Трамп го вжештува трговскиот спор со Кина | Економија | DW | 11.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Трамп го вжештува трговскиот спор со Кина

Американскиот претседател, по најновата преговарачка рунда во Вашингтон, се погрижи за нова ескалација во трговскиот конфликт со Кина – започна постапка за зголемување на царините на целиот увоз од Кина.

Handelsstreit zwischen USA und China (picture-alliance/dpa/Getty Images/F. Li)

Трговскиот спор меѓу САД и Кина ескалира

Претседателот на САД Доналд Трамп наредил почнување на процес на проширување на важноста на специјалните царински давачки за целиот преостанат увоз од Кина. Станува збор за стоки во вредност од околу 300 милијарди долари. Но, конечната одлука уште не е донесена.

Вчера (10.05), дводневните трговски разговори меѓу делагциите на САД и Кина во Вашингтон завршија без пробив. Ноќта кон петокот во сила стапија од Трамп веќе најавените специјални давачки за производи увезени од Кина во вредност од 200 милијарди долари, со што тие од досегашните 10 проценти, се зголемија на 25 проценти.

За натамошен увоз во волумен од 50 милијарди долари, стапката на царинење веќе претходно изнесуваше 25 проценти. Сега е погодена половината од целокупниот извоз на Кина во САД. Трамп ја обвини Кина за прекршување на договорот постигнат во повеќемесечните преговори- Кина ги повлекла ветувањата и инсистира на дополнителни преговори. Според Трамп, најновите разговори протекле „отворено и конструктивно“. Но, на Твитер тој стави јасно до знаење дека засега не отстапува од воведувањето на специјални царински давачки за увозот од Кина. А дали тие ќе бидат укинати, „зависи од тоа што ќе се случува во однос на идните преговори“, напиша претседателот Трамп, најавувајќи нивно продолжување и истакнувајќи ја „силната врска“ со кинескиот претседател Ши Џингпинг.

USA Präsident Donald Trump (AFP/M. Ngan)

Американскиот претседател непопустлив во трговскиот спор со Кина

Американскиот претседател објави цела серија твитови во врска со трговските преговори со Кина, во кои стои дека нема потреба од брзање, дека дополнителните царини на кинеска стока носат енормни суми во касите на САД и тие „ќе ја зајакнат, е нема да ја заслабат земјата“.

Повеќе:

Ескалација во трговската војна помеѓу САД и Кина

Трамп го зголемува притисокот врз Кина

Шефот на кинеската преговарачка делегација Лиу Хе пак го критиуваше зголемувањето на американските царини. „Тоа не е добро решение за проблемот, не е добро ниту за Кина, ни за САД, ниту за остатокот од светот“, изјави вицепремиерот за кинеската државна телевизија. Лиу Хе сепак е оптимист за надминување на спорот:„ Некои од разликите сакаме да ги надминеме на искрен и рационален начин“, истакна тој, додавајќи дека економиите на Кина и на САД се дел од индустриски синџир. Но, кинеската влада нема намера да гледа на ескалацијата со скрстени раце, подвлече Лиу Хе, без да навлегува во детали.

Кина увезува стоки од САД во вредност од 120 милијарди долари, а извезува во САД производи во вредност од  539 милијарди долари.

Ескалацијата на релација САД-Кина на трговски план, со денови предизвикува несигурност и на финансиските пазари и се заканува со штети и во другите земји, ММФ предупредува од „опасност за светската економија“.

 

 

DW.COM

Реклама