Што знаеме досега за трагедијата во Тетово: Повеќе прашања од одговори | Северна Македонија | DW | 11.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Што знаеме досега за трагедијата во Тетово: Повеќе прашања од одговори

Четворица водечки функционери, меѓу кои министерот за здравство Венко Филипче и директорот на клиниката, Флорин Бесими веќе поднесоа оставки по трагедијата во Тетово. Но многу прашања остануваат неодговорени.

Северна Македонија Тетово Болница

Увид на експерти во тетовската модуларна болница

Вечерта на 8 септември во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на државата. Досега е потврдена смртта на 15 лица, од кои 14 биле директни жртви на огнената стихија. Последната жртва е 20-годишна жена која починала пред почетокот на пожарот. Најмалку 12 лица беа повредени, но сите се во добра и стабилна состојба. 

Пожарот избувнал од, засега, сѐ уште неутврдени причини. Очевидци, пожарникари и припадници на полицијата, дел јавно, а дел неофицијално, го поврзуваат почетокот на пожарот со настан во една од просториите на болницата каде биле сместени пациенти и од каде за првпат се слушнале извици за доаѓачката опасност: „Пожар!" 

Потоа во болницата настанал хаос во кој секој се обидувал да спаси жива глава. Дел од пациентите бегале и преку прозорците. 

Според зборовите на координаторот на ковид-центарот во тетовската болница, Гзим Нуредини „сѐ се случило за 3-5 минути". 

„Сето тоа траеше од три до пет минути. Медицинските екипи, вработените и лица коишто беа надвор, роднини коишто сакаат да комуницираат со нас… сите тие помогнаа и, замислете, сѐ се случи за само три минути. За тоа време се спасија само овие 12 пациенти. Другите не успеаја бидејќи пламенот за кратко време го зафати целиот простор“, изјави Нуредини во петокот. 

Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, пожарот бил изгаснат за 40-ина минути, но веќе било предоцна и за жртвите и за болницата.

Оттука натаму остануваат многу неодговорени прашања. 

Гледај видео 01:10

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар

Роднини и пријатели во болницата 

Таа вечер во болницата запишано било присуството на 26 пациенти, двајца лекари и четири медицински сестри. Дали и колку надворешни лица биле присутни во објектот, засега нема одговор. Нуредини во петокот објасни дека дополнително ќе се утврдува кој и зошто бил внатре, но вели дека посетите во вакви оддели се строго забранети. 

„Секоја посета е казнива. Ние и порано имавме укажувања дека наводно имало посети. Веднаш пративме известувања до сите да не се дозволува посета. Дали имало некој случај, не знам. Овде има и вработени во ковид-клиниката кои доаѓале кај свои блиски, некои им се и роднини. Сега бараме да ни дадат имиња кои биле тие роднини и дали биле вработени во ковид-центарот. Но, сите што влегле биле со маска и ги почитувале протоколите“, вели Нуредини. 

Јавното обвинителство, пак, соопшти дека две од жртвите не биле пациенти во болницата.

Дојче веле правеше видео репортажа за состојбата во ковид-центарот во Тетово на 2 септември годинава, помалку од една недела пред несреќата. Камерата на нашата новинарка и тогаш забележа присуство на роднини и пријатели на пациентите во објектот. Дел од нив, во скафандери и со целосна заштита, седеа покрај креветите на пациентите. Други слободно се движеа во и околу болницата.
Еве го тоа видео. 

Гледај видео 01:24

Борба за живот во тетовската болница

Помош за болничкиот персонал?

Министерот Венко Филипче во четвртокот изјави дека „посети во инфективни одделенија и ковид-центри се забранети“. Неколку од пациентите, кои се спасија од пожарот, во изјави за медиумите велат дека присуството на роднини во ковид-центарот во Тетово било дозволувано поради недостатокот на медицински персонал. 
Телевизија Телма објави видео-сторија од тетовската болница уште на 26 ноември минатата година во која, и роднини на пациентите и надлежните од болницата, потврдуваат дека е дозволено нивно присуство кај болните, иако од различни причини. Роднините на пациентите тогаш објаснуваа дека „побарале и добиле дозвола да му помагаат на болничкиот персонал“. Од болницата, пак, објаснуваа дека тоа било дозволено, но „не и препорачливо". 

„На инсистирање на роднините може да се влезе во собите, меѓутоа тие задолжително облекуваат скафандери, маска и друга заштитна опрема. Влегуваат за да им донесат лекови или за да го видат болниот, но тие се задржуваат кратко, бидејќи постои ризик и за нив и не е препорачливо. Значи тоа е на нивно барање, а не поради тоа што нема доволно кадар“, ќе речат од тетовската болница. 

Северна Македонија Тетово Пожар

Роднини на настраданите во пожарот во тетовската болница по катастрофата

Технички спецификации 

Додека се чекаат резултатите од официјалната истрага најголема врева во јавноста се крена околу квалитетот на модуларните болници кои беа градени по кратка постапка, со тендер од Светска банка. Најостро реагираше фирмата „Брако“ која ги отфрли сите шпекулации дека нешто не било во ред со изведбата на објектите. И Владата и Министерството за здравство експресно оценија дека овие провизорни ковид-центри среде пандемијата биле градени согласно сите светски стандарди.Првичниот сомнеж во таа насока го отвори економскиот директор на тетовската болница Артан Етеми кој на 15 април, ден по отворањето на ковид-центарот, се пожали на „ситни пропусти“. Ден по несреќата, Етеми рече дека се работело за ситници како „поправка на подот во ходникот, инсталација на туш кабина или ставање заштитна ограда". Во петокот, тој и директорот на Клиниката во Тетово, Флорин Бисими си поднесоа оставки на функциите. 

Протипожарна заштита

Понатаму, јавноста сѐ уште нема целосен одговор на прашањето дали и каква противпожарна заштита имале објектите, конкретно тетовскиот кој, според сведочењето на многумина, изгорел за рекордно брзо време. Според Нуредини, на располагање биле противпожарни апарати. Според Емши Ибим, човек кој ги загуби таткото и братот во пожарот, во објектот немало ни противпожарни апарати, ниту каква било друга противпожарна опрема.

Следната дилема на која одговор ќе треба да даде истрагата на Јавното обвинителство е околу квалитетот на материјалите употребени во изградбата на модуларната болница. И повторно, сомнежот е поврзан со брзината со која изгоре објектот.  

Северна Македонија Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче поднесе оставка во петокот, на 10 септември

Министерот Филипче во четвртокот од говорница ја покажа целата техничка документација за проектот, но досега не ја даде на увид на јавноста. Се чека завршување на истрагата. Прашањето, според министерот, не е со какви стандарди е изградена болницата, туку на кој „начин е одржувана и раководена по примопредавањето“.

Но, во петокот веќе се појавија информации во неколку медиуми дека за модуларните болници во земјата не бил вршен технички прием, туку само биле „примопредавани“. Слично тврдеше и тетовската градоначалничка Теута Арифи, која рече дека за модуларната болница не била издадена дозвола за градба, затоа што била изградена со специјален закон.

„Ни беше официјално побарано да имаме доток на вода и канализација, само тоа беше наша обврска, без технички прием“, вели Арифи.

Во меѓувреме, најавено е доаѓање на експерти на германската Сојузна служба за криминалистика (БКА) кои треба да помогнат во утврдување на причините за несреќата. Засега, надлежните единствено ја исклучија можноста дека пожарот бил намерно подметнат. 

Филипче во петокот поднесе писмена оставка, а му се придружи и заменик-министерот Илир Хасани. 

DW.COM