Трамп го притиска обвинителството да отвори истрага против Бајден | Свет | DW | 20.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трамп го притиска обвинителството да отвори истрага против Бајден

Претседателот на САД, Доналд Трамп го повика јавниот обвинител Вилијам Бар веднаш да отвори истрага за демократот Џо Бајден и неговиот син Хантер. Притисокот ја урива независноста на судскиот систем во земјата.

Притисокот на Трамп всушност е барање Министерството за правда да го извалка неговиот политички ривал и да ја напушти својата историска дистанца во однос на изборите во земјата.
На само две недели пред изборниот ден, Трамп за првпат експлицитно го повика Бар да го испита семејството Бајден и дури и ги наведе изборите на 3 ноември како причина зошто Бар не смее да одолговлекува со одлуката.

„Мораме да го натераме јавниот обвинител да делува“, изјави Трамп во интервју за телевизијата Фокс. „Тој мора да делува и тоа брзо. Мора да именува некого. Ова е голема корупција и тоа мора да се расчисти пред изборите“.

Претседателскиот историчар на Универзитетот Принстон, Џулијан Зелизер вели дека кампањата на притисок на Трамп врз Бар се префрлила на досега непозната територија во политиката на еден претседател.

„Прашањето е дали Бар ќе ги заобиколи насоките и реформите спроведени во пост-Вотергејт ерата или ќе го прифати ова?“, вели Зелизер.

„Гледаме целосна политизација на правосудниот систем во последните етапи на изборите“.

USA Ukraine-Affäre - Hunter Biden

Трамп го обвинува Хантер Бајден дека сторил криминал во Украина.

Притисокот на Трамп врз Бар се случува во момент кога сите национални и регионални анкети покажуваат дека се соочува со тежок пат до реизбор. Трамп во неколку наврати го наведуваше минатото на Хантер Бајден, честопати неосновано, како причина зошто не треба да му се верува на Џо Бајден. Притоа, Трамп досега не кажа каков криминал сториле Бајден и неговиот син, но тоа не го спречува да порачува пред неговите гласачи дека Бајден треба да заврши во затвор.
Министерството за правда не ги коментираше последните барања на претседателот на државата.

DW.COM

Реклама