Трагедија на „Струма“: Колку луѓе настрадаа во несреќата на автобусот на „Беса Транс“? | Северна Македонија | DW | 26.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Трагедија на „Струма“: Колку луѓе настрадаа во несреќата на автобусот на „Беса Транс“?

По прес-конференцијата во Софија и сведочењата на дел од повредените и на семејствата на загинатите во несреќата, сѐ уште недостигаат делови во мозаикот за причините коишто доведоа до трагедијата. 

Бугарија Боснек Несреќа

Остатоците од запалениот автобус на „Беса Транс“

Многу нејаснотии, шпекулации и неодговорени прашања се наметнуваат во јавноста неколку дена по трагедијата во Бугарија, кога на 23 ноември на автопатот „Струма“ се запали македонски автобус во кој загинаа 44 патници, а седуммина беа повредени. 

Бугарските истражители во четвртокот на прес-конференција ги изнесоа првичните согледувања за причините коишто ја предизвикале несреќата. Истрагата досега утврдила дека се работи за човечка грешка која била дополнета и од „лошата сигнализација на патот и банкината“, кои не биле според стандардите. Жртвите во автобуската несреќа починале како резултат на задушување во пожарот кој избувнал по сударот на автобусот со банкината. Досегашната истрага покажала дека ниту еден патник не настрадал од трауми како последица на самиот удар. „Сите загинати биле живи во моментот на избувнувањето на пожарот“, рече бугарскиот обвинител Борислав Сарафов на прес-конференција во Софија. 

Но, и по прес-конферецијата и сведочењата во медиумите на дел од повредените и на семејствата на загинатите во несреќата,  сѐ уште недостигаат делови во мозаикот за причините коишто доведоа до трагедијата. 

Како се запалил автобусот? 

Од досегашните информации, обвинителството направи реконструкција на несреќата на автопатот „Струма“. Според шефот на тимот истражители што го истражува случајот, Маријан Маринов, автобусот најпрво отишол на десно и удрил во заштитната ограда. Возилото потоа удрило во левата заштитна ограда и продолжило да се движи. Сведоците тврдат дека непосредно по ударот интензивно се раширил пожар. Веројатна причина за пожарот е ударот во оградата во десната страна, при што оградата се подвлекла под автобусот и предизвикала искрења. Притоа, горивото и маслата се запалиле од тоа искрење. 

Имало ли канти со нафта? 

Бугарските обвинители ги отфрлија шпекулациите дека во автобусот се превезувале канти со нафта или бензин и дека тоа ја предизвикало трагедијата. Исто така, нема ниту еден сведок на настанот, освен седуммината преживеани патници. 

Обвинител Борислав Сарафов

Бугарските обвинители ги отфрлија шпекулациите дека во автобусот се превезувале канти со нафта или бензин и дека тоа ја предизвикало трагедијата.

„Имаше информации дека во автобусот се превезувало гориво, бензин и дизел и дека можеби тие биле причина за пожарот. Оваа трага е истражена, но категорично е отфрлена како неоснована. На местото се пронајдени три канти во кои имало само остатоци од масло, па не биле ниту наполнети ниту изгорени. Тоа значи дека пожарот не бил предизвикан од гориво“, информираа истражителите. 

Слични изјави дадоа и државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. „Шпекулациите во јавноста за туби со бензин, пиротехника и така натаму само штетат на истрагата, не помагаат. Според моите сознанија, коишто ги имам, воопшто не станува збор за туби со бензин коишто можат да бидат причина за несреќата“, изјави Спасовски за бугарската БТВ. 

Туристичката агенција „Беса транс“- Скопје уште во средата на Фејсбук објави дека нивниот автобус кој изгоре во сообраќајната несреќа не шверцувал бензин или пиротехника. 

Колку патници преживеале? 

Најголема мистерија, сепак, предизвика тврдењето на бугарските истражители дека во автобусот се пронајдени 44 а не 45 тела, како што првично се тврдеше и дека се спасени осуммина патници. Но, во болницата „Пирогов“ во Софија во моментов се хоспитализирани седуммина преживеани, на кои им се извршени хируршки зафати и се очекува нивното враќање дома.  

Автобус Бугарија Несреќа

Најголема мистерија, предивика сепак тврдењето на бугарските истражители дека во автобусот се пронајдени 44 тела.

Портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева пред бројните бугарски и македонски медиуми сподели дека се сретнала со еден од преживеаните кој и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и дека спасил осуммина, а не седум лица. Додека истражните органи ги проверуваат информациите, во оптек се неколку верзии. Можно е некој од туристите да се префлил во друг автобус за време на патувањето, па затоа да недостига еден патник. Има сведоштва од бензинската пумпа каде одмарале автобусите, дека имало размена на патници меѓу автобусите. 

Различни списоци 

Бугарските медиуми укажуваат дека има неусогласеност во списокот на преживеани со кој располагаат Бугарија и Македонија. Според бугарскиот список, таму стоело името на млад човек, додека во македонскиот список бил заведен постар маж кој има белгиско државјанство. 

Гледај видео 03:41

Трагедија на автопатот „Струма“

Како што објави БНТ, на списокот на хоспитализирани во болницата „Пирогов“, има лице кое, според извори на телевизијата не фигурира на списокот на патници на „Беса транс“. Станува збор за 36 - Шади Науф ал Салех, од Обединетите Арапски Емирати. Но, засега е нејасно дали тој е осмиот патник којшто ја преживеал автобуската несреќа во Бугарија. Дел од медиумите, повикувајќи се на непотврдени информации објавија дека најверојатно станува збор за автостопер кој се качил во автобусот во Бугарија. Токму затоа и не бил регистриран на списокот на патници. Дел од бугарските медиуми тврдат дека ја разрешиле мистеријата - зошто има несовпаѓање меѓу списоците на патници. „Шади Науф ал Салех се јави во редакцијата. Тој објасни дека нема никаква врска со несреќата. Тој е бугарски државјанин, а во саботата бил примен на трауматолошкиот оддел на Пирогов поради скршеница на раката. Излегува дека во клиниката по грешка го внеле во списокот со повредени од автопатот Струма. Салех веќе е отпуштен од болницата“, објави „БНТ“.

Бугарија Болница Пирогов

Бугарските медиуми укажуваат дека има неусогласеност во списокот на преживеани со кој располагаат Бугарија и Република Северна Македонија.

Во меѓувреме, се појави сведочење во медиумите за патник кој се качил во погрешен автобус и така ја избегнал несреќата. Станува збор за Џафер Долек, чиј татко раскажува дека во кобниот автобус требал да биде и неговиот син, кој бил дел од групата. „Дошло до грешка со багажите, па место во тој автобус, багажот бил префрлен од хотелските служби во друг автобус. Кога се качил син ми, се пожалил дека му се префрлени работите во погрешен автобус. Му рекле дека има место во првиот и да се качи во тој каде што му е багажот. Така се качил и за мене е тоа голема среќа, ако може да се каже така“, изјави таткото на Џафер Долек за Тв Сител. 

По информациите дека недостига еден патник, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи обвинителката Вилма Русковска издаде усна наредба со СВР Скопје да се обезбедат листи на патници кои патувале со автобусите на „Беса транс“ на турата за Истанбул.

ДНК анализи 

Загатката колку патници имало во автобусот се очекува да се разреши со споредба на биолошкиот материјал добиен со ДНК анализите во Скопје од родините на загинатите, со примероците земени од обдукциите на телата во Софија.  Резултатите добиени до ДНК анализата денеска треба да им бидат предадени на бугарските истражни органи, коишто треба да пристигнат во Скопје. Најавено е дека во земјата треба да допатуваат главниот обвинител Иван Гешев и истражител од Бугарија.  

Проверки и одговорност 

Лошата сигнализација на патот и банкината на автопатот „Струма“ кои не биле според стандардите, исто така се дел од причините коишто придонеле кон несреќата.  

Бугарскиот главен обвинител нареди да се изврши проверка на патната сигнализација и на поставените сообраќајни знаци на магистралните и на главните патишта на територијата на целата земја. Ако во текот на проверката се соберат податоци дека се извршени казнени дела од општ карактер, тие ќе бидат испратени на обвинителството кое ќе бара кривична одговорност на виновните лица. 

Бугарија Софија Амбасада Автобус Несреќа

Граѓаните палат свеќи во спомен на жртвите во автобуската несреќа во Бугарија.

„Ќе истражуваме кој од бугарските цариници го пропуштил автобусот. Ако има пропусти, ќе има и одговорност во царината и нема да се поколебаме да ги санкционираме ако тие  направиле пропуст и придонеле за оваа огромна човечка трагедија“, најави бугарскиот обвинител Борислав Сарафов. 

Проверки се вршат и во Северна Македонија. Според внатрешната контрола што ја спроведе Царината, утврдено е дека автобусот излегол од земјата без да биде електронски евидентиран неговиот излез. Пропустот го направиле двајца царинските службеници кои биле на смена во тоа време. Тие се суспендирани од работните места. 

Поврзана содржина