1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Тешки мини подметнати на патот пред МПЦ-ОА

17 мај 2022

Со одлуката на СПЦ, патот до конечниот статус на МПЦ-ОА е равенка со многу стапици, кои повеќе водат кон нови заплети, наместо кон расплет.

https://p.dw.com/p/4BOVQ
Nord-Mazedonien Skopje |  Kliment von Ohrid Kirche
Фотографија: DW/D. Dedovic

Соопштението од Соборот на Српската православна црква (СПЦ) oткри многу детали кои укажуваат дека патот до конечниот статус на МПЦ-ОА е равенка со многу стапици, кои повеќе водат кон нови заплети, отколку кон расплет.

Прво, СПЦ тврди дека „Светиот синод на МПЦ-ОА испратил барање до СПЦ во кое го прифаќа канонскиот статус доделен во 1959 година“. МПЦ-ОА не се огласи, сите владици без исклучок се недостапни за коментар, со што јавноста нема одговор дали навистина МПЦ-ОА на свое барање влегла во сите замки што произлегуваат од одлуката на СПЦ.

Второ, СПЦ најавува дека ќе го решава и реши прашањето на конечниот статус на МПЦ-ОА „по што треба да следува сеправославна согласност и прифаќање на тој статус“. Со ова СПЦ го заговара принципот на консензус, кој не е воведен и не постои. Дали МПЦ-ОА навистина се согласила за нејзиниот конечен статус за автокефалност да се решава по непостоечки принцип на консензус, односно да ѝ биде ставено вето од која било црква?

Трето, кога СПЦ се повикува на „дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија“, таа потврдува дека нема никаква намера да отстапи од епархиите во Македонија.

Четврто, со препораката МПЦ-ОА да го реши прашањето за своето официјално име, СПЦ топката ја префла на туѓ терен, каде „играта“ може да трае со години, што не ветува брзо решавање на конечниот статус на МПЦ-ОА.

Петто, одлуката на СПЦ по неколку линии рефлектира перфидна конфронтација со одлуката на Вселенската патријаршија за МПЦ-ОА од 9-ти мај, што не води кон „братољубиво“ решавање на ова прашање.

Serbien Der Patriarch Porfirije Perić
Соопштението од Соборот на СПЦ oткри детали кои укажуваат дека патот до конечниот статус на МПЦ-ОА е равенка со многу стапици (фото: поглаварот на СПЦ, Порфириј на литургија во Белград, 2.05.2021)Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Политика и политикантство

За сите овие аспекти коментар побаравме од професорот Цане Т. Мојаноски, поранешен претседател на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи. Тој се согласува дека соопштението на СПЦ создава бројни недоумици.

„Тоа што збунува е делот кој ‘го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно полна внатрешна самостојност, доделен уште во 1959 година’. Дали тоа значи враќање назад за 63 години? Дали, ако МПЦ-ОА не се согласела со Одлука од 1959 година, ќе имало основи да се воспостави ‘полно литургиско и канонско општење’?“, прашува Мојаноски.

Во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус, СПЦ вели дека ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пастирските принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ и слични состојби и еднострани иницијативи, и не подлегнувајќи под ничие влијание и притисок. Но, во одлуката се чита токму политикантско надмудрување со одлуката на Вселенската патријаршија, при што српската позиција е цврсто поддржана од Руската православна црква.

„Што ако МПЦ - ОА одбиеше да трага по решение надвор од СПЦ? Кои ќе се можните исходи? За одговор на овие отворени прашања постојат бројни дилеми и непознаници за кои тешко може сите до крај да се препознаат. Но, едно е централно, а тоа дека преку црковните дијалози силно се испреплетени световните интереси, кои на јавна сцена се судрени како концепти на Константинополската и Московската патријаршија“, посочува Мојаноски.

„Коска“ и за соседите

СПЦ сега практично влезе и во процес на „наддавање“ со Вселенската патријаршија, односно великодушно го нуди она што Цариград и го ускратил во однос на опсегот на нејзината јурисдикција, но патем ѝ препорачува на МПЦ-ОА дополнителни преговори со други цркви околу името. Додека Вселенскиот Патријарх зборува за исклучување на именката „Македонија“ и придавките „македонски“, „македонска“, во ставот на СПЦ се вели: Соборот нема намера да ја условува новата сестринска црква со ограничувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и дијаспората, со препорака да го реши прашањето за своето официјално име во непосреден братски дијалог со хеленофонските и останатите помесни православни цркви“.

Ukraine Besuch Bartholomäus I. Patriarch von Konstantinopel
Вселенскиот патријарх Вартоломеј (архивска фотографија)Фотографија: Anna Marchenko/Tass/dpa/picture alliance

Со оглед дека Бугарската црква ја смета Охридска архиепископија за составен дел од нејзиниот историски развој, а грчката нема да прифати име Македонија или негов дериват, СПЦ фрла „коска“ кај македонските соседи и вградува алиби за потенцијално одолговлекување на решението за конечниот статус на МПЦ.

„Што може да се претпостави од ваквите ставови? Дека прашањето на автокефалниот статус добива, или поточно може да добие нов заплет, чие решение тешко може да се предвиди. Тоа, нужно, го зголемува скептицизмот и ја изострува реториката и дијалогот. Но, прашање е дали пред нас ги имаме сите информации? Нашето политичко искуство како држава покажува дека ниту едно прашање, па ниту ова црковното, не се решава едноставно и добронамерно. Зад секое од отворените прашања постојат бројни фортификациски препреки, бројни световни интереси, кои настанале во друго време, но и денес се актуелни, а одделни субјекти сметаат дека сега им е времето истите да се остварат“, вели Мојаноски.

Иако СПЦ упатува на тоа дека конечниот статус (афтокефалноста) на МПЦ „не само што е можен туку е и целисходен, легитимен и реален“, прашање е колку во вакви околности тоа е можно.

„Овде дилемата е дека тој временски е неограничен. Тој колку што е можен, во услови какви што ги имавме со СПЦ, толку е и неможен. Овде може да се укаже дека тој став придонесува да се зголемува скептицизмот и недовербата, да се губи вербата во дијалогот и ‘братската љубов и дијалог’“, смета Мојановски.

Nord-Mazedonien Weihnachten in Skopje
СПЦ нема право да ги уредува прашањата со живот на православните верници во Македонија, вели МојаноскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Да се избегнат подметнувања

Дали има излез од ваквата ситуација?

„Тоа што јавноста кај нас очекуваше да го слушне и види во Одлуката на Соборот на СПЦ, сепак не се случи. Како што српската држава не може да ги решава и да донесува одлуки за македонските граѓани, затоа што постои македонската држава, така и СПЦ, нема право да ги уредува прашањата со живот на православните верници во Македонија. Очекувам дека по оваа Одлука ќе се интензивираат контактите со Вселенската Патријаршија и нашата црковна ерархија непосредно ќе општи со Патријархот г.г. Вартоломеј, дека низ дијалогот со него, но и со СПЦ ќе се изнајде, согласно милениумската православна традиција искуство и решение со кои ќе бидат задоволени и очекувањата на македонските верници, на нивната МПЦ- ОА, но и на СПЦ како помесна црква која пред новонастанатата политичка состојба вршела црковна јурисдикција на ова подрачје“, вели Мојаноски.

Тој се надева дека сите преземени чекори од македонската страна, се во согласност со изразената желба да ѝ се помогне на МПЦ- ОА да добие автокефален статус.

„Тоа значи, дека се има јасна визија за тоа на кој начин ќе се избегнат подметнувањата, ќе се спротивстават на уфрлањето на други прашања во дијалогот, како и во совладувањето на ‘досетливостите’ кои можат да го забават или оневозможат добивањето на автокефалниот статус“, потенцира поранешниот претседател на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.