1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трампа на Балканот?

1 март 2012

Романија на средбата на ЕУ-министрите за надворешни работи во Брисел го блокираше доделувањето на кандидатски статус на Србија. Букурешт бара од Белград признавање на Власите како романско малцинство.

https://p.dw.com/p/14C2e
Фотографија: picture alliance/dpa

Блокадата на Романија дојде сосема неочекувано. Минатиот ноември, романскиот претседател Трајан Басеску го увери неговиот српски колега Борис Тадиќ на средба во Белград, дека Романија без задршки го поддржува пристапот на Србија во ЕУ. Претходно Романија повеќепати сигнализираше поддршка, независно од напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Згора на тоа Романија е една од петте земји-членки на ЕУ која ја нема признаено независноста на Косово.

Прашањето за романското малцинство во Србија сепак подолго време стои на романско - српската билатерална листа. Притоа не станува толку збор за Романците во северна Војводина, каде во местата што ги населуваат романскиот е признат како службен јазик. Мајчиниот јазик се негува во училиштата, црквите и медиумите. Истото впрочем важи и за другите малцинства кои живеат во Војводина, Унгарци, Хрвати, Словаци и Руси.

Rumänien Land und Leute Präsident Traian Basescu und Boris Tadic
Претседателите Тадиќ и БасескуФотографија: DW/Cristian Stefanescu

Власите се неединствени

Многу повеќе станува збор за истокот на Србија, односно за Власите кои живеат во Тимочка Краина. Нивниот јазик, влашки, е романски дијалект изведен од старо-романски. Букурешт опстојува на тоа Власите да бидат признати како романско малцинство. Србија меѓутоа смета дека статусот на ова малцинство треба да се регулира регионално, бидејќи Власите не живеат само во Србија, туку и во Грција, Албанија, Хрватска и Македонија.

Околу 100.000 Власи во Тимочка Краина се поделени. Околку 30.000 припадници на ова малцинство бараат Србија да ги признае како Романци и со тоа да ги уживаат истите права како и романското малцинство во Војводина. Ова групација очекува активна поддршка од нивната „татковина“ Романија. Другите меѓутоа се гледаат како самостојно малцинство и категорично се дистанцираат од нивните про-романски сограѓани.

Зошто токму сега?

Но, зошто Букурешт го носи т.н. „Влашко прашање“ во Брисел и тоа токму сега? Набљудувачите во романскиот главен град имаат повеќе хипотези. Прво, Романија очекуваше Србија повеќе да и‘ излезе во пресрет по ова прашање, откако Букурешт не го призна Косово како држава. Сега Белград под притисок на ЕУ треба да направи обврзувачки отстапки.

Од друга страна може да постои поврзаност меѓу сегашниот став на Романија со одлагањето на пристапот на земјата во Шенген зоната. Уште пред една година, Букурешт гласно размислуваше да ја блокира Хрватска поради одлагањето на приемот на Романија во Шенген зоната, пред се’ по барање на Германија и Франција. Но, намерата не се реализира поради притисокот од Брисел.

Rumänien Grenzschild Schengen Grenze nach Moldawien
Политички покер на Романија за влез во Шенген зоната?Фотографија: AP

Откако Германија и Франција сепак се согласија за прием на Романија во Шенген зоната, остана уште Холандија која се’уште се противи. Букурешт би можел да направи „размена“ - Холандија да ја деблокира Романија, а Романија да го ослободи патот за Србија.

Многу гласини - малку информаци

Изненадувачката позиција на Романија би можела да има и внатрешно-политички причини. Претседателот Трајан Басеску треба да добие можност, лично на самитот на ЕУ, кој денеска и утре се одржува во Брисел, да ја деблокира Србија и на тој начин да се позиционира како адвокат на сите Романци во земјата, но и во странство. На крајот на годинава во Романија треба да се одржат парламентарни избори, а владејачката партија на Либералдемократите, чија што водечка личност е претседателот, во анкетите се зад социјал-либералната опозиција. Надворешно политички успех на Басеску, би можело да ја зајакне позицијата на Либералдемократите.

Во Букурешт во игра е уште едно сценарио: Германија, која по тешки преговори сега официјално го поддржува кандидатскиот статус за Србија, би можела преку трета страна, во случајов Романија, да се обиде да ја одолговлече конечната одлука.

Без оглед која и да е од хипотезите вистинита, и во Букурешт се убедени дека Романија ќе ја ревидира својата позиција, а Србија уште оваа недела ќе добие кандидатски статус.

Автор: Роберт Шварц/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска