Трамп, Ердоган и политичкиот ризик | Свет | DW | 19.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп, Ердоган и политичкиот ризик

По референдумот во Турција претседателот на САД Трамп му честиташе на Ердоган за успехот. Овој разговор го отсликува нејасниот курс, кој двете земји го следат на Блискиот Исток. Оваа амбиваленција е политички ризична.

По опомената следуваше честитка. Штотуку Турците на референдумот за уставни реформи се одлучија за воведување претседателски систем кој, патем, го иницираше самиот претседател Ердоган, Министерството за надворешни работи на САД ја опомена турската влада да го почитува владеењето на правото во Турција. „Бараме од турската влада да ги почитува основните права и слободи на сите граѓани“, појасни портпаролот на министерството, Марк Тонер. САД, додаде тој, го поддржуваат демократскиот развој на Турција, а во тоа спаѓаат и владеење на правото и слободата за разновидната медиумска слика.

Набргу потоа претседателот на САД, Доналд Трамп, ја зеде телефонската слушалка в рака и изрази спротивно мислење од она на Министерството за надворешни работи на САД. Трамп, имено, на својот турски колега му честиташе за успешниот референдум. Деталите од тој разговор не се познати. Но тој повик, според проценката на „Вашингтон пост“, упатува на тоа дека исходот, но и спорното спроведување на референдумот, нема да им наштети на односите меѓу двете земји. Меѓународните набљудувачи се жалеа оти приврзаниците и противниците на претседателскиот систем немале исти шанси за време на референдумот.

Но таа критика во Вашингтон изгледа не игра некоја поголема улога. Стратешката важност на Турција е преголема, за да може американската администрација да го промени својот курс, претпоставува „Вашингтон пост“. „Не верувам дека владата на САД има проблеми со турската демократија“, ја цитира весникот политичката аналитичарка Ѓонул Тол од тинк-тенкот „Институт за Среден Исток“ во Вашингтон. Новата влада, рече таа, од почетокот сигнализира дека ќе соработува со своите партнери. „Но нема да се меша во нивните внатрешни работи“, изјави Тол.

Трамп против Путин

Внатрешните работи за време на телефонскиот раговор меѓу Трамп и Ердоган очигледно не играа улога. Она што, меѓутоа, излезе во јавноста од тој разговор е дека двајцата претседатели разговарале за натамошните чекори во Сирија. Така Трамп, наводно, уште еднаш на Ердоган му се заблагодарил за поддршката за време на американскиот воздушен напад на почетокот на април врз сириската воздухопловна база Шајрат.

Меѓутоа, и натаму е нејасна политичката порака која Трамп со својот воздушен напад сакаше да ја упати. Според сфаќањата на катарскиот информативен канал „Ал Џазира“, нападот всушност бил наменет за Путин. Трамп, пишува „Ал Џазира“ на својата веб-страница, сакал да ја тестира лојалноста на Путин кон Асад: Во која мерка Путин би бил подготвен да се впушти во конфронтација со САД за да го одржи Асад на власт?

Syrien Luftwaffenstützpunkt Shairat nach US-Angriff (picture-alliance/Sputnik/M. Voskresenskiy )

Воздухопловната база Шајрат по американскиот напад на 07.04.2017

Но, „Ал Џазира“ претпоставува оти конфронтацискиот курс кој се навестува ќе има кус век: „Путин дома сака да се покаже силен. Да се предизвикува Вашингтон важи за нов национален спорт. Трамп напротив има намера да се прикаже како противник на Путин. Но, двајцата ќе ја надминат таа точка.“ Соодветни насоки во поглед на Сирија, Трамп навистина најави. Во едно интервју, на 12 април годинава, на прашањето дали Асад според гледна точка на неговата влада ќе мора да замине, Трамп одговори. „Инсистираме ли на тоа? Не. Но мислам дека тоа еднаш ќе се случи.“

Измамена сириска опозиција

Еден таков став е ризичен, бидејќи ја залажува сириската опозиција, пишува „Ал Џазира“. Воздушниот напад ги охрабри противниците на Асад и натаму да се борат. Но, без натамошна поддршка тоа ќе резултира само со продолжување на војната, а со тоа и со натамошно пролевање крв, наведува „Ал Џазира“ и додава дека сириската опозиција почнува да го сфаќа тоа.

Но, нерешителниот американски курс е ризичен и за Турција, бидејќи и владата во Анкара следи курс кој нема јасна насока. Од една страна, во однос на Сирија тесно соработува со Русија. Тоа, на пример, можеше да се види на мировната конференција во казахстанскиот главен град Астана, која двете земји ја организираа заеднички на крајот на јануари годинава. Истовремено, Анкара бара сојузништво со САД - и без оглед на тоа што двете големи сили досега имаат спротивставени претстави за политичката иднина на Асад. Москва сака да го задржи на власт, додека Вашингтон, барем досега, бараше негово заминување.

Турција меѓу сите фронтови?

Турција затоа е во опасност да заглави меѓу два фронта, пишува интернет магазинот „Ал-Монитор“, кој се занимава со политиката на Блискиот Исток. Двете суперсили би можеле да дојдат до заклучок дека Турција е непресметлива и поради тоа и несигурен партнер. „Надворешната политика би требало да почива на солидни, темелно промислени принципи, а не на импулсивни реакции“, пишува „Ал-Монитор“. Така, спорното прашање за иднината на Асад би можело во втор план да го стави заедничкиот интерес, кој ги поврзува сите три земји: борбата против Исламска држава (ИД) и другите џихадистички терористички организации.

Повеќезначната блискоисточна политика на Трамп, меѓутоа, носи ризици и за самите САД. Доколку земјата ги следи насоките кои Трамп ги назначи во својот телефонски разговор со Ердоган, ќе го ризикува својот имиџ во Турција како гарант на демократијата и на човековите права- а веројатно и повеќе од тоа. На тој начин САД би ја нарушиле довербата во оние вредности на кои политички традиционално се повикуваат. А во регионот на Блискиот Исток и натаму се присутни тенденции на вртење на грб на Западот. .

 

 

DW.COM

Реклама