Тешка владина криза во Хрватска | Свет | DW | 27.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тешка владина криза во Хрватска

По барањето на хрватскиот премиер Пленковиќ за разрешување на тројца министри од редовите на помалиот коалициски партнер, најмладата членка на ЕУ е потресена од тешка владина криза.

Премиерот на Хрватска и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ побара денеска на седницата на владата разрешување на тројца министри од Мост, коалицискиот партнер на ХДЗ во владата.

Причина е тоа што тројцата министри од Мост- за внатрешни работи Влахо Орепиќ, за правда Анте Шпрље и за животна средина Славен Добровиќ- гласаа против предлогот владата да го одбие барањето на опозицијата за покренување на прашање за доверба за министерот за финансии Здравко Мариќ. Поради гласањето против неговиот предлог, Пленковиќ наложи да се подготви одлука за нивно разрешување.

Опозициската Социјалдемократска партија (СПД) предложи поставување на прашање за доверба во Собранието за министерот за финансии Здравко Мариќ поради кризата во Агрокор.

Kroatien Finanzminister Zdravko Maric (picture alliance/PIXSELL/P. Macek)

Хрватскиот министер за финансии, Здравко Мариќ

СДП тврди дека Мариќ не може да ја извршува таа функција со оглед на тоа дека пред доаѓањето во владата бил на функцијата извршен директор за стратегија и пазар на капитал во проблематичниот хрватски концерн „Агрокор“.

Лидерите на Мост веќе неколкупати во медиумите се изјаснија негативно за министерот од ХДЗ.

Премиерот Пленковиќ ги отфрли сите критики на сметка на Здравко Мариќ, посебно оние кои се однесуваат на евентуалниот конфликт на интереси за министерот за финансии.

„Многу јасно зборуваме дека е факт оти едно време бил вработен во Агрокор, но не можел да знае ниту да има одговорност за овие процеси кои се одвиваа во изминативе месеци и недели“, додаде тој. Коалициската влада на ХДЗ и Мост има 20 министри од кои 16 се од ХДЗ, а 4 од Мост.

Станува збор за прва голема криза на власта во Хрватска од формирањето на коалициската влада на ХДЗ и Мост во есента минатата година. Претседателот на Мост и  на хрватскиот Сабор, Божо Петров, оцени дека премиерот и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, со одлуката да смени тројца министри од Мост започнал со уривање на владата.

Kroatien Bozo Petrov Politiker

Божо Петров

„Со овој чин почнува уривање на владата. ХДЗ за една година по вторпат ја урива сопствената влада“, им рече Петров на новинарите по неочекуваната одлука на премиерот. Четвртиот министер од редовите на Мост, Иван Ковачиќ, не беше на седницата на владата, но во изјавата за „Т-портал“ рече оти го поддржува ставот на министрите од Мост.

Петров рече дека министрите од Мост не гласале против владата, туку против Мариќ и оти нема да ја уриваат владата и истакна дека Пленковиќ е тој „кој треба да одговори дали ќе ја урива“.

„Мост сноси одговорност за своите министри, а министерот за финансии Здравко Мариќ е одговорност на ХДЗ“, рече Петров.

 

Реклама