Тимоние: Прашање е дали сте држава за пример во регионот | Северна Македонија | DW | 24.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Тимоние: Прашање е дали сте држава за пример во регионот

Францускиот амбасадор во Скопје Кристијан Тимоние денеска на прес-конференција се обиде да ја разјасни позицијата на неговата земја по ветото на Самитот во Брисел за Северна Македонија и Албанија

Не избрзувајте со оценки дека сте модел и пример за регионот, порача денеска на прес-конференција во Скопје, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние. Како што најави на почетокот, Тимоние планираше да одговори на сите прашања и да ги разјасни позициите на Франција во однос на проширувањето.
Тој ги отфрли тврдењата дека францускиот претседател Емануел Макрон бил осамен во блокадата на почетокот на преговорите на Самитот.

„Некои луѓе дадоа ветувања, а потоа ги префрлија на други да ги исполнат“, рече Тимоние. Тој објаснуваше дека во јавноста се создавал впечаток дека Преспанскиот договор ќе биде доволен за почеток на преговорите, но Франција поставувала и други услови кои биле игнорирани.

„Преспанскиот договор беше предуслов за да се расчисти патот, но потоа следуваа други услови. Тоа им беше пренесено и на нашите грчки и македонски соговорници. Таа перспектива беше загубена попат", тврди Тимоние. Тој обвини дека во пресрет на самитот на ЕУ се правеле „маркетиншки трикови" за да се добие впечаток дека земјата ги исполнила сите задачи за да добие зелено светло за почеток на пристапните преговори.

„Не сум сигурен дека притисоците кои беа направени придонесоа да се направи напредок“, рече Тимоние.
Клучното очекување на Париз останува реформа на методологијата на процесот на преговори, но Тимоние не успеа да објасни што е точно идејата на Франција за реформа и дали воопшто постои конкретен предлог.

Одржувајте си го моралот!

Од друга страна, тој побара од „власта и опозицијата да постигнат консензус за реформи со двотретинско мнозинство", притоа конкретно споменувајќи го Законот за обвинителство. 

„Без тоа нема да може да се направи дополнителен чекор“, рече Тимоние.

Францускиот амбасадор во неколку наврати ги отфрлаше тврдењата дека Северна Македонија е земја-пример за регионот, а има забелешки и на оценките во извештајот на Европската комисија во кој се даваше позитивно мислење за реформските напори на владата.

„Извештаите на Европската комисија беа позитивни дури и за време на претходниот режим“, забележува Тимоние.

„Добро е да си мислите дека сте држава која служи за пример. Тоа го одржува моралот. Навистина беа направени храбри чекори и тоа беше признато и од претседателот Макрон. Но не сум сигурен дека во регионот може да има држава пример. Тоа е избрзана терминологија". Тој објасни дека освен новинарката која му го постави прашањето, „не слушнал дека некој друг ја нарекува Северна Македонија земја-пример за регионот“.

„Потребен е уште голем напредок, освен на хартија треба напредок и во пракса. Реализацијата на теренот не соодветствува секогаш со очекувањата за зајакнување на правната држава, и се докажува дека одредени структурни проблеми се уште постојат, како и заминувањето на младите", оцени дипломатот.

Тимоние ја објаснуваше и мотивацијата на Макрон да не дозволи раздвојување на Северна Македонија и Албанија на самитот во Брисел. Тоа го објасни со потребата од „зачувување на рамнотежата во регионот.

Проширувањето не е затворено

„Секоја држава одделно треба да се оценува, но не можеме да го избегнеме глобално прашањето за регионот. Треба да се најде вистинска рамнотежа на таа динамика. Македонија не е сама, храбро решава одредени проблеми, но дури и да успее сама да ги реши нема да се спаси самата“, вели Тимоние.

„Очигледно е дека не може да не се земе во предвид тенденцијата која постои во таа земја (Албанија,н.з.) и ризиците во регионот за распределба на идеолошки карти под агол кој претставува своевидна опасност. Не може да ги гледаме изолирани случаите, туку постои поврзаност меѓу кандидатите“, рече Тимоние, објаснувајќи дека во регионот се уште постојат премногу отворени прашања, а во тој контекст и додаде дека „вчера положил цвеќе на гробот на Гоце Делчев“ во Скопје, алудирајќи на спорот на Скопје и Софија по тоа прашање.

Тимоние испрати и охрабрување дека темата за проширувањето „не е затворена кај претседателот Макрон“.
„Вие работете на реформите, а ние на методологијата“, порача Тимоние, потсетувајќи дека „пред нас е Загреб“.

„Макрон ги призна реформите, но и ние не сме подготвени. Ќе влезете во реновирана структура“, ветува францускиот амбасадор.

За најавената посета на Макрон на двете земји од регионот, Тимоние нема нови информации, но вели дека најавените избори во Северна Македонија би можеле истата да ја откажат.

DW.COM

Реклама