Трамп е воздржан за Иран поради добра причина | Свет | DW | 17.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трамп е воздржан за Иран поради добра причина

Иако потеклото на дроновите кои во Саудиска Арабија ја нападнаа најголемата рафинерија за нафта е разјаснето, тоа сѐ уште не зборува ништо за потеклото на нападите. Затоа, Трамп е со право воздржан, оценува Петер Филип.

Американските „извори“ беа многу брзи во донесувањето заклучок дека за нападот со дронови врз саудиската рафинерија на западот на Арапскиот Полуостров е виновен Иран. Докази и овојпат, како и во претходните случаи кога имаше сомневања за иранско учество - изостанаа.

Американскиот претседател Трамп на почетокот не сакаше да се приклучи кон обвинувањата, но неговиот тон беше повеќе од јасен: САД се „напрегнати и подготвени“. Сепак, тој прво сака да се посоветува околу натамошните чекори со партнерите во Ријад. Американскиот претседател истовремено вети дека неговата земја ќе биде од помош за да не дојде до теснец во снабдувањето со нафтана светско ниво. Затоа веќе дал упатство доколку е неопходно да се посегне и по американските резерви за итни случаи.

Драматични последици за енергетскиот сектор

Нападот, за кој одговорност презедоа јеменските Хути, навистина би можел да има драматични последици по светскиот енергетски сектор, затоа што се нападнати и тешко оштетени постројки кои се најголеми од тој вид на светот. Засега останува отворено какви воени и политички последици тој напад би можел да има по земјите во регионот. Но, би било премногу едноставно и погрешно да се прифатат слепо американските обвинувања против Техеран. Пред сѐ во пакет со аргументот кој често е повторуван во последните 24 часа: „Иран ги снабдува Хутите со оружје.“

Peter Philipp Kommentarbild PROVISORISCH (DW)

Петер Филип

Тоа е познато веќе со години, но дали е тоа доволна причина за Иран да се прогласи за виновник? Досега нема докази за присуство на иранска војска, па дури ниту на ирански воени стручњаци во Јемен.

Истовремено, Вашингтон отворено ги нарекува Саудијците „наш сојузник“. И, Вашингтон му дава отворена поддршка на овој сојузник во неговатавојна во Јемен, која трае повеќе од четири години. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија во Јемен напаѓа со американско оружје, американски бомбардери и со помош на американско набљудување. Тоа е војна во која досега загинаа најмалку 10.000 цивили.

Оттука, тезата за „снабдувачот со оружје како извршител“ би можела исто така едноставно да се примени и во случајот на Вашингтон. Особено ако се земе предвид улогата на САД во „информативната кампања“ во полза на војната. Според таа кампања, Саудијците се заштитници на легално избраниот претседател на Јемен, Хади, и му помагаат во бората против бунтовниците Хути зад кои стои Иран. Ниту збор за тоа дека Хади одамна даде оставка и дека главно се наоѓа во Саудиска Арабија.

Иран постапува поинаку од Саудиска Арабија

Во минатото постојано имаше судири помеѓу шиитското население во северниот пограничен регион - каде живеат Хути - и Саудијците. Воинствениот престолонаследник во Ријад, Мохамед бин Салман (кој се смета за одговорен за смртта на новинарот Кашоги) очигледно сметаше дека со влегување во војна ќе ги израмни старите сметки и дека ќе го доведе Јемен под саудиска контрола.

Она што нему не му успеа за четири години, Иран сигурно не го помислува ни на сон. Техеран, имено, никогаш не се мешал директно во толку оддалечени региони и стратешкото значење на мореузот Баб ел Мандеб сигурно не би било оправдание за такво нешто.

Вашингтон е и тоа како свесен за сето тоа и тоа е можеби објаснувањето за воздржаноста на Трамп. Освен тоа, има и друга причина: Трамп само што ја пушти во оптек идејата за можна средба со иранскиот претседател Рохани.

DW.COM

Реклама