостасуваше во проектот на Трамп. 

Досега постоеја доволно причини да се тврди дека Доналд Трамп не е идеолог во класична смисла на зборот. Нему само му е важно да ги поттурне своите многубројни компании. Но токму поради тоа тука постои многу место за една идеологија која оди многу подалеку од обично ветување дека Америка „ќе ја направи повторно голема“.

Кај избирачите многу брзо ќе се појави разочарување и ќе дознаат дека новоизбраниот претседател не е во состојба да исполни голем број од предизборните ветувања. Ни работни места ќе паѓаат од небо, а ниту Мексико нема да плати за изградба на ѕид на границата со САД.

И тогаш на Трамп ќе му требаат жртвени јарци на кои ќе ја префли вината за своите неуспеси. Не е тешко да се замисли во кого во тој момент советникот Бенон и силните националисти ќе го вперат прстот: кон доселениците кои не се од Европа и на муслиманите. Историјата така лесно може да се повтори.

DW.COM

Реклама