Трамп или Европа– ќе успее ли Борис Џонсон да избалансира на Г7 | Свет | DW | 23.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трамп или Европа– ќе успее ли Борис Џонсон да избалансира на Г7

По непријатното искуство во Берлин и Париз, премиерот Џонсон веројатно ќе добие нова горчлива лекција за реалноста со која се соочува Велика Британија кога викендов ќе има меѓународно деби на самитот на Г7 во Бијариц.

Со нерешен Брегзит во позадина и се поизвесна политичка криза дома, самитот на Г7 ќе понуди мала оддишка за новиот британски премиер. Огненото крштевање на Борис Џонсон го остави исцеден и сѐ повеќе изолиран од една страна од европските партнери, а од друга со искушение за приближување на Велика Британија кон САД со потенцијално негативен багаж кој влече надолу.

„Тој е заглавен меѓу застојот околу Брегзит, што му е најважно прашање во односите со Франција и Германија, но во поширока смисла, особено во последните години Велика Британија во однос на Иран, климатските промени, меѓународната трговија или Русија држеше позиција доследно блиски до европските сојузници. Така што мора да стори нешто за ова да продолжи да функционира," вели Томас Рејнес, првиот човек на Европските програми во Четам хаус и поранешен аналитичар на Единицата за стратегија на Канцеларијата за надворешни работи и Комонвелт во Лондон.

Повеќе:

-Борис Џонсон и „ситницата“ со Брегзит

-Пуфките на Борис Џонсон

-Брегзит: Со главата низ ѕид

Нејзиното ослабено влијание во Европа ја натера Велика Британија да бара пријатели на друго место, и тоа преку океанот во форма на американскиот претседател Доналд Трамп. Додека изгледот можеби мами, сепак личи дека тие имаат заедничка склоност кон краткорочни, лично-популистички интереси без да се грижат за последиците. Во актуелната политичка клима, ваков тип на нарцисоидност може да биде многу штетен.

„Најчесто на самит на Г7, европските земји ќе сакаат да се држат до заедничката позиција за да формираат еден вид европско единство. Џонсон и Трамп пак ќе се држат заедно против некои европски земји," вели Клаудија Шмукер, шеф на програмата за Глобализација и светска економија при Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП).

Велика Британија – САД: „специјалната врска“ застарена

Кусо откако Џонсон стана премиер, Трамп го опиша како „британски Трамп“, поетски дополнувајќи какво прекрасно партнерство ќе имаат.

Но, тука лежи проблемот. За Трамп, некој му е најдобар пријател само додека го прави она што тој го сака. И покрај привидната блискост и партнерство меѓу него и Џонсон, Велика Британија и САД всушност имаат различни ставови по многу меѓународни прашања. Велика Британија, на пример, во однос на разни теми од климатската политика до Иран има многу поблиска позиција до европската позиција. Тоа го става Лондон во незгодна позиција. Британската традиција да биде мост меѓу американските и европските позиции што следи со таканаречената „специјална врска“ е застарена. Делумно и поради лошиот перформанс на Џонсон како министер за надворешни работи, но и затоа што американскиот унилатерализам го стави во судир со европските позиции.

„Секој кој се обидува да му се приближи на Трамп со цел да извлече нешто од него завршува изгорен. (Поранешната британска премиерка н.з) Тереза Меј се бореше прилично тешко да му удоволи на Трамп на почетокот. За време на нејзината прва посета преку океанот таа не сакаше да го критикува претседателот и покрај некои неверојатно недипломатски работи кои што ги кажа во текот на нејзиниот мандат. На крајот не штедеше зборови да ја нападне. Така што да сум на местото на Џонсон би бил прилично претпазлив и реален за тоа што може да се постигне и колку лесно може работите да отидат во друга насока ако Доналд Трамп стане на ‘лева нога’," вели аналитичарот на Четам Хаус, Рајнес за ДВ.


Накусо, Трамп не сака мултилатерализам поради што и не ја сака ЕУ и единствениот заеднички пазар, а во Џонсон гледа партнер и соучесник.

„Тој има чуден однос со блокот. Тој сака кога Велика Британија ќе го напушти, што смета дека е добра одлука, да воспостави тесни врски со земјата. Но Велика Британија сега не е во позиција да започне преговори за Договор за слободна трговија. Исто така тука е и спротивставувањето од американскиот Конгрес, особено од демократите кои велат дека ако има цврста граница кон Ирска тие нема да поддржат таков договор. Трамп едноставно не разбира што се е доведено во прашање. А тој сака договор за слободна трговија изготвен според неговите желби и тоа веројатно за два дена, " вели експертот од ГДАП за ДВ.

Одење по работ

На крајот на краиштата, Џонсон најтешко може да го избалансира меѓу обидот да избегне да го навреди Трамп со тоа што ќе застане на европска страна за некои прашања, или ако се претстави дека е близок со Трамп кој е ексцентрик по многу теми.

„На некој начин Џонсон е многу подобар од повеќето политичари во овој вид политичка гимнастика, претставувајќи се како најдобар пријател на сите. Но, едноставно не мислам дека ова е чин што има многу кредибилитет, особено на европската сцена," проценува Рајдер за ДВ. „САД им е корисен за наративот за Брегзит без договор, за да кажат еве има друга силна економија со која може да соработуваме веднаш кога ќе истапиме од ЕУ. Но, политичките бариери за да се постигне сеопфатен договор со САД се огромни на двете страни."

Политичките самити генерално носат помалку суштина а повеќе симболика и се додека тој успее да не направи гаф, Г7 може да биде одлична сцена на која Џонсон ќе блесне премиерски во вистинско светло.

Ако ја искористи оваа можност, Рајнес верува дека ќе може да си го засили својот политички капитал.

„Ако може да дојде до точка на која самитот нема да заврши со големи разлики меѓу Трамп и Европејците, со тоа што Џонсон помалку незгодно ќе биде во средина или ќе заземе некоја страна по одредени прашања при тоа обидувајќи се да не биде многу гласен околу ова, тогаш тоа би било добар исход за него."

 

DW.COM

Реклама