Тешка мисија во Анкара | Свет | DW | 05.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Тешка мисија во Анкара

Проблеми има доволно: посетата на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на Турција би можела да означи почеток на приближување меѓу Анкара и Берлин.

Во март 2017 година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган лично ја нападна канцеларката Ангела Меркел, обвинувајќи ја за користење „нацистички мерки“ откако Берлин не им дозволи на турските министри да одржат предизборни митинзи во Германија. Подоцна истата година, на германските парламентарци им беше одбиен пристап до трупите на Бундесверот стационирани во воздухопловната база Инџирлик во јужна Турција, што беше причина германската војска да се повлече од базата. Покрај тоа, имаше бројни случаи во кои германски граѓани беа затворени во Турција  во последниве години.

Но, сега Турција сака да го остави сето тоа во минатото и се обидува да ги поправи односите со Германија и со Европската унија - желба која се совпадна со тековниот спор меѓу Анкара и САД и падот на турската економија.

Посетата на германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, доаѓа во време кога на Турција очајно ѝ се потребни сигурни сојузници. Но, ова ќе бара политичка акција од Ердоган. Мисијата на Мас е да се постават темели пред државната посета на Ердоган на Германија на крајот од месецов.

„Во стратешки интерес на Германија е да има конструктивни односи со Турција", рече Мас денеска  пред заминувањето за Турција.

Приоритет се затворените Германци

Прва цел на Маас е да обезбеди ослободување на седумте преостанати германски државјани, кои се затворени поради политички причини по обидот за државен удар во Турција во 2016 година. Тројца од притворените лица имаат двојно државјанство - германско и турско.

Deutschland Bundesaussenminister Heiko Maas (imago/photothek/I. Kjer)

Хајко Мас

Рој Карадаг, експерт за Турција и директор на Институтот за интеркултурни и меѓународни студии на Универзитетот во Бремен, очекува затворените Германци наскоро да бидат ослободени. „Верувам дека германските затвореници, или поточно заложници, ќе бидат ослободени за Турција за возврат да добие економска, финансиска и политичка поддршка", вели тој.

Повеќе:

-Само Ердоган може да ѝ помогне на Турција

-Треба ли Германија да ѝ помогне на Турција?

-Ердоган ќе мора да попушти

Но, Турција ќе мора да направи значителни реформи ако сака да обезбеди финансиска помош од Германија и од другите европски земји. И ќе мора да работи на тоа да ги увери странските инвеститори дека Турција е безбедно место за нивните бизниси, вели Јирген Харт, портпарол за надворешната политика на пратеничката група во Бундестагот на Христијанско-демократската и на Христијанско-социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ).

„Многу потенцијални инвеститори се германски Турци или Турци кои живеат во европски земји. Мора да има гаранција за нивните инвестиции и за личната безбедност“, истакнува тој. „Никој кој патува во Турција не би требало да се плаши да биде уапсен само затоа што изјавил нешто што не е ѝ одговара на власта во Анкара.“

Нов бегалски бран во најава

Исто така, на агендата за време на посетата на Мас ќе биде иднината на конфликтот во Сирија. Додека сириската влада се подготвува да започне офанзива против последното големо упориште на бунтовниците во провинцијата Идлиб, Обединетите нации предупредуваат на нова хуманитарна криза. Турција, која веќе е домаќин на речиси 3,5 милиони сириски бегалци, стравува од нов бран бегалци.

Цел на Германија е да спречи натамошна воена ескалација во регионот, додека се обидува да се фокусира на поствоениот систем на уредување во Сирија. Според Бијан Џир-Сараи од Либералната партија ФДП, цел е да се има политичка рамка што ќе им овозможи на сириските бегалци да се вратат во својата татковина.

„Ова е важно. Сепак, не треба да се заборави дека Турција е важен актер во прашањето за бегалците и ќе ни биде потребна поддршка од Турција“, вели тој.  Едно е сигурно, што се однесува до Рој Карадаг: „Во интерес на Германија е да спречи уште поголем број бегалци да дојдат во Европа.“

Шансите дека посетата на Хајко Мас и покрај сите тешки услови може да биде почеток на ревитализација на односите Берлин-Анкара не се лоши, сметаат експертите. Вториот дел од потенцијалниот процес на приближување е истотака утврден. На крајот на септември, турскиот претседател Ердоган доаѓа во државна посета на Берлин.

DW.COM

Реклама