Тимот - прв индикатор за работата на Јанева | Северна Македонија | DW | 17.09.2015

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Тимот - прв индикатор за работата на Јанева

Квалитетен тим, гарантирана безбедност и елиминирање на опструкциите, се трите предуслови без кои не е можно непречено функционирање на специјалното обвинителство

„Денеска стојам пред Советот и пред вас сама, но за еден месец ќе ме видите со мојот тим зад мене и тогаш ќе ги преземеме предметите за кои сме надлежни“, изјави вчера пред новинарите специјалната обвинителка Катица Јанева, откако даде свечена заклетва. За еден месец Јанева треба да го состави тимот со кој ќе работи - обвинители, стручни соработници, експерти, советници, истражители и административен персонал. Според правни и политички експерти, токму овој период е најклучен за идното функционирањето на институцијата, бидејќи зависи од тоа како ќе се постави нејзиниот кадровски фундамент и со каков квалитет. Тоа ќе биде и првиот сигнал за онаа што може да се очекува од работата на тој тим. Поради тоа, важно е во овој период Јанева да ги преброди најголемите ризици, кои подоцна може да се рефлектираат на работата на обвинителството. Кои се тие?

Најважен е тимот

Аналитичарот Ибрахим Мехмети смета дека клучно прашање за избегнување на главните ризици во постапувањето, е обвинителката да состави квалитетен тим, отпорен на какви било влијанија и притисоци.

„Важно е како специјалната обвинителка ќе го состави тимот, односно дали ќе најде доволен број обвинители на исто ниво на посветеност на работата, за да може целосно да се потпре на нив. Јасно е дека е најтешко да се состави идеален тим. Кандидатите со кои ќе разговара сигурно ќе ја уверуваат во својата професионална независност, но прашање е дали тоа ќе го потврдат и тогаш кога ќе се појават првите влијанија од неочекувани места. Од нивната (на)отпорност кон влијанија и притисоци зависи дали ќе се зголеми или намали опасноста од компромитирање на процесот. Особено што тој тим ќе има пристап до деликатни информации, а довербата и дискрецијата во тимот се најбитни за да не се случи важни информации да протекуваат надвор од специјалното обвинителство, со оглед дека во моментот кога ќе почне истрагата можни се опструкции од институциите од кои ќе бара соработка“, вели Мехмети.

Marko Zvrlevski, Staatsanwalt Mazedonien

Актуелниот Јавен обвинител Марко Зврлевски

Според други, најголемиот ризик во овој период е опасноста одредени обвинители да бидат инструирани да не ја прифаќаат понудата за влез во тимот на Јанева, со цел да доцни кадровското екипирање на специјалното обвинителство, по што таа под притисок на роковите ќе биде принудена во изборот меѓу кадровски квалитет и неопходен кадровски квантитет, да се определи за второто. Ако тоа се случи, условно речено, спорен кадар од постојното обвинителство само ќе се пресели во специјалното обвинителство, со сиот багаж на критикуваната политичка зависност од извршната власт.

Оспорување на законот

Вториот ризик, со кој може да се соочи не само почетокот на работата на специјалното обвинителство, туку генерално шансите на Македонија за излез од политичката кризата преку спроведување на Договорот од 2 јуни/15 јули, е оспорувањето на законот за специјалното обвинителство пред Уставниот суд.

Во провладини медиуми усвојувањето на законот се проблематизира како вовед во неуставно создавање на институционален паралелизам. Според правни експерти, политичките договори не се најпогодна форма за реформа на институциите, бидејќи секогаш постои опасност ад-хок законски решенија кои се плод на политички договор, да се најдат во одреден судир со постојните закони. Но, во актуелната ситуација, сметаат дека треба да и се даде шанса на новата институција.

„Не е исклучено дека одреден субјект може да биде мотивиран законот да го оспори пред Уставен суд. Но, таквиот потег, пред се, ќе открие нечиј огромен страв од функционирањето на специјалното обвинителство. Ако некој сака да ја блокира неговата работа, преку Уставниот суд може да се направат 'чуда': од времена мерка за забрана за работа на специјалното обвинителство, до поништување на законот. Сепак, се надевам дека тоа нема да се случи, бидејќи ќе го доведе во прашање целиот процес, а точно ќе се идентификува оној што има отпор на институционален начин да се расчистат индициите за одредени криминали“, вели нашиот соговорник кој инсистира на анонимност.

Лична безбедност

Третиот важен сегмент, е специјалната обвинителка да се чувствува безбедно при извршувањето на функцијата. Дали е тоа можно во „зовриената“ атмосфера во Македонија? Според Богданчо Гогов, професор на Факултетот за безбедност, тоа е можно само ако новата специјална обвинителка работи како досегашните 17 обвинители, задолжени за случаите кои произлегуваа од т.н. бомби на опозицијата.

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt

Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева при давањето на свечената заклетва

„Колку што и е познато на јавноста, ним во изминатите месеци не им се наруши безгрижниот живот и покрај тоа што имаа задача да проверат дали последните парламентарни избори во нашата замја се легални или криминални. Ако новата специјална обвинителка работи како нив, нема потреба од загриженост за нејзината безбедност. Но, ако се обиде, на пример, да провери одредени индиции и преземе мерки и активности за собирање на факти и докази за можните криминални активности на последните избори, тогаш не само нејзината, туку и безбедноста на членовите на нејзиниот истражен тим ќе бидат изложени на сериозни безбедносни ризици. За потсетување, ако во Кумановските настани од 9 мај годинава животот го загубија осумина полициски службеници без јасен повод и причина, а 'нормално' за македонските состојби и без институционален одговор (освен ако ја пренебрегнеме оценката на МВР дека тоа било успешно изведена акција водена од сегашниот министер), тогаш може да очекуваме дека истрага која ќе резултира со доведување под сомнение во легалноста на власта во последните 18 месеци, ќе значи напад врз криминално-парадржавна организација која го 'украла' политичкиот избор на граѓаните и која можеби е спремни да елиминираат секаква опасност по нејзините 'газди'. Во таква ситуација безбедноста на специјалната обвинителка можат да ја гарантираат само меѓународни полициски единици, какви што функционираат во Косово. Знам дека ова е негирање на суверенитетот на нашата замја, но и тоа е едно од можните решенија ако 'мафијата има своја држава во Мaкедонија'“, дециден е Гогов.

Според политичките аналитичари, засега единствената реална гаранција дека процесот ќе се одвива без поголеми проблеми, е договорот дека меѓународни експерти ќе го мониторираат процесот во обвинителството и сите аспекти поврзани со него.