Тирана има многу мало влијание врз одлуките на Али Ахмети | Македонија | DW | 15.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Тирана има многу мало влијание врз одлуките на Али Ахмети

Кога во Македонија се одржуваат избори, Албанија секогаш заинтересирано следи, вели во разговор за ДВ албанскиот аналитичар и претседател на Здружението на новинари Александер Чипа. Рама има мало влијание врз Ахмети

„Вниманието овојпат беше поголемо, отколку кај претходните избори. Недостатокот на стабилност во Македонија има последици и за Албанија, не само затоа што се наши соседи, туку и поради врските меѓу Албанците во регионот и начинот на кој развиваат“, вели Чипа за ДВ.

Според него, изборите во Македонија веќе донеле промени. Разбиена е традиционалната партократија која владеела последните 10-15 години. „Со тоа мислам на новата политичка сила, Беса, која стана најсилен опозициски глас. Потоа доаѓа и движењето на Зијадин Села. Тие се новини во албанскиот политички спектрум во Македонија. Уште една карактеристика на изборите беше вклучувањето на некои пратеници или кандидати во најважните македонски политички партии. Тоа има големо политичко значење. Трето, во контекст на политичкото претставување на ДУИ, се забележува дека за првпат има еден елемент со религиозен карактер, имено претставувањето на православните Албанци во Македонија“, вели Чипа.

Според аналитичарот, Албанците во Македонија сега добиваат шанса да одлучуваат за судбината и за составот на владата во Македонија.
„Не сме повеќе во 90-те години, туку во 2016, и сега албанските партии во Македонија се значаен елемент од политичката плуралност во рамките на албанското малцинство во Македонија“.

Чипа ги отфрла забелешките по одлуката на премиерот Еди Рама да ги повика на состанок лидерите на сите четири парламентарни партии на Албанците во Македонија.

„Албанскиот премиер согласно нашиот Устав има право да го прави тоа. Албанија не треба да се залага само за мирот и соработката во регионот, туку мора да покаже и интерес за судбината на Албанците во регионот“. 

Aleksander Cipa Medien Analyst

Александер Чипа

Од Македонија досега немаше официјална реакција на одлуката на Рама да ги повика албанските политички лидери во Тирана. Реагираше единствено Обединетата македонска дијаспора, која повикот го оцени како „мешање во внатрешните работи на Македонија“. 

„Премиерот на Албанија, Еди Рама, е повеќе од добредојден да се сретнува со албанското малцинство во Македонија. Сепак, остварување на средба со нив еден ден откако Државната изборна комисија ги објави резултатите, од кои некои политички партии се оспоруваат, вклучувајќи ги оние кои го застапуваат албанското малцинство, и на истиот ден, како што опозициската СДСМ најави силна опозиција на ВМРО-ДПМНЕ за формирање влада, ги поткопува добрососедските односи и се меша во внатрешните работи на Македонија“, оценуваат од ОМД.

За аналитичарот Чипа, не станува збор за такво нешто. „Неформалните политички контакти меѓу политичките претставници на Албанците во регионот и на албанските политички репрезенти се сосема природни. На нив не треба да се гледа со предрасуди и да се тврди дека се работи за мешање. Притоа, ние и не ја знаеме агендата на разговорите на Рама со лидерите на албанските политички партии од Македонија“.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети најпрво ја одби поканата од Рама поради презафатеност, но подоцна се предомисли и денеска отпатува во Тирана. Според Чипа, таквото однесување на Ахмети, но и одбивањето на лидерот на ДПА, Мендух Тачи се сигнал дека Тирана нема големо влијание врз нивната политика.

„Мислам дека Тирана не може така лесно да врши влијание врз политичките одлуки на Ахмети, а тоа го видовме и во претходните изборни ситуации. Самостојното однесување и политичките одлуки на лидерот на ДУИ, Ахмети, како и на Мендух Тачи се условени од директната реалност која ја диктира електоратот. Тие не можат така лесно да бидат подложни на влијанија, како што мислиме ние, или да бидат диригани од далеку“, вели Чипа. 

Средбите на Рама со лидерите на политичките партии на Албанците од Македонија досега минува без изјави и официјални соопштенија. Ни албанските медиуми немаат информации за што разговарал Рама со лидерот на Беса Билал Касами и со Зијадин Села од Алијансата за Албанците. Денеска се одржува и средба со Ахмети, додека лидерот на ДПА Мендух Тачи не отиде во Тирана.

DW.COM

Реклама